Започна производството на Audi E-Tron
Светот уште не го видел, ама работниците на Audi веќе започнаа да го произведуваат
Објавено на 4 септември 2018 година
Додека чекаме на премиерата на електричниот SUV Audi E-Tron, во фабриката во Брисел и официјално започна неговото сериско производство. Германците, како доказ, ни ја испратија оваа фотографија на која членот на управниот одбор на Audi задолжен за производство и логистика Петер Кеслер и директорот на фабриката во Брисел Патрик Данау позираат покрај новиот модел кој срамежливо ѕирка под свилениот прекривач чекајќи да дојде 17 септември за кога во Сан Франциско е закажана неговата премиера. Меѓу другото, во прес соопштението од Audi се споменува дека на специјален полнач од 150 kW неговите батерии ќе бидат подготвени за наредната дестинација за само 30 минути и дека ќе има виртуелни ретровизори, како и дека работниците во Брисел имаат поминато повеќе од 200.000 часа тренинг за перфектно да бидат подготвени за стартот на производство на првиот електричен Audi.
А нам ни останува да се подготвиме за уште две недели чекање…