Традиционален и модерен!
Новиот Maserati GranTurismo отвора ново поглавје во приказната што започна пред 75 години со Maserati A6 1500.
Со новата генерација на GranTurismo Coupé тризабецот од Модена врти нова страница во својата историја. Покрај класичната изведба опремена со трилитрениот V6 Nettuno мотор се нуди, за прв пат во историјата на марката, и потполно електрична верзија. Комбинацијата на високите перформанси типични за спортски автомобил со удобноста погодна за долги патувања секогаш била силна страна на Maserati.
Дизајнот на GranTurismo е токму она што го очекуваат следбениците и пријателите на брендот. Ја покажува типичната рамнотежа помеѓу убавината и функционалноста без помпа, но со веднаш препознатливите линии полни со сила и хармонија. Задржани се класичните пропорции на автомобилите Maserati со долга хауба и центарот на каросеријата пресечен со наведната линија на покривот.
Развиен во Maserati Innovation Lab во Модена и произведен во производствениот центар Mirafiori во Торино, GranTurismo со право го носи печатот „произведен во Италија“. Новото купе е опремено со 3.0 V6 твин-турбо мотор, кој е достапен во две варијанти. Првата верзијата е Modena со 490 КС или верзијата Trofeo со високи перформанси која има 60 коњи повеќе. За поклониците на струјата понудена е адекватна изведба со целосно електричен погон базиран на батерии. Системот Folgore се заснова на технологија од 800 волти и е развиен со помош на технички решенија од Формула Е. Тој нуди одлични перформанси со своите три мотори со постојан магнет од 300 kW.
Батеријата има номинален капацитет од 92,5 киловат часови и капацитет на празнење од 560 киловати и на тој начин може континуирано да пренесува околу 559 kW (760 КС) на тркалата. Специфичниот распоред и иновативниот распоред на батеријата значат дека висината на возилото е ограничена на 1353 милиметри и со тоа не го нарушува спортскиот карактер. Наречен T-Bone, обликот на батерискиот пакет е дел од пристапот на Maserati за „нула компромис”. Со ова се избегнува потребата да се постават модулите за батерии под седиштата.
Тие главно се распоредени околу централниот тунел и на тој начин го оптимизираат балансот на возилото. Техничката архитектура е резултат на иновативен проект кој користи лесни материјали како што се алуминиум, магнезиум и челик со високи перформанси. Таквиот пристап со повеќе материјали бара развој на нови производни процеси и резултираше со помала тежина. Модерната внатрешност на GranTurismo е опремена, меѓу другото, со Maserati Intelligent Assistant (MIA), инфозабавен систем со комфорен дисплеј кој ги комбинира најважните функции во интегрираниот интерфејс со екран на допир, дигитален часовник и опционално достапниот heads-up дисплеј.
GranTurismo нуди и сеопфатно звучно искуство во електричната верзија, што е крунисано со карактеристичниот звук на моторот на Maserati. Акустиката е заокружена со звучниот систем Sonus faber 3D. Дизајниран е од италијански специјалисти за звук и нуди две верзии со до 19 звучници и 3D звук со моќност до 1195 вати за оптимална длабочина на поле и заокружување на звукот. Стандардниот систем има 14 звучници и моќност од 860 вати. При лансирањето, GranTurismo ќе биде достапен и во 75th Anniversary Launch Edition на PrimaSeries. Тој е ограничен и има ексклузивни детаљи посветени на 75-годишнината од концептот Gran Turismo.


