Залихи само за 25 дена
Алармантни вести се шират низ САД – како резултат на намаленото производство, зголемената потрошувачка и активираните резерви за зауздување на цените, залихите на дизел гориво таму се доволни само за 25 дена. Според аналитичарите тоа е најниско ниво од 2008 година, истовремено кога побарувачката е на највисокото ниво од 2007-мата. На опасната комбинација на зголемена побарувачка и намалена понуда реагираше и администрацијата на претседателот Бајден која процени дека снабдувањето на пазарот со дизел е на неприфатливо ниско ниво и започна со разгледување на опции за надминување на кризата. Во меѓувреме растат цените – според американската управа за енергетски информации просечната цена на дизелот во САД е 5,34 долари за галон, што е околу 85 денари за литар. Од истиот извор се дознава дека и цената на бензинот просечно е 3,87 долари за галон, односно околу 60 денари за литар.


