Моќен изглед и максимум задоволство во возењето
По есенската претпремиера, новиот Peugeot 508 конечно се најде и на нашите патишта – бевме меѓу првите што го пробаа
Објавено на 18 март 2019 година
автор: Зоран Коцев
Досега го видовме повеќе пати, но сега имавме можност и да седнеме зад управувачот на новиот Peugeot 508 на тест возењето кое Еуроимпекс го организираше за новинарите. Патувавме до Битола, градот во кој традиционалното и модерното се испреплетуваат на својствен начин. На располагање ни беше скоро целата гама – бензинците со 180 и 225, како и дизелите со 160 и 180 коњски сили. Недостасуваше само основната верзија со 130-коњскиот дизел, која единствена е без новиот автоматски менувач со 8 степени на пренос. Прва дестинација ни беше новото дилерство на Peugeot во Битола, компанијата 365 Ауто, каде меѓу нас ги разменивме своите импресии од возењето.
А тие беа скоро едногласни – француската лимузина е радикално нова и нема ништо заедничко со претходникот кој добри 8 години издржа на пазарот. Таа повеќе не е семејно ориентиран модел, туку трендовско купе со моќен дизајн. Острите линии и одлучно извлечените рабови доминираат со изгледот кој привлекува сечиј поглед. Агресивноста е нагласена со маската дизајнирана како стартно-целно знаменце, сместена меѓу благо вовлечените главни ЛЕД светла. На тоа се надоврзуваат и дневните светла кои кај поскапите верзии се изведени налик на забите на лавот. Скоро рамните површини на поклопецот на моторот, вратите без рамки за стаклата и линијата на покривот што се спушта ја дефинираат брзата силуета. Целината складно е заокружена со малку меко обликуваниот заден дел со високо поставени светла.
И внатрешноста која е со луксузни материјали и беспрекорно изработена е подеднакво модерна и сосема поинаква од онаа на досегашната 508-ка. Во неа владеат третата генерација на дигиталниот i-Cockpit и малиот управувач несвојствен за возило со ваква големина. Седењето е ергономско и дава впечаток дека возилото е обвиткано околу возачот. Тоа не е само чувство туку последица на помалите димензии (за 8 сантиметри е пократок и за 6 понизок), на што ќе реагираат купувачите кои конзервативно повеќе ги ценат традиционалните вредности на марката. Меѓу нив секако е и пространоста, која спротивно на нашите очекувања не е нарушена на задните седишта. Ваквиот пристап го комплетира целокупниот спортски карактер во кој возачот е фокусиран на патот пред себе.
А новиот 508 него го голта со леснотија. Би рекле без разлика на силината на моторот, но не е така. Всушност и дизелот со 160 коњски сили на кој му посветивме најмногу внимание е сосема доволен за остварување на сите желби. Но сепак заради самото чувство што го всадува 508, возачот некако очекува повеќе. За тоа придонесуваат и неутралното однесување во свиоците и одличното држење на секаков вид асфалт. До толку што враќање на возачките амбиции во реалноста може да предизвикаат само полициските радари. Ние имавме среќа да ги избегнеме, но купувачите на новиот Peugeot 508 треба и казните за брзо возење да ги додадат на цената што ќе ја платат за него. А таа е во согласност со она што се добива – од 33.600 евра за основниот модел, преку 41 илјада за дволитарскиот HDi 160 Allure кој сигурно ќе биде најпопуларен меѓу купувачите, па сé до 49.500 евра за најскапата 1.6 PureTech 225 GT изведба.