Возевме – BMW XM 21 CS

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Создаден за да ја прослави 50-годишнината на BMW M, ХМ е знаменосец на модерната интерпретација на „набрзата буква во светот“

Кога сте во туѓ град, недела знае да биде прилично здодевна и осамена, па макар се наоѓале во Минхен. Денот резервиран за семејството, слободните активности и дружење добива поинаква форма кога сте сам. Велеградот е празен, сите продавници затворени, па изборот се сведува или да се шетате во некој од прекрасните паркови или да се претопите во неделната летаргија во многубројните пивници… На моја среќа самувањето ми беше забавно и исполнето со задоволство. Мојот спасител беше BMW XM. Со него денот го поминав на најдобар начин, барем за оние што ја делат истата пасија со мене, да се извозам низ Баварија со возило од соништата. Токму така, со возило од соништата. До тој заклучок дојдов дури кога, пред да ја гушнам перницата, го резимирав денот што заминуваше.

Што е BMW XM?

Тој е првиот модел од она што ќе стане долга низа возила на перформансното одделение на Баварците. Речиси ништо не дели со историските М автомобили и опфаќа теми кои некогаш биле незамисливи за ова портфолио. XM е нешто посебно. Кога ќе се соочите со него добивате сосема поинаков впечаток отколку од фотографиите. Драматичен, со контроверзен изглед и гломазен стил, тој е прикаска за себе. Дизајниран е да не се допадне на сите, но секако да привлекува внимание, заинтересираност, и на крај, воодушевување, каде што ќе се појави. А за тоа станав свесен по првите извозени стотина километри кога пристигнав во Гармиш Партенкирхен. Но, за тоа, потоа…

Љубов на прв поглед

Приближувајќи се до ХМ веднаш станувате свесен за неговата монументалност. Поделените фарови се контроверзни, но тие се вклопени подобро отколку на X7 или IX. Масивната решетка на ладилникот, или бубрезите, за среќа не се толку вертикални како кај другите модели М, но сепак зафаќаат голем дел на предниот дел. Големите тркала од 23 инчи со специфичен изглед продолжуваат да иритираат, чувство што не запира и кога се посматра масивното тело на спортско-корисното возило. Ниту најмал дел од каросеријата не е секојдневен. На неа се испреплетуваат форми, бои и детаљи што дрско потсетуваат дека се работи за вистински М модел. Сето тоа финишира на задниот дел. Долгите светлосни групи длабоко навлегуваат во каросеријата и се во спротивност со четирите трапезоидни издувни гранки наредени вертикално на двата агли на браникот, целина што делува прекрасно и јасно укажува на ѕверската моќност со која располага.

Во димензии помал од споменатите горостаси на BMW, ХМ сепак делува огромно. Пред ваква појава срцето знае да затрепери.Отворањето на врата открива еден поинаков свет. Ако надворешноста на XM е контроверзна, тогаш внатрешноста е хармонична. Таа е водухот на новите возила на Баварците. Доминираат двата големи екрани. Пред возачот е 12,3-инчен дигитален дисплеј во улога на инструмент табла и приказ за сите функции поврзани со возењето додека централниот екран на допир е од 14,9 инчи. Амбиентот е препознатлив. Со самото седнување јасно е дека се наоѓате во возило на чија финална изработка е посветено огромно внимание. Како целта да била да се парира на Rolls-Royce. Речиси сите површини се покриени со кожа.

Останатото е покриено со мешавина од сјајни јаглеродни влакна или алуминиум, а во реткиот случај да има пластичен панел, тоа е оној со сложена шема слична на мрежа.

Дури и капаците за звучниците се метални, а не само обоена пластика. Седиштата се извонредно удобни и го постигнуваат вистинскиот баланс помеѓу тоа што е потребно за долго патување и ќе ве држат цврсто кога патот станува кривулест.

Повеќето манипулатори од секундарно значење за возењето, од менувачката палка до светло-црвеното копче старт-стоп, прекинувачот на режимите на возење и копчето што ги прави издувните гасови погласни, се групирани на централната конзола до познатиот ротирачки контролер за инфозабавниот систем iDrive систем. Екраните изгледаат големи и импресивно скапи. Има и head-up дисплеј проектиран на шофершајбната. На воланот се одвојуваат црвените копчиња M1 и M2. Тие ви овозможуваат претходно да направите сакани дотерувања на начинот на работа на моторот, менувачот, суспензијата и други прилагодливи поставки за перформанси за да можете лесно да активирате. Има и прекрасни лопатки за менување брзини од јаглеродни влакна.

Во задниот дел, XM има раскошен простор и уредување. Има многу простор за нозете и многу за глава, а наместо приспособлива лумбална потпора. Кожата на задната клупа дури и беспрекорно се протега на панелите на вратите давајќи уникатен изглед и поголема удобност. Има задни контроли за климатизација, се разбира, и USB-C приклучок на задниот дел на секое предно седиште. И покрај предните седишта со висок грб и нагло растечката линија на прозорците, погледот одзади е прилично добар. Покривот не е стаклен панел, туку е покриен со мек материјал сличен на велур, обликуван во 3D површина што изгледа речиси како компјутеризирана релјефна мапа. Се осветлува од сите страни со LED диоди.

Време е за уживање

Доста беше разгледување, крајно време е да се вози. Недела е и се очекува голема гужва по патиштата, што поради убавото време, што поради навиките на Германците слободното време да го поминуваат во природа. Стартувањето е тивко.

ХМ има хибриден систем. 4,4 литарскиот V8 твин-турбо е поврзан со 145 kW силен електричен мотор и батерија од 29,5 kWh (25 нето употребливи). Електричниот погон го превзема движењето до брзина од 140 км/ч. Почетокот на возењето е во апсолутна тишина. По излегувањето на автопат се упатив на југо-исток, кон баварските алпи. На авто пат кога сте во електричен модус на возење на располагање се 194 КС, моќност со која располагаат повеќето електрични возила. Силата е сосема доволна да не осетите никаква фрустрација при умерено возење. Забрзувањата се линеарни, одлично се одржува брзината на движење и се претопувате во текот на сообраќајот. Така беше првите триесетина километри. Потребни се само 4,3 секунди, што е сериозно импресивна бројка за возило тешко 2,7 тони. Конечно се отвори „прозорец“ на патот каде можев да го нагазам ХМ-от. Во дел од секунда се придружи татежот од моќната V осумка. Како од катапулт да бев исфрлен и за две-три трепнувања веќе летав со 256 км/ч!

Не е ни чудно бидејќи од мирување потребни се 15,3 секунди да се постигнат 200 км/ч! Ме фасцинираа повратните информации што ги чувствував од потпирањето. Каросеријата спие на асфалтот, нема нагласена бучавост, управувањето се укрутува, но го имате истото чувство кога возите споро. Брзинометарот и заматената околина се единствените показатели дека сте во низок лет. Се појавува знак за ограничување на брзината на 130 км/ч. Сопирачките лежерно си ја одработија работата и повторно се најдов во светот на тишината. Системот го врати во хибернација бензинскиот мотор, а струјата повторно стапи на сцена. Ги смирив страстите бидејќи повторно влетав во гужва. Опуштено ја држев левата лента по која возилата се движеа нешто побзо од дозволеното. Повисокото седење ми овозможуваше одличен преглед на околината. Тогаш забележав дека бев мета на интерес. Од возилата во десната коловозна лента, што полека ги одминував, стрелаа студиозни погледи, го загледуваа моето возило, а неколку пати, оние што возеа пред мене, намерно се престројуваа да ги поминам, за да го видат задниот дел од ХМ-от.

Се доближував до Гармиш. Поминав 73 километри кога повторно се вклучи V8 вулканот. Преминот помеѓу електро погонот и бензин е беспрекорен. Не можам да се сетам на погонски агрегат со приклучен хибрид кој работи толку совршено во дует. Комбинираната моќност е гламурозни 653 КС и 800 Nm вртежен момент. Сакав да направам кафе пауза, но желбата да возам по алпските патишта беше посилна од мене. Таму има одлични услови да ги почувствувам „М“ манирите на ХМ. По дваесетина минути возење на локален пат што води во Австрија, се исклучив од него. Конечно стотици свиоци пред мене. Притисокот на педалата за забрзување предизвикува ерупција. Тогаш на располагање ја имате сета сила, а тежината како да не постои.

Нејзиното идеално распоредување на двете оски дава огромна агилност , особено при брзи промени на смерот на движење. Тежината не ги задушува перформансите, но XM сепак тежи 2,7 тони. И покрај големата маса, XM е апсолутно суверен во свиоците Со адаптивната суспензија се справува прилично добро на инерцијата. Тркалата од 23 инчи, дури и кога не се вози нежно, даваат висок квалитет на возењето. Управувањето е прекрасно и прецизно, и има доста добро чувство и повратни информации, и можете да се забавувате буткајќи го ХМ низ предизвикувачки агли. Нема подуправување и надуправување на каросеријата, што е речиси незамисливо за вакво возило. Единствената лоша страна е тоа што поради огромната маса не можете да ги искористите управувањето ниту перформансите во иста мера како што би можеле во покомпактен M автомобил. И така се нижеа километрите низ алпските патишта а напливот на адреналин и серантонин се менуваше.

Влегов во паралелна димензија каде важни беа задоволството зад управувачот и уживањето во перформансите на ова извонредно возило. Сосема случајно забележав дека повеќе од пет часа сум зад управувачот, а апетитот за возење продолжува. Велат кога е најубаво треба да се прекине. Со тешко срце ја прифатив таа мантра и се упатив кон Гармиш. На надолниците во прв план дојде регенеративниот систем за сопирање во два чекора кој великодушно ја враќа енергијата во батеријата. Кај ова големо момче системот за сопирање по жица е совршено прогресивен во стандардните поставки, па дури и прилагодлив на вашите потреби за возење. Можете да ги подесите сопирачките да бидат понаметливи за посилно сопирање или помеки за шетање низ градот.

Кога ќе се заиграте…

Како гром ме удри помислата дека со ХМ поминав половина ден, а не сум направил ниту една фотографија. Затоа кога пристигнав во Гармиш веднаш се упатив кон Олимпискиот стадион. Влегов во кругот на олимписката скокалница, место исполнето со посетители што релаксирано се капеа во алпското сонце и уживаа во прекрасната панорама. Таа идила ја смени појавувањето на „мојот“ ХМ. Разговорите престанаа. Дали од непристојноста што влегувам со возило во стадионот или од појавата на црвената  колосална скулптруа на тркала? Стотици погледи од гостилницата беа вперени во она што само што слета во пејзажот.

Сакав бргу да завршам со фотографирањето и побргу да се тргнам од сцената. И додека ги одработував фотките ниту еден од шетачите не се доближи. Тие стоеа и тивко дискутираа меѓу себе. Како да беа маѓепсани од изгледот  чии линии посебно се истакннуваа на алпското сонце. Врамените „бубрези“ и лајсните со златна боја зрачеа потенцирајќи ја атлетската појава и моќта со која располага. Публиката како да уживаше во секое поместување неопоходно за позирањето пред олимписката скокалница. Магијата траеше петнаесетина минути. И кога завршив со работата, бев „нападнат“ од стрпливите посматрачи.

„Господине, дали може одблиску да го рагледаме вашето возило?“ Секако, повелете, одговорив, сакајќи да ја компензирам мојот упад во нивната идила. Како бонус понудив кој е заинтересиран да влезе во внатрешноста. Е, тука се зезнав самиот себе. Сеансата на разгледување се одлговлече на цел час, време во кое оклу возилото продефилираа триесетина луѓе кои весело дискутираа на тема ХМ. Би ми требало многу да ги пренесам импресиите и дискусиите што ги правевме…

На некои им беше прекрасен, на некои пренападен, многу смел, додека некои сметаа дека е модерна скулптура. Имаше и една госпоѓа што влезе во расправија со нејзиниот сопруг кој негативно се изрази за ХМ нарекувајќи го конзервативен без надеж да се поправи! Кутриот, можеби сакаше само да се одбрани од евентуално трошење на повеќе од 200.000 евра. Да толку чини возената верзија на ХМ, поточно 223.130 евра со сите давачки. Требаше да му кажам дека преку Шпаркасе лизинг нема сериозно да го осети трошокот. Па кога ќе се подели на 72 месеци, ратата е само 2.736 евра.

Можеби и тоа го знаел ама не му се давале 69.000 евра за учество, кој ќе го знае? За BMW XM секогаш ќе има поларизирани мислења. Од неговиот стил, преку неговата големина, до неговата цена. Сепак сите се едногласни дека е многу импресивно инженерско дело, способно да овозможи неверојатно чувство додека сте во него. Јас лично бев маѓепсан од сето она што го доживеав со него. Можам да кажам само „капата долу“. Толку бев воодушевен и инфициран со него што дури заборавив да го фотографирам, а повеќето фотографии ги позјмив од прес службата на BMW. Во моја одбрана можам да кажам дека беше недела и неработен ден.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER