Според извршната наредба издадена од Белата куќа на 26 март, воведена е царина од 25 отсто за возилата произведени надвор од САД.
И покрај предупредувањата дека цената на возилата на пазарот во САД може да се зголеми помеѓу 4 и 16 илјади долари по увезено возило, царините за увоз на возила произведени надвор од САД стапи на сила.
Тарифите би можеле да предизвикаат огромни поместувања низ глобалните синџири на снабдување со автомобили кои веќе се оптоваруваат од други нови давачки, „одмазднички мерки“ и недостаток на долгорочна јасност на трговската политика. Одредени автоделови, како што се мотори, менувачи, погонските склопови и електрични компоненти, исто така ќе подлежат на тарифа од 25 проценти, но таа ќе почне да се применува за еден месец, од трети мај.
Претседателот Трамп ги воведе царините со цел да го зајакне домашното производство и да ги поттикне производителите на автомобили да го префрлат производството на возила во американската индустрија. Трамп го нарече „смешен“ сложениот синџир на снабдување со автомобили, во кој деловите се испраќаат напред-назад преку границите повеќе пати пред да завршат во готово возило. „Мислам дека тоа ќе доведе до тоа автомобилите да се произведуваат на една локација“, рече тој, додавајќи дека тарифите ќе доведат до 100 милијарди долари годишен приход за федералната влада. Речиси половина од сите нови возила продадени во САД во 2024 година, скоро 16 милиони, беа увезени или имаа компоненти од увоз.
Во 2024 година, САД увезоа автомобилски производи во вредност од 474 милијарди долари, вклучувајќи патнички автомобили во вредност од 220 милијарди долари. Мексико, Јапонија, Јужна Кореја, Канада и Германија беа најголемите извозници на возила во САД. Трамп долго време се спротивставува на, како што го нарекува, неправедниот третман на американскиот извоз на автомобили на странските пазари, честопати издвојувајќи ја Европската унија, која наплатува давачки од 10 отсто за увоз на возила, четири пати повеќе од досегашната тарифа од 2,5 отсто која ја применуваше администрацијата во САД. Претседателот Трамп, исто така, се закани дека ќе постави дополнителна такса во висина од 25 проценти на производите од земјите кои увезуваат венецуелска нафта, додавајќи дека тие ќе ги надополнат постојните царини. Доколку се спроведе, тоа ќе ја зголеми царинската стапка на стоките од Кина, најголемиот увозник на венецуелска нафта, на 45 отсто.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги осуди тарифите како „лоши за бизнисите“ во САД и Европа. „Сега ќе ја оцениме оваа најава, заедно со другите мерки што ги предвидуваат САД во следните денови“, рече фон дер Лајен во изјавата. „ЕУ ќе продолжи да бара решенија преку преговори, притоа чувајќи ги своите економски интереси.


