Ексклузивно : Возевме – Audi Q4 Sportback 45 e-tron

Повеќе сила, поголема автономија и побрзо полнење

Со постојаното пристигнување на нови брендови и модели, конкуренцијата кај БЕВ се разгорува. Audi очигледно го чувствува тој притисок и презеде чекори за да го одржи својот електричен кросовер свеж, релевантен и конкурентен.

Што е Audi Q4 Sportback 45 e-tron?

Старите модели Q4 e-tron 40 и 50 повеќе ги нема, а ознаките 45 и 55 стапија на сцена. Возениот Audi Q4 Sportback 45 e-tron сè уште користи батерија од 77 kWh, но со подобрената хемија, нов електричен мотор и други модификации, доби значителни засилувања во моќноста и ефикасноста. Како што сугерира неговото име, Q4 e-tron е сместен помеѓу Q3 и Q5 и е најмалиот целосно електричен модел што го произведува Audi.

Изведбата Sportback е многу слична на стандардниот Q4 e-tron, но доби ново обликуван заден дел, со потесен заден прозорец и спуштена линија на покривот, а сериски има и побогата опременост. Поставен на платформата за електрични возила MEB на Volkswagen Group, Audi Q4 Sportback 45 e-tron ја користи истата основа како Skoda Enyaq и VW ID.4, но е осетно поскап од нив.

Цена и услови на набавка

Audi Q4 Sportback 45 e-tron чини 84.000 евра што е позамашна сума на пари, но оние што го посакуваат имаат олеснителна околност. Преку стариот и проверен пријател на купувачите на возила Шпаркасе Лизинг работите стојат порозево.

Имено, нашата најголема лизинг компанија во соработка со ЕБРД одобрува субвенција во висина од 5% од цената неоптоварена од давачки на овој електричен премиум кросовер или, народски кажано, попуст изнесува 3.495 евра. Така за месечна рата од 1.417 евра во траење на лизингот од 60 месеци  Audi Q4 Sportback 45 e-tron ќе биде ваша гордост.

На прв поглед

Однадвор, Q4 Sportback e-tron не изгледа како драматично отстапување од стандардниот модел. Најочигледната разлика помеѓу двете верзии е линијата на покривот, која се пробива до задниот дел на автомобилот, што резултира со помали задни странични прозорци. Алуминиумските аеродинамични тркала од 20 инчи, LED светла напред и назад со уникатен потпис за дневни светла, доминантната маска на ладилникот, затемнетите задни стакла и спортската контура прават Audi Q4 Sportback 45 e-tron да биде респектабилна појава и гордо да ги носи четирите прстени.

Во кабината на Audi Q4 Sportback 45 e-tron

Внатрешниот простор навистина не е компромитиран од различниот стил на каросеријата. Приближно со големина на Audi Q3, има простор внатре за да одговара на поголемиот Q5. Распоредпт на кабината ќе им биде познат на секој што возел Audi, така што транзицијата кон електрификација ќе биде безболна.

Тоа значи дека квалитетот на внатрешноста е првокласен, со многу меки материјали и висококвалитетна опрема. Инфозабавниот екран и контролите за климатизација се наклонети кон возачот, така што лесно се контролираат додека се движите. Моделите со врвни спецификации доаѓаат со хексагонален волан со четири краци кој изгледа особено футуристички и во склад со остатокот од модерниот дизајн. Генерално, кабината е стилска и има луксузно чувство со квалитетни материјали и солиден квалитет на изработка. Спортските седишта се пресвлечени со кожа, тие се загреваат напред и имаат четиринасочно електрично лумбално прилагодување.

Интерфејсот на Audi е интуитивен за користење, но можете да го поврзете телефонот и да го користите Apple CarPlay безжично или Android Auto со USB конекција. За возачот доделен е 10,25-инчен дигитален дисплеј со јасна графика за сите податоци за возење. Иако има физички копчиња за ракување со поставките за контрола на климата кои лесно се прилагодуваат додека возите, сепак имате мултифункционални копчиња чувствителни на допир на воланот.

Возејќе го Audi Q4 Sportback 45 e-tron

Со погон на задните тркала Audi Q4 Sportback 45 e-tron сега произведува 282 КС и 545 Nm, доволно за спринт од 0-100 км/ч за 6,7 секунди. На самиот почеток се чувствува неговата спортска нишка која се открива само со благо притискање на педалата за забрзување. Автомобилот весело се огласува и способен е веднаш да „катапултира“.

Низ град и при мали брзини, Q4 Sportback е мазен и лесен за маневрирање. Во сообраќај со запирање-поаѓање, можете лесно да го изберете режимот B на менувачот и да се префрлите на возење со една педала. За оние кои прв пат ја користат оваа можност, ќе биде потребно малку време да се навикнат, но е благодет во сообраќаен метеж. Системот за регенеративно сопирање најдобро функционира при помали брзини во урбани циклуси на возење и ќе ја поврати енергијата при сопирање за да ја наполни батеријата.

При брзини на автопатот, тој е удобен крстосувач а седиштата се конфорни на подолги патувања. Без бучава од моторот Audi Q4 Sportback 45 e-tron е тивок, многу потивок од неговите роднини. Ќе забележите некој ветер и бучава од гумите при брзини на автопатот, но ова не е  Rolls-Royce. Во свиоци ќе ја забележите тежина на возилото. На нерамни и груби површини на локални патишта, цврстата спортска суспензија е многу позабележителна. Управувањето е лесно и брзо, но тоа е тежок автомобил и покрај името Sportback, не е баш спортски за возење. Иако е со погон на задните тркала, поставувањето е дизајнирано да биде безбедно, па додека исклучувањето на контролата на тракцијата предизвикува лизгање кога е испровоциран, тоа чувство е забавно искуство.

Резултати од возењето на Audi Q4 Sportback 45 e-tron

Спореден со уште 12 други БЕВ кои ги тестирав во рамките на ECOBEST Challenge на AutoBEST, „Господарот на прстените“ во потполност го оправдува својот епитет. Со едно полнење на батеријата извозевме 471 километар, што е само пет км помалку од фабрички декларираната автономија, остварување ретко во светот на БЕВ! Тоа значи дека има просечна потрошувачка од 6,12 км/kWh, но за потполно полнење на батеријата со нето капацитет од 77 kWh повлекува 84,91 kWh струја.

На полнач со моќност од 350 kW за полнење да се помине 100 км потребни се само девет минути. И она што секого го интригира. Откако системот ќе ви покаже дека батеријата ви е потполно празна, имате струја да поминете уште девет километри.

Заклучок

За многу купувачи, се чини дека нема смисла да платат повеќе за Audi Q4 Sportback 45 e-tron во однос на еквивалентите на VW и Škoda, но тоа ја промашува поентата. На крајот на краиштата, колку луѓе избрале A3 наместо Golf? Q4 e-tron секако одговара на значката на Audi во однос на престижот, удобноста и квалитетот, а уште подобро се вклопува стилски. Тоа само по себе доаѓа со многу малку компромиси, што значи дека е корисен електричен автомобил со многу простор, одличен електричен погон, забележителни возни својства и одлична автономија.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER