Врескав V8 или перформансен V6?
Се сеќавате на Zagato Mostro кој беше претставен во 2015 година со Maserati V8 мотор и ограничено производство од пет единици?
Точно седум години подоцна, италијанската дизајнерска куќа се враќа во Вила д’Есте со верзијата со отворен покрив, наречена Mostro Barchetta Zagato Powered by Maserati. Barchetta изгледа речиси идентично со обичниот Mostro, но тоа не е лоша работа бидејќи дизајнот со ретро вкус инспириран од Maserati 450S Coupé Zagato од 1957 година елегантно старее.
Покрај отсуството на покрив, Barchetta доаѓа со редизајниран заден дел додека ги задржува останатите силно извајани панели на каросеријата. Во нашите очи, Mostro Barchetta Zagato 2022 година изгледа посекси отколку купето од 2015 година, и покрај тоа што ги споделува повеќето рачно изработените панели на каросеријата.
Така стојат работите околу дизајнот, но со моторите е сосема поинаква ситуацијата. Сега за Barcehtta понудени се два погонски агрегати од Maserati. Можете да го имате или со најзвучниот атмосферски V8 од 4,2 литри кој произведува 420 КС, или со новиот трилитрен V6 битурбо од MC20 кој произведува поимпресивни 630 коњи. Во двата случаи, моторот е поставен централно што овозможува идеална распределба на тежината од 50/50 за возилото тешко 1.200 kg.
Моќта се испраќа до задните тркала преку шест-брзински мануелен секвенцијален менувач. Предната и задната суспензија имаат прилагодливите амортизери, додека 19-инчните алуминиумски тркала со единечни навртки се обложени во мешани гуми, 255/40 R19 напред и 295/35 R19 назад. Исто како и Мостро со затворен покрив, Mostro Barchetta Zagato ќе се произведе во само пет единици.
Првиот примерок беше изложен во Вила д’Есте пред да му биде доставен на сопственикот. Тој, исто како и останатите четири, е персонализиран според преференците на купувачите. Колку чини ова задоволство не се открива, но судејќи според другите специјални производи дизајнирани од Zagato и реткоста на Mostro Barchetta, веројатно за неа ќе треба да се издвои седум цифрена сума.


