Возевме – Opel Astra 1,5 D Ultimate

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Ѕвезда водилка

Помина половина година откако се соочив со осмата генерација на Astra во Португалија каде имав можност да седнам зад управувачот на сите изведби. Уште тогаш посакав да ја возам во наши услови. Таа желба ми се оствари.

Astra е важен автомобил за Opel. Тоа е првиот целосно нов модел што марката го лансираше откако беше апсорбирана во супер групата Stellantis и влегува на многу конкурентен пазар.

Претходната Astra не беше баш водечка во класата кога беше повлечена од салоните кон крајот на 2021 година бидејќи поновите ривали понудија попривлечни возачки искуства, повеќе технологија и подобар квалитет на изработка. Opel го препозна ова, а неговите инженери ги стегнаа ремените за новиот автомобил. Тие ја претворија Astra во соодветно посакуван хечбек – изгледа фантастично и има дарежлива количина на стандардна опрема. До душа, тест возилото е во изведбата Ultimate, а во неа има опрема на претек што е охрабрувачки показател за смерот каде се движи Stellantis како компанија. Пред се неколку збора за дизајнот. Веќе на прв поглед јасно е дека ништо не е оставено на случајот и самиот изглед праќа порака дека се работи за модерно и атрактивно обликувана надворешност. Избегнати се компликациите. Формираната контура има чисти линии, па дури и предницата е модулирана во тој дух.

Наречен „Визор“, тоа е дизајнот што ја дефинира предницата на новите модели на куќата и врамен е со фарови опремени со втората генерација на „интелилукс“, целосно автоматизирани ЛЕД светла што возењето навечер го претвораат во потполно ново искуство.  Задниот дел логично ја следи пораката започната на предницата и допринесува за формирање на складна и атрактивна целина поставена на 18 инчни тркала кои допринесуваат на севкупниот атлетски впечаток. Не би сакал да трошам многу зборови околу дизајнот. На кратко – овој стил ми се допаѓа. Пред да започне мојот продолжен викенд се сместив на возачкото седиште. Astra ја дели платформата со Peugeot 308. Сепак самостојноста во одлуките околу дизајнот и ергономијата останаа привилегија на тимот од Руселсхајм. Тука се чувствува поинаквиот стил на седење кој дава далеку поголем избор на возачот, а двата интегрирани дисплеи од 12,3 инчи (Pure Panel) оддаваат далеку по ергономска поставеност за разлика од  i-Cockpit контролната табла на Peugeot. Тоа во голема мерка се должи со поставеноста на воланот кој, повторно ќе го споменам францускиот близнак, е многу ниско поставен во 308.

Амбиентот во внатрешноста е скроен да пружа самодоверба. Насекаде се забележува симетријата, функционалноста и лесното приспособување на потребите на возачот. Поради зголемената основа понуден е поголем простор па, осем комоцијата, насекаде има простор за одложување на дребулии. Анатомските седишта електрично дотерувани го прифаќаат телото и во нив, покрај удобноста, рбетниот столб добива анатомска потпора. Уште ми остана да го поврзам телефонот со инфо-забавниот систем и моето патешествие може да започне. Релативно лесно се пронајдоа уредите. Сега апликацијата Android Auto работи непречено, а на централниот дисплеј се рефлектираат сите функции на телефонот. Веднаш под него се наоѓа отворено куќиште за мобилниот телефон со индукционо полнење.

Тоа е тоа, време е да се вози!

Стартувањето на 1,5 литрениот турбо дизел го следи култивиран звук. Во тестираната верзија е впарен со автоматски осум степен пренос што на големо се користи кај сите модели на групацијата Стелантис. Првите километри ги поминав во градски услови каде брзото и мазно менување на преносите прават да се чувствувате релаксирано. Можеби е за критика интензивното работење на „старт-стоп“ системот кој го гасне моторот и кога, според моја проценка, е непродуктивно. Тоа се чувствува на крстосници и на влегување на кружни токови. На најкуси застанувања моторот добива наредба да се изгасне, па додека излегов од урбана средина премногу пати имаше пали-гаси. И полека се упатив на отворен пат. Тука на сцена настапија електронските асистенти кои во потполност го превземаа надзорот над возењето. Мое беше да ги подесам параметрите и нивната осетливост и да се препуштам на на останатите ќефови.

Пред се удобноста. Astra е по германски терка спастрен автомобил. Се чувствува дека нерамнините на асфалтот се регистрираат отсечно, но тоа не се одразува на удобноста. На мене севкупната атмосфера делуваше магично. Ова е автомобил од компактната класа со опременост и однесување како што се очекува од припадници на „големото добро утро“. Споменатите електронски асистенти на возачот во потполност го превземаат надзорот и дозволуваат опуштеност. Автомобилот сам ја одржува дистанцата од други возила што се наоѓаат пред вас, ја одржува траекторијата во рамките на патната лента и ви овозможува малите невниманија, типични кога се бараат ситни пари за патарина или се заигрувате со забавниот систем, да поминат безбедно.

Секако возачот добива опомена и укор преку соодветна визуелно-звучна сигнализација што е и поентата на ваквите системи. Поминав лежерни шеесетина километри проследени со тивко работење на моторот и мала потрошувачка која перманентно се намалуваше. Со темпомат подесен на 90 км/ч моменталната потрошувачка се одвиваше помеѓу 4,1 и 4,5 литри. Оптимистички показател. Сепак пред мене доаѓа делница во која ќе треба да се префрлам на „рачна работа“ поради ридската маршрута. Започнав со пеглање на свиоците и повторно ми се потврди заклучокот што го добив во Португалија пред шест месеци. Стабилноста на каросеријата е одлична, подвозјето лесно ги префрла оптоварувањата од една на друга страна а воланот е коректен. Силата од 130 коњи добро ја влече каросеријата. Дел од опременоста се трите модуси на возење. Префрлувајќи во „спорт“ се менува графиката на дисплеите каде преовладува црвената боја. И тука завршува прикаската! Дојде време и да ги употребам мануелните прекинувачи за менување сместени зад управувачот.

Преносите се менуваат брзо и прецизно. Сета акција е проследена со баритонски звуци што доаѓаа од моторот кој, во инает на релативно малата зафатнина и сила, стоички се однесува и на нагорнини. Astra е забавен автомобил за возење, особено кога  „веслате“ низ преносите и го држите моторот во тензија. Каросеријата е 14% поцврста од претходната, што значи дека не се витка толку многу кога ќе ја напнете во кривина. Целото подвозје и зголеменото меѓуоскино растојание за 13 милиметри подобро одговараат на предизвиците, а нископрофилните 18-ки подобро лепат на асфалтот.

Сето ова придонесува за голема стабилност при брзини на автопат и манирите низ свиоци. Го споменав воланот. Неговата подесеност е многу добра, но не е толку комуникативен како кај некои конкуренти. Сепак, тој е директен и има мал агол на вртење што е голема придобивка при поголеми брзини и агресивно возење низ кривини, особено кога сте на локален тесен планински пат. А кога сте веќе на него ќе ја почуствувате неутралноста на каросеријата и навремената реакција на системите за стабилност. Во таква ситуација се најдов на Галичица. На поголемиот дел од патот има одлична прегледност и поглед на неколку свиоци што следат. Тоа ме охрабри да почнам да ја газам колку што дозволуваа условите на патот.

Во периодот на денот кога возев по таа делница се погоди сообраќајот да биде оскуден па го разбудив момчето во мене. Скоро и да нема разлика кога се вози во нормален или спортски мод на возење. Во извонредни ситуации се јавува надуправување кое лесно се пегла со воланот. Доколку тоа не го направите настапува електрониката и повторно може да се продолжи со спортските амбиции. Сепак одговорноста е на возачот и свесноста дека од играчка може да стане плачка. Затоа ја намалив брзината, го отворив сончевиот покрив и решив да уживам во пејзажот и мирисот на полските цвеќиња кој се ширеше на секаде. Во кабината има многу простор напред, иако просторот за нозете е тесен во задниот дел ако седите зад изразито висок возач.

Просторот за главите во задниот дел е исто така соодветен наместо дарежлив. Багажникот нуди 422 литри и е сосема доволен да ги смести куферите на четири лица. Овие остварувања ја прават Opel Astra еден од најпространите хечбек модели на пазарот. Квалитетот на изработка исто така заслужува да се спомене. Внатрешните површини се цврсти како карпа, пластиката е цврста, информативно-забавниот систем е ергономски поставен и има меки материјали на допир насекаде. Сето ова звучи како да се фалат основни работи, но не се секогаш понудени кај повеќето припадници на класата. Неколку дневното дружење со Opel Astra Ultimate ми пружи возачко задоволство во секој извозен километар, поминувајќи секакви асфалтирани површини, од улици, автопат, регионални и локални патни правци. Секако дека и квалитетот на асфалтот и мазноста на коловозите се онакви какви што повеќето возачи ги критикуваат. Тие и се за критика, само „мојата ѕвезда“ не се бунеше многу и без поговори ги прифаќаше предизвиците. Новата Astra е огромно подобрување во однос на претходниот модел. Сега во неа има многу повеќе отколку разумна цена. Има пространа и квалитетна внатрешност, за класата многу добро подвозје, импресивна опрема и уште по импресивна економичност.

За изминати нешто повеќе од 500 километри, во кои добри 120 километри беа со „динамични екскурзии“, просечната потрошувачка покажа 4,8 литри на изминати сто километри. И на крај доаѓаме до цената. 32.500 евра звучат многу. Пред две години тоа беше цена на богато опремена Insignia. Глобално многу работи се променија, па оваа сума веќе не звучи нереално. Впрочем, и останатите конкуренти со извонредно ниво на опременост, не се поевтини. Доколку се одлучите на Astra турбо дизел во врвното ниво на опременост Ultimate можете да бидете сигурни дека ќе имате модел што повеќе не е рационален, како што беа претходните седум генерации на Astra, туку емотивна изведба која без комплекси ги предизвикува лидерите во класата постигнувајќи силен баланс помеѓу премиум чувството и спортските аспирации.

 

Сподели

Последни новости

Најнова епизода

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 85.50 ден
  • еуросупер 98 - 88.00 ден
  • еуродизел Д5 - 98.00 ден
  • течен нафтен гас - 53.00 ден
  • метан - 161.50 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER