Големината е важна
Кога Rolls Royce го претстави Cullinan повеќе од јасно беше дека огромно спортско-корисно возило со знакот на BMW набргу ќе се појави на пазарот. Со Х7 Баварците покажуваат дека имаат доволно аргументи да ги засенат производите на конкуренцијата и да привлечат внимание на клиентите со длабок џеб.
Објавено на 30 јуни 2019 година
автор: Крумислав Барзов
Кога BMW ги покажува мускулите тоа го прави на најдобар можен начин. Во нашето соседство помина најлуксузниот караван на баварските машини составен од првенецот Х7 и веќе докажаната луксузна лимузина од серијата 7. Во фокусот ни остана луксузниот Х7 чија појава и опременост нé маѓепса. Со колосални но складни димензии силната појава е достојна на восхит. Колосалните пропорции ветуваат многу простор во внатрешноста кој е манифестиран и преку удобниот трет ред на седишта што луксузното спортско-корисно возило го прават и комби со капацитет од седум патници. Да бидам искрен не знам зошто толку се потенцира овој факт кога има, според мене, многу повеќе работи да се истакнат. Како на пример раскошот и прецизната изработка на ентериерот, огромниот список на технологија за безбедност, моторите…
На предницата на BMW X7 доминираат „бубрезите“ на чиј врв е поставен исто така предимензионираниот амблем на марката
Обично кога ќе се споменат тркала од 22 инчи се мисли дека тие ќе изгледаат огромни, но на оваа каросерија тие изгледаат многу нормално
Големите затемнети стакла и покривните носачи придонесуваат да се замаскира големината на Х7. Сепак останува првиот впечаток дека Х7 е огромен. Тоа се забележува и во внатрешноста. Предните седишта се големи дури и за возач со позамашни пропорции. Задната клупа како од шега прима три патници додека двете седишта во третиот ред нудат комфор но до нив се доаѓа малку покомплицирано. Дури и кога се во функција во багажникот остануваат 326 литри простор. Кога сакате да натоварите поголем товар можете да ги соборите седиштата од вториот и третиот ред преку електричните команди во багажникот па дури и да ја смалите височината на задната оска, опција која оди само со воздушно потпирање. Кога се наоѓате зад управувачот на Х7 станувате свесни за големината. Седењето е високо од каде возачот има птичја перспектива на патот.
Иако има „само“ шест цилиндри во линија моторот располага со четири турбо полначи, испорачува 400 коњи и камионски 760 Nm при 2.000 вртежи во минута што е доволно да искорне куќа од темели!
Притисок на копчето за стартување го буди моторот чие работење го следи резонантен звук и благи вибрации кои одат во прилог на спецификацијата. Наспроти колосалниот вртежен момент повеќето возачи на Х7 М50d нема да почувствуваат битна разлика секојдневниот сообраќај. Кога се вршат нагли забрзувања во прв план доаѓаат 2,3 тони тежина на каросеријата. Кога пак се вози во свиоци тежината не доминира. Одличното потпирање уште подобро ја анулира тежината и не дозволува инерцијата да ги преземе работите во свои раце. Така возачот во секој момент ја има контролата над ситуацијата а како дополнителна помош се јавуваат електронските асистенти за безбедност кои функционираат како швајцарски часовник.
Кога BMW Х7 е во нормален модус на работа, сите динамички перформанси се линеарни и очекувано. Вистинска трансформација се случува кога се префрли во спортскиот модус. Тогаш реагирањето на моторот се подига за едно ниво повисоко а тоа го проследува и со воздушното потпирање кое станува потврдо. Кога се форсира низ свиоци на помош пристигнува електронски нагледуваниот заден диференцијал кој будно го следи дистрибуирањето на силата што е од особено значење за високиот центар на гравитација и тежината која ја има Х7. Нашето тест возило беше опремено со Executive Drive Pro system кој придонесува кон намалувањето на наклонувањето на каросеријата во свиоци што дава поголема самодоверба на возачот на поголеми брзини. Голема помош доаѓа од опционалниот Integral Active Steering. Овој систем преку управувањето и на задните тркала пружа зголемена маневрабилност при паркирање и помали брзини, но и вртење на задните тркала во иста насока со предните што пружа поголема стабилност при поголеми брзини.
Два од турбо полначите се задолжени за работење на помали брзини и го прават моторот агилен и одговорен на забрзувања
Окружувањето е луксузно, изработено прецизно и исполнето со два огромни дисплеи задолжени за информирање и контролирање на сите функции на возилото, а доколку имате време ќе откриете дека ги има на претек
Сепак мене не ми беше предизвик брзо да ја возам Х7. Иако е дијамант во поглед на механиката јас сакав да уживам во секој изминат километар. Во тоа ми помогнаа двата LCD дисплеи од 12,3 инчи на кластерот за инструменти и инфотејнмент системот. Кристално чистиот звук што продираше од аудио системот Harman/Kardon скоро совршено се вклопуваше со звукот на спортската издувна гранка која доаѓа како стандардна во изведбата М50d. Лично сметам дека нема да ви треба повеќе сила во возило со димензии на Х7 што го има во верзијата М50d. Таа е остра на реакции и одлично одговара на сите стилови на возење. Економичноста е сосема прифатлива доколку се земат во предвид фактите на тежината, но и на силата на моторот – 12,1 литар просечна потрошувачка е сосема прифатлива, особено за просечните купувачи на Х7 кои се далеку, далеку над финансискиот просек.
Она што е постигнато со Х7 М50d е фасцинантно. Да се направи така масивно возило со високо ниво на луксуз а лесно за возење како компакт додека не го возев Х7 мислев дека е невозможно. Големината и технолошката близина со раскошниот Rolls Royce Cullinan го прави најголемиот Баварец вреден за парите и за статусот кого претенциозно го најавува.
основни податоци BMW X7 M50d | |
мотор: | 6 цилиндри, 4 вентили по цилиндар, директно вбризгување на горивото, четири турбо компресори, 2993 cm³, 400 KS при 4.400 min-1, 760 Nm при 2.000-3.000 min-1 |
трансмисија: | автоматски менувач со 8 степени, погон на сите тркала, пневматици со димензии 285/45 R21 |
каросерија: | SUV со 5 врати, 7 седишта, 5.151×2.000×1.805 mm, меѓуоскино растојание 3.105 mm, тежина 2.460 kg, максимална тежина: 3.290 kg, багажник: 326/2.120 dm³, резервоар 80 литри |
перформанси: | максимална брзина 250 km/h, забрзување 0-100 km/h за 5,4 секунди, просечна потрошувачка 7,0 l/100 km, емисија на CO₂ 185 g/km |
цена: | 135.910 евра |