Возилата „златна кокошка“ за секој буџет

Top News Занимливости

Возилата „златна кокошка“ за секој буџет

Колку возилата ги полнат буџетите на големите европски земји?

Објавено на 28 април 2020 година

Уште многу одамна се вели дека автомобилите се потреба а не луксуз, но не мислат сите така. Посебно не во даночните служби кои од нив полнат добар процент на државните буџети. Колку се длабоки џебовите на возачите ни покажа европската асоцијација на автомобилски производители ACEA. Таа во својот најнов извештај вклучи 14 големи европски земји кои годишно собираат дури 440 милијарди евра од возачите. Земени предвид се сите давачки – од оние при купување на возило, преку разните даноци и такси што се плаќаат при регистрација или сервисирање до оптоварувањето на горивото што го трошат. Најмногу пари од возачите собира буџетот на Германија – дури 93 милијарди евра. Следат Франција и Италија со 84 односно 76 милијарди евра, додека зад нив е Велика Британија со 54 милијарди. Во споредба со нив другите земји се далеку поскромни и од возачите годишно собираат меѓу 6 и 30 милијарди евра.

Ако пак ги споредиме сумите што се слеваат во државните буџети со вкупниот број на возила, ќе добиеме доста интересни бројки. Според нив даночниците во Белгија најдлабоко им бркаат во џебовите на возачите, од кои годишно во просек им вадат по дури 3.570 евра. Изненадувачки скапо наплаќаат и во Финска и Ирска, по околу три илјади евра. Блиску е и Австрија со 2.860 евра, додека најскромен во тој поглед е буџетот на Шпанија со 1.240 евра приходи од секое возило. На златната средина со во просек околу две илјади евра наплатени во просек од секој возач годишно се Германија, Италија и Португалија.