Одвоени 15,5 милијарди долари за електрификацијата
Електричната револуција не е евтина, заради што американската влада одлучи да ги поддржи домашните производители на автомобили и добавувачи со помош за побрза транзиција кон електричните возила. Вкупната сума планирана со програмата изнесува 15,5 милијарди долари, од кои 2 милијарди долари се грантови за производство на хибридни, плаг-ин хибридни, електрични и возила со горивни ќелии. Точно 10 милијарди долари се предвидени за кредити со намалени стапки, а останатите 3,5 милијарди долари ќе отидат за финансирање на проширувањето на домашното производство на батерии за електрични возила, како и за материјалите и компонентите кои моментално се увезуваат од други земји. Во распределбата на парите предност ќе добијат проектите кои ќе обезбедат производство со повисоко платена работна сила.