Во манијата на кросовери и електрични возила вистинско задоволство е да се седне во еден класик, претставник на категоријата која повеќето производители ја потиснаа.
Škoda модерната Octavia ја произведува 27 години и таа е знаменосецот на куќата со повеќе од седум милиони продадени примероци. За да остане на позицијата што ја изгради, за четвртата генерација направени се суптилни освежувања на каросеријата, но затоа додадено е поголемо ниво на технологија и внатрешноста доби изглед кој сериозно се доближи до премиум возилата.
Она, барем мене што ми се допаѓа, е што Чесите останаа доследни на курсот што го зазедоа на самиот почеток. Octavia остана лимузина со пет врати и сé уште во понуда ги има турбо-дизел моторите. На ревидираната Octavia свежината ја донесуваат новите браници и модифицираната маска на ладилникот. Забележливи се новите фарови сега стандардно опремени со LED технологија и имаат по впечатлив потпис на дневните светла.
И задните светла се преуредени и, како предните, се LED со анимирани трепкачи. Надворешноста ја красат и ново дизајнираните 18 инчни алуминиумски тркала. Гледана од надвор Octavia остава уверлив впечаток, под еднакво добар за деловна и семејна употреба. Што се однесува на димензиите ништо не е сменето. Позабележителни промени се направени во интериерот каде просторноста и функционалноста зрачат. Кога седнав на возачкото седиште се почуствував како дома.
Се ми беше познато, поставено на свое место и комотно. Физички копчиња има на воланот и неколку, за основните функции, на централната конзола. Сето останато е во знакот на дигитализацијата. Инструментите се отсликуваат на 10,4 инчен екран во боја додека најновиот инфозабавен систем претставен е на големиот 13 инчен лебдечки екран на допир. Веднаш под него лоцирана е подлогата за оставање и индуктивно полнење на паметни телефони.
Исфрлена е палката за менувачот и заменета е со едноставен прекинувач, потег со кого се доби повеќе простор за одложување на дребулии. Тест автомобилот е опремен со извонредно високо ниво на опременост, па покрај технолошките подобности акцентирани се естетските. Внатрешноста е пресвлечена со кожа која, покрај на седиштата, се среќава на вратите и централната конзола. Инаку, сето тоа е врвно вклопено со прецизна завршница, како и квалитетот на материјалите што се користат насекаде, додека има многу „Simply Clever“ допири на Škoda за да го направат претстојот во Octavia што е можно поедноставен.
Мојот впечаток е дека силен акцент е ставен на дигитализацијата и повеќето функции се одвиваат преку големиот екран на допир. Да ,има група копчиња со кратенки над централните отвори за воздух, сè работи добро и е поставено интуитивно, но се изгуби класичноста. На задната клупа повторно се чувствува просторноста, но како да е димензионирана да седат двајца, иако има простор за тројца.
Тое е поради конфигурацијата на ладицата поставена веднаш испод дифузорите на вентилацијата за задните седишта на централниот гребен. Таа е практична и длабока, но доколку некој би требало да се смести во средина би требало малку да повежба со нозете. Сепак, има доста простор во сите смерови. Таква е состојбата и со багажниот простор. Неговите 600 литри се водечки во класата. Во него има многу практични „Simply Clever“ решенија, па секаков предмет може да се стави и да не лизга низ големиот простор.
ОК, доста беше за впечатоците од разгледувањето. Сепак зборуваме за автомобил чија примарна функција е да обезбеди мобилност. Возената Octavia ја движи дволитрен турбо-дизел мотор впарен со седум степен автоматски менувач со двојна спојка. Иако можеби не е модерно деновиве тоа да го кажам, со оглед што дизелот полека, исто и како лимузините насилно се отстранува, јас мислам дека овој мотор е совршен за вештините на Octavia.
Škoda одамна има разбрано што сакаат возачите од нивните автомобили и Octavia го испорачува тоа со прецизна точност. Резултатот е што скоро 4,7 метри долгата каросерија не се чувствува толку голема зад воланот и ја прави многу вешта во тесните градски улици. Лесно се паркира, но воланот е укрутен, како да нема доволна асистенција на серво уредот. Octavia е пргава иако има само150 коњи. Низ градот, суспензијата на Skoda е добра за впивање на нерамниот асфалт.
Поради вртежниот момент од 360 Nm добро повлекуа при мали брзини а менувачот ја пренесува силата мазно. Звуците што ги испушта моторот никогаш не се наметливи или напнати. DSG менувачот дава голема флексибилност како одговор дури и на најнервозните притискања на педалот за забрзување. Кога го напуштате градот сваќате дека автопатиштата се природното живеалиште на Octavia.
Тука до израз доаѓа омекнатата суспензија која плива преку сите нерамнини и благо ве разгалува. Како да се наоѓате во бродче што удира во бранови. Чувството што го добивате е дека се наоѓате во безбедно, стабилно и добро усогласено возило, а мекоста на амортизацијата е нетипична за возило од групацијата VW. Ваквиот впечаток е совршен кога патувате со семејство. Но што се случува кога тато е сам и сака малку да ги „растегне“ тркалата? За такво сценарио имав одлична делница.
Пат со дискутабилен квалитет и многу свиоци е оној што ги поврзува Свети Николе и Пробиштип. Тие триесеттина километри се исполнети со прекрасни пејзажи и не се предизвик доколку возите туристички. Патот не е оптеретен, бев сам, па си дадов малку слобода да провоцирам. И покрај мекоста на амортизацијата, Octavia е способна кога станува збор за свиоци. Управувањето е прецизно и има смирувачка тежина, обезбедувајќи добро чувство на поврзаност со предните тркала.
Сосема добро се спротивставува на инерцијата, а прогресивното поставување на управувањето ја изострува почетната реакција. Octavia цврсто се држи низ свиоците, но поради омекнатата амортизација, каросеријата повеќе се навалува што го намалува впечатокот за агилноста. Сепак, тоа не значи дека е помалку стабилна и сигурна. Со Octavia се дружев нешто повеќе од 460 километри.
За таа дистанца забележав просечна потрошувачка од 5,6 литри на изминати 100 км, економичност која е за голема пофалба особено доколку се земе во предвид дека клима уредот цело време додека престојував во автомобилот работеше со полна пареа.. Како што споменав, тест возилото има ниво на опременост достојно на премиум возила, па дури и вентилација на предните седишта што во овие врели денови е вистински благослов.
И уште еден вистински благослов за ноќните возачи се Matrix LED фаровите кои даваат едно сосема поинакво искуство на автопат и овозможуваат далеку поголема перцепција од онаа која повеќето возачи ја знаат. Доколку би ја споменувал целата опременост би ми требало многу простор. Накратко, со мирна совест може да кажам дека, Škoda Octavia е еден од најпрефинетите автомобили што можете да ги купите во оваа класа. Се разбира, доколку можете да си дозволите 45.480 евра.
А, доколку ги немате во цел износ и тоа не треба да ве загрижува. Шпаркасе Лизинг купува за вас. Прекрасната и штедлива Octavia 2.0 TDI со автоматски менувач може да биде ваша со учество од 13.000 евра со месечна рата од 595 евра. Во овие услови љубовта ќе трае 72 месеци, но ќе биде исполнета со разбирање, штедливост и задоволство во возењето. За повеќе информации околу возилото информирајте се на www.skoda.com.mk додека за финансирањето употребето го калкулаторот на Шпаркасе Лизинг на нашиот сајт или на www.s-leazing.mk.
Заклучок
Škoda Octavia е возило способно да „покрие“ широка опсег на потреби, од семејни до флотни. Омекнатата амортизација и укрутениот волан се тема на дискусија, но не онаква во која би се доведол кредибилитетот на моделот. Едноставно тоа е еволутивна фаза. Мене Octavia ме „купи“ со своите пропорции, опременост, практичност и лесното справување со дигитализацијата.
Опременоста е извонредна, ергономијата одлична, возните својства сосема коректни. Лулањето како на бранови нема да им се допадне на возачите кои сакаат динамично возење. На крај на краиштата Octavia е лимузина за долга врска, не за краткорочна авантура. Мора да се признае, во оваа констелација е прилично скапа, но ако сакате секојдневен автомобил кој е пример на практичност и удобност, со висок степен на технологија, убав изглед, економичност и висока доза на луксуз, тогаш сте на вистинското место.


