Похрабар дизајн, електрификација и задржување на пристапните цени се стратегијата на Dacia за новиот Duster
Duster е иконскиот модел на Dacia. Тој е емотивен и рационален во исто време, модел кој се продаде во повеќе од 2,2 милиони единици. Воедно Duster е вториот најпродаван модел на Dacia во Европа, по Sandero. Затоа влогот е голем, а очекувањата се уште поголеми.

Неговата трета генерација ќе се темели на Renault-Nissan CMF-B платформата, но каросеријата ја задржува истата должина како и претходната генерација (4.341 мм), а за да се подобри аеродинамиката контурата е пониска за 30 мм. Dacia тврди дека има повеќе простор за патниците, а капацитетот на багажникот е за 6 отсто поголем и сега располага со 472 литри за верзијата со погон на предните тркала.

Дизајнот на Duster, со поостри површини, е инспириран од ланскиот концепт Manifesto. Линијата на појасот е усогласена со профилот на хаубата за похрабар изглед додека косиот покрив помага да се намали коефициентот на отпор и додава спортска нота. Новото лого на Dacia се појавува на тенката, хоризонтална горна решетка, која е тргната од долниот отвор со лента во боја на каросеријата. Фаровите се препознатливи за марката. Нивната Y форма е засилена со LED модули, зафат применет и на задните светла.

Црните пластични лакови на тркалата, карактеристика на Duster од неговото лансирање, сега се поголеми и похрабри. За да се зајакне чувството за способност за сите терени, додадена е поголема пластична обвивка на предниот раб на предните врати. Материјалот што се користи за обложување и заштита се нарекува Starkle, кој вклучува 20 проценти рециклиран пропилен. Dacia потенцира дека една од предностите на Starkle е тоа што не е обоен материјал, а малите гребнатинки ќе останат речиси незабележливи.

Во внатрешноста доминира контролната табла со геометриска тема со стандардна дигитална инструмент табла од седум инчи. Централниот екран на допир од 10,1 инчи го нема во почетното ниво на опременост. Тој функционира со Apple Car Play и Android Auto и стандарден дел од опремата е во второто и третото ниво Expression и Extreme. Со преземање на апликацијата Dacia Media Control, радио и мултимедијални функции може да се контролираат со поврзан паметен телефон.

Dacia го патентираше системот наречен YouClip за едноставно оставање на предмети во внатрешноста. Duster доаѓа стандардно со седум претходно инсталирани YouClip позиции, вклучувајќи една на десната страна од воланот за паметни телефони и една на централниот панел на совозачката страна за држење чанти и други мали предмети. Два YouClips се стандардни во багажниот простор, додека два опционални за таблети може да се постават зад потпирачот за глава на предните седишта да ги забавуваат патниците на задната клупа.

Моторизацијата започнува со еден литрениот трицилиндричен бензински мотор ECO-G со 100 КС, кој може да работи и на течен нафтен гас. Од Renault изјавија дека благодарение на резервоарот за бензин од 50 литри и за ТНГ со ист капацитет, новиот Duster може да помине 1.300 километри со едно полнење гориво, а со користење на ТНГ, емисиите се намалуваат за 10 отсто во споредба со бензинот. Нов мотор за Dacia е 1,2-литарскиот трицилиндричен турбо бензинец со 130 КС, споен со 48-волтен благ хибриден систем со батерија од 0,9 киловат-часови.

Dacia вели дека овој мотор е за 10 проценти поефикасен и има емисии за 10 проценти помалку од еквивалентен нехибриден мотор. Duster ќе биде достапен и со E-Tech целосно хибриден погон, кој се нуди на моделот Jogger и Renault Clio и Captur. Системот се базира на 1,6-литарски четирицилиндричен мотор со 94 КС, кој е споен со електричен мотор од 49 КС за вкупна моќност од 140 КС. Батеријата има капацитет од 1,2 kWh. Оваа синергија ја намалува потрошувачката на гориво за 20 проценти во мешан циклус на возење и за 40 проценти во градското возење, каде што автомобилот може да работи во целосно електричен режим 80 проценти од времето на возење.

Дизел варијанта на новиот Duster ќе се нуди во Северна Африка, но не и во Европа. Додека многу конкуренти ги напуштија варијантите со погон на четири тркала на малите теренци за да ги намалат емисиите, Dacia ќе продолжи да го нуди на новиот Duster, додавајќи два дополнителни режими на возење. Првично понуден само на благата хибридна верзија со 130 КС, погонот на четири тркала подоцна ќе биде вклучен и за други погонски единици. Постојат пет режими на возење, во споредба со трите на сегашниот модел.

Автоматскиот и Еко режимот го распределуваат вртежниот момент помеѓу оските во зависност од контактот со подлогата и брзината на возилото. Новите режими снег и кал/песок се оптимизирани за тие специфични услови на возење. Последниот режим, Off-Road, е еволуција на постоечкиот. Го дистрибуира вртежниот момент на предните и задните тркала според потреба и брзината на движење.

Новиот Duster стандардно содржи осум напредни системи за помош на возачот (ADAS), вклучително и автоматско сопирање за итни случаи и предупредување за напуштање лента. Исто така, стандардно е ажурирањето на софтверот преку воздух. Комерцијалната премиера Duster ќе ја прослави на 26. Февруари на Женескиот Мотор шоу кога ќе се објават цените кои, како што најавува менаџментот на компанијата, нема многу да отскокнуваат од сегашните.