Берзите крахираа – цената на нафтата падна на минус 31 долар
Објавено на 20 април 2020 година
Не, не сме јаделе расипани јајца за Велигден – берзата во Њујорк затвори со негативна цена на нафтата од 31 долари за барел. Тоа значи дека производителите ќе им платат по толку на сите што ќе ја „купат“ нивната нафта. Причината е неопходноста да се потрошат залихите, првенствено оние складирани во укотвените танкери кои мора да се испразнат за да еден убав ден некаде во јуни повторно можат да служат за тоа за што се наменети – за транспорт на суровата нафта. А таа како што знаеме, во изминатиов период се произведуваше многу, многу повеќе отколку што се трошеше, така што црните сценарија за паѓање на нејзината цена беа зачестени. Но волку црно никој ни во сон исполнет со ноќни мори не предвидуваше – најпесимистичките прогнози велеа дека барел нафта ќе падне на 15 долари, а се случи за еден ден таа да потоне за дури 58 долари – берзите отворија со 17,73 долари за барел а во еден момент нејзината цена изнесуваше минус 40,32 долари за барел…


