Втор ден хаос во центарот на Скопје
Ќе мора ли ПОЦ да ја преиспита својата одлука за поскапување на паркирањето во центарот на Скопје за 20 денари по час?
Објавено на 14 јануари 2020 година
Тешко прашање, уште потежок одговор бидејќи работите се измешаа уште на самиот почеток. Прво, намерата на јавното претпријатие Паркинзи на општина Центар, а со тоа и на советниците од самата општина кои ги застапуваат интересите на нејзините жители, не може да не влијае на сите други кои живеат во Скопје, па дури и во цела Македонија. Заради тоа и првите реакции стигнаа од адреса од која не се очекуваа – луѓето кои не живеат во Центар ама ги користат нивните паркиралишта за да можат да си ја вршат својата дејност, во овој случај оние од зелениот пазар. Тие сметаат дека со ова одлука ним им се нарушуваат сметките за заработувачката која сметаат дека треба да ја имаат и тоа гласно и јасно го изразија со протест и блокирање на улиците во непосредната околина. Од општината пак одговорија дека истите тие што протестираат со години наназад го злоупотребуваат досегашниот систем, посебно оној на паркиралиштето во нивната најнепосредна близина – Аутомакедонија.
Од спротивставените аргументи на двете страни најмногу зијан ќе имаат сите оние кои случајно или намерно имаат потреба од паркирање во центарот на градот. Тие ем ќе плаќаат повеќе, ем нема да можат да дојдат до место за паркирање. Како ќе се надмине сегашната ситуација, тешко е да се каже.


