Доналд Трамп ги повикува BMW, Daimler и VW на разговор
Потклекнува ли американскиот претседател пред своите закани за царини на европските автомобили?
Објавено на 23 ноември 2018 година
Претседателот Трамп веќе со месеци се заканува со воведување царини за сите автомобили кои се произведуваат во Европската унија, од што најмногу ќе страдаат германските марки BMW, Mercedes и Volkswagen. Аналитичарите предупредуваат дека ваков потег не само што од темел ќе го раздрма нивниот модел на работење, туку и дека ќе има долгорочни последици по целата индустрија. Но Трамп на тоа остануваше глув сé досега, кога се дозна дека од неговиот кабинет е испратен повик до челниците на споменатите компании за состанок во Белата куќа на кој ќе се разговара за американските царини. Состанокот би можел да се одржи веќе идната недела, а не е познато дали на него лично ќе присуствува и самиот Трамп.
Сепак сé е неизвесно бидејќи Германците ниту ги потврдуваат ниту демантираат информациите за поканата, очигледно сакајќи претходно да се консултираат со своите власти, а ниту американската администрација не ги коментира. Официјално воведувањето американски царини за европските автомобили е во фаза на мирување – пред да повлече нареден чекор Трамп чека дали со Европската унија ќе започнат преговори за олабавување на другите трговски бариери. Бидејќи шансите за разговори со Брисел се слаби, некои овој потег го толкуваат како иницијална каписла за покренување на целиот тој процес а не вистински разговори за болната тема. Посебно затоа што самиот Трамп повеќе пати гласно го има кажано својот став: „Ако сакате да продавате, произведувајте кај нас“. Во моментов тоа го прават сите споменати марки – Volkswagen ги произведува Passat и Atlas во Тенеси, Mercedes C-класата, GLE и GLS во Алабама, BMW скоро цела X-линија во Јужна Каролина, а таму од скоро и Volvo го произведува новиот S60. Со тоа, листата европски автомобили произведени во САД завршува.