Три дами и еден ас!
Во интимна, но свечена атмосфера одржано е четвртото издание на изборот за најпосакуван автомобил во Македонија – „Златно Тркало“
Во годинешниот избор за Најпосакуван автомобил во Македонија од широката листа формирани се три категории сочинети од осум автомобили. Процесот на претставување започна кон крајот на минатата годината, по што се формираше листата за гласање во месец февруари оваа година.

За овој период, сите што имаа пристап до интернет и социјалните медиуми беа запознаени со кандидатите и финалистите и можеа да го дадат својот глас. Изборот е инициран од најстариот автомобилски медиум Авто Плус, а во него во функција на организатори и презентери на моделите се јавуваат Авто Плус, CARclub, Cars by Vik, RPM и БизнисИнфо.

Организаторите истакнаа дека се направени 40 објави на порталите и стотици содржини на социјалните медиуми, над 100.000 прегледи и повеќе од 45.000 следбеници… Од нив се креираа 12.875 гласања на официјалната страница www.zlatnotrkalo.mk, и се добија 3 победници. Она што го карактеризираше доделувањето на наградите беше доминацијата на понежниот пол.

Имено, сите одличја ги примија дами кои се на високи раководни функции во увозничките компании. Единствен претставник на посилниот пол меѓу наградените беше нашиот дизајнер Славче Таневски.

Во категоријата „Најпосакуван семеен автомобил“ со 30,49 проценти од гласовите е избрана Toyota Corolla Cross, а наградата ја прими Г – ѓа Ана Трајковска – маркетинг менаџер во Тојота Ауто Центар.

Во категоријата „Најпосакуван премиум автомобил“ со 35,64 проценти од гласовите е избран Alfa Romeo Tonale, Г-ѓа Ана Бураку – Генерален директор на Аутомобиле СК. Главната награда „Најпосакуван автомобил во Македонија“ за 2023 година, ја понесе Peugeot 408, кој освои 30,62 проценти од гласовите.

Плакетата ја предаде Претсеадтелот на Златно Тркало и главен и одговорен уредник на Авто Плус – Влатко Кошевалиски, а наградата ја прими Ивана Манчева Михајловска – Заменик на Извршниот директор и маркетинг директор во Еуроимпекс. Оваа година за прв пат беше воведено едно признание, плакета која ќе ја добијат македонци кои оставаа траг во автомобилската индустрија во светот и оваа мала наша држава ја ставаат на глобалната мапа.

Славче Таневски – дизајнер кој веќе 10 години е дел од главниот тим дизајнери на Мерцедес Бенз и потпишува повеќе 3 негови дизајни, ја доби плакетата Златно Тркало – за Особен придонес во промоциjа на Македониjа во светската автомобилска индустриjа.