Возевме – BMW i5 eDrive 40

Покрај тоа што е уште една опција во растечката гама „i“ возила на BMW, i5 е и првиот модел на Серијата 5 со електричен погон.

 

Одржувањето на традицијата и имплементирање на напредните технологии е стратегијата на BMW која ја применува во сите нови производи. Доаѓањето на осмата генерација на популарниот седан ги покажува сите аргументи што Баварците ги имаат за да продолжат по успешниот курс. Тоа го проверивме на регионалната презентација која BMW ја организира во Србија.

Што е Серија 5?

Прикаската започна во 1972 година кога на пазарот се појави првата генерација на Серија 5. За своите пет децении постоење оваа лимузина стана омилена меѓу купувачите што држат до својот имиџ и не сакаат да се откажат од возните својства во име на поголемите димензии. Во досегашното постоење „петката“ прокнижи седум генерации и повеќе од 10,4 милиони продадени возила.

Сега на сцена стапува осмиот наследник кој  гените на своите претходници ги издигнува на повисоко ниво. Возената електрична верзија е кулминација на модерното инженерско размислување, но не се заборавени корените. Серијата 5 може да се добие со бензински и дизел  мотори потпомогнати со благ хибрид и две верзии со приклучен хибрид, изведби ориентирани на задоволството во возењето, воедно посветени на економичноста и екологијата.

На прв поглед

Еволуција на дизајнерскиот јазик на својот претходник, наместо целосна реимагинација е рецептот применет во изгледот на новата Серија 5. Toj е лесно приемчив, лесен за окото, чист и јасен. Како и досега, сè уште го има оној германски минимализам, но е помодерен од порано благодарение на новата решетка.

Препознатливите „бубрези“ не се огромни, сега се хоризонтално развлечени, а добија и опционално осветлување. Врамени се со нови фарови и има нови светла на задниот дел. Каросеријата традиционално е обликувана во форма на класичен седан. Неа ја дефинираат чисти линии што ја прават да делува и спортски и отмено. Со мајсторски вметнати цитати, како маската на ладилникот, дифузорите за воздух, гравирањето на бројот 5 на рамката на задната врата,  хримираните лајсни и употребата на црн сјаен лак на долните делови на телото, добиен е силен ефект.

Накратко, точно онака како што замислувате да изгледа нова серија 5. Дури и електричните верзии можете да ги препознаете само преку обележјата и со ситни детаљи се разликуваат од нивните браќа и сестри со погон на согорување. Ниту една верзија нема видливи излези за издувни гасови што е позитивен чекор.

Аладиновата пештера

Најголемото преуредување и позитивно изненадување, иако очекувано, е направено во внатрешноста. На почетокот на годинава ја тестирав BMW i7 и можам слободно да заклучам дека чувството што се добива кога ќе се влезе во i5 е идентично. Секако дека, поради помалите димензии, има помалку простор во однос на луксузната лимузина, но пораката е јасна.

Сé е подредено на ергономијата, удобноста и пријатната високо техношка внатрешност. Околу кабината е растегнато амбиентално осветлување, иако со која боја свети зависи од преференциите на возачот и избраниот режим на возење. На него се придружува контролната табла со нов изглед, која е речиси без копчиња и ги крие отворите за вентилација, како и централната конзола инспирирана од другите модели во модерната линија на BMW. Лесно се забележливи селекторот на менувачот, стиловите на возење и ротациониот контролер iDrive за инфозабавниот систем што остана на истото место.

Сега тие се изработени од кристал и даваат луксузна нота на интериерот. Амбиентот го засилуваат двата масивни екрани обединети во заоблено куќиште кое опфаќа поголем дел од ширината на контролната табла. Едниот е од 14,9 инчи задолжен за инфозабавниот систем со екран на допир и 12,3-инчниот дигитален дисплеј за инструментите пред возачот. Самото куќиште не е новост. Се сретнува во многу други модели на BMW во последно време, но ја вклучува најновата технологија на оперативниот систем на BMW. Со повеќе функции и приспособлив почетен екран кој стандардно прикажува прикази за навигација, тоа е систем со јасна и рафинирана графика.

Уште повеќе, клиентите сега можат да изберат да ја купат надградбата на AirConsole, која ви овозможува да го користите системот како конзола за игри кога автомобилот не е во движење и ја крати здодевноста дури сте приклучен на полнач. Покрај фокусирањето на технологијата, BMW има и репутација што треба да ја одржи кога станува збор за квалитетот. Новата серија 5 е првото BMW што стандардно добива целосно „веганска“ внатрешност. Седиштата, контролната табла и воланот се обработени во Veganza кожа.

Тоа е алтернатива на природната кожа која не се разликува од неа ниту на допир, ниту во издржливоста, ниту во чувството што го добивате. Во секој случај, серијата 5 ќе биде повеќе од способна да ги смести возачите и патниците подеднакво во совршена удобност. Спортските седишта се стандардно поставени напред, а на задната клупа имате далеку повеќе простор, удобност и порелаксирачко чувство споредено со претходната генерација. Влегувањето е покомфорно, се отвора  многу простор за нозете и повеќе од доволно простор за главите, без разлика каде седите.

Дури и високите патници на задните седишта ќе имаат совршена удобност. Разликата помеѓу електричните и останатите изведби на Серија 5 се незабележливи. Една од нив е капацитетот на багажникот чии 490 литри за електричната е за 30 литри помал од останатите, факт забележлив само на хартија.

Возејќи го eDrive 40

Кога сме кај електричните изведби нив ги има две. Посилната М60 хDrive има два електро мотори, погон на сите тркала, 600 коњи и мамутски 800 Nm. Таа е осетно поскапа од верзијата eDrive 40. Рака на срце, не дојдов на ред да ја возам. Нашата група беше сочинета со учесници од Македонија и Дубаи.

Од разбирливи причини предноста да ја возат и пишуваат за поскапата верзија им припадна на колегите што доаѓаат од модерниот Дизниленд, каде светските милионери сакаат да се забавуваат и покажуваат, а обртот на тамошниот пазар на автомобили достига зашеметувачки бројки. BMW i5 eDrive 40 кај нас може да се купи веќе од 89.000 евра и воопшто не покажува инфериорност. Иако „послаба“, таа нуди многу. Во тоа се уверив за време на возењето. Располага со електричен мотор чија сила се пренесува на задните тркала, произведува 340 коњи кои се доволни за совладување на спринтот од стоење до 100 км/ч за шест секунди.

Тоа е моќ и перформанси што ги очекувате од Серијата 5 со три литрен бензинец со турбо полнач. Нормално, i5 е многу поефикасен. Батеријата од 81,2 kWh е сместена под подот, му дава доволна автономија и ниско тежиште. Според официјалните податоци i5 eDrive40 би требало да биде способен да помине повеќе од 580 километри со едно полнење. Во пракса, тоа можеби не е толку лесно, особено ако се вози на отворен пат и доколку возачот сака да го исцеди потенцијалот што е понуден. Јас тоа и го направив. На автопат се добива одлична удобност со изразена нота на робусност.

Во кабината нагласена е тишината, но при поголеми брзини продира шумот од масивните ретровизори кому му се придружува неизбежната пригушена бучавост на пневматиците. Без никакви предизвици ги голта километрите и со леснотија ги „џвака“ нерамнините. Новата Серија 5 продолжува онаму каде што застана нејзиниот претходник. Возејќи го само електричниот салон, не можам да го споредам со останатите модели од Серија 5, но тоа е добар показател за тоа како тие ќе се однесуваат.

Електрична бура

Бидејќи нема многу возбуда при возење на автопат, време е да се разбуди вистинскиот BMW, а тоа најдобро се прави на ридска патека. На мое големо задовоство таа беше  доволно долга. Фрушка Гора не е висока, но изобилува со кривулести патчиња кои не се многу фрекфентни.

Згора на тоа, асфалтната подлога не беше идеална. На нас Македонците познат ни е амбиентот на крпен асфалт, па се почуствував како на домашен терен. Фасцинантно кај електричните автомобили е дотерувањето на алгоритамот за распределување на силата кој се менува во зависност од притискањето на педалата за забрзување. На воланот има копче со чие притискање се добива на располагање сиот потенцијал на моторот и веднаш ја добивате максималната перформанса. Тоа трае 10 секунди. Забрзувањето е катапултско, а веќе со поминување низ првите свиоци знаете со што си имате работа. Со вистинско BMW!

I5 eDrive 40 тежи повеќе од два тона, а се однесува како чигра. Клучно за ова е управувањето, кое функционира чудесно, особено во неговите најспортски услови. Задните тркала се управливи и тие се вртат во иста насока како и предните. Таквото решение го скратува радиусот на свиоците, па дури фасцинантно делува како се однесува подолгата од пет метри лимузина. „Ловењето“ на свиоците е како со спортско купе. Погонот на задните тркала помага во тоа и има вистинска интеракција. Забележливи се контролирани пролизгувања, но поради ниското тежиште и големата тежина каросеријата лежи како прикована на асфалтот, а управувањето е прецизно давајќи ви можност да го поставите автомобилот точно каде што сакате.

На управувачот се чувствува тежината на возилото што мене како возач ми даде самоувереност и чувство на сигурност, особено на тесен и кривулест ридски премин. На таа прецизност на управувањето ѝ помага и суспензијата, која прави повеќе отколку само да ги одржува тркалата во контакт со патот и да ги испегла нерамнините. Поради начинот на кој е подесен и, веројатно, поради начинот на кој BMW ги постави батеријата и моторите ниско во телото на i5 каросеријата има исклучително добра контрола на телото без разлика во кој режим се наоѓа.

Дури елиминирани се навалувањата во свиоците, а не се наведнува премногу ниту при сопирање. И тоа го прави без премногу да ја наруши удобноста на возењето. Серијата 5 отсекогаш била добро компонирана и избалансирана, но сега ја достигна својата полна зрелост. Таа сега доби двоен карактер. Кога треба пружа врвен комфор и удобност, воедно сериозно се приближи со спортските манири на познатите перформансни модели на куќата. Моето дивеење низ свиоците беше поткрепено со извонредното калибрирање и идеалниот баланс за кое инженерите на BMW вложиле голем труд.

Домаќински муабет

Кога спласнува адреналинот полека се враќате во нормала. Таа нормала ме потсети на нешто што не ми се допадна уште во првите километри на возењето. Тоа е новиот систем за свесност за брзината, наложен со безбедносните регулативи во ЕУ. Неговото работење е иритирачко и не толерантно. Само малку надминете го ограничувањето на брзината и автомобилот ќе почне да сигнализира, предупредувајќи за вашиот прекршок. Тоа е исто како да се возите со тештата која секогаш има да ви даде памет. За среќа, системот можете да го исклучите ако сакате, а како да се исклучи тештата, модерната наука сé уште нема одговор.

Како и да е, свиоците завршија и не чекаше повторно возење по мазен асфалт, назад до Белград. Во турата и моето дивеење на Фрушка Гора борд компјутерот пријави просечна потрошувачка од 18,1 kW на изминати 100 километри. Тоа е охрабрувачки податок и оди во прилог на декларираната потрошувачка. Преведено во километри тоа значи дека во комбинирани услови без многу внимавање може да се поминат околу 430 километри. Тоа укажува дека  i5 има голема автономија, особено ако ја наполните батеријата до крај пред да тргнете на пат. Полнењето на батериите во балкански услови е прикаска сама за себе и во големо мнозинство на случаи ќе мора да сметаме на брзина на полнење од 11 kW.

Според BMW, потребни се осум часа за полнење на таков полнач. Доколку стигнете до Европа многу веројатно е да имате капацитет за полнење од 205 kW DC. Со него од 10-80 проценти наполнетост на батеријата ќе трае  половина час. Ако немате половина час, за само 10 минути ќе се снабдите да поминете повеќе од 140 километри.

Што добивате за вашите пари?

BMW i5 eDrive 40 во Македонија чини 89.000 евра до регистрација. Како и секој премиум автомобил преку дополнителна опрема неговата цена може да се зголеми за 50% со дополнителна опрема. Дури и во основната изведба eDrive40 доаѓа со многу стандардна опрема. Возениот модел имаше извонредна опременост па затоа и неговата цена е 110.000.

Доколку се подели на 72 рати, што го овозможува Шпаркасе Лизинг, доволно ќе биде учество од 35.688 евра и месечна рата од 1.349 евра. Тоа не е евтино, но најдете електричен автомобил, па макар и најмалиот, што е евтин. Новата серија 5 е сè што се надевав дека ќе биде. Добро е конструирана и направена, одлична и рафинирана е за возење. Накратко, тоа е фантастична премиум лимузина која го оправдува прекарот „омилениот седан на бизнисмените“.

Серијата 5 е предодредена да биде меѓу најдобрите. Со големо нетрпение очекувам да возам некоја изведба со мотор со внатрешно согорување. Искрено се надевам дека тоа ќе биде 520 дизел која е многу поевтина од електричната верзија и, сепак, е најпопуларна изведба кај нас.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER