На патот кон премиум…
Шпекулациите дека VW подготвува нов електричен модел како предводник на бранот идни спортско-корисни и комерцијални возила конечно завршија. Тие започна со купувањето на правата на името Scout од Navistar International во 2020 година. Сега Групацијата Volkswagen потврди дека за американскиот пазар ќе ја оживее марката и ќе претстави две солуции, ново електрично спортско-корисно возило и електричен пикап. По добивањето одобрение од бордот, VW е подготвен да инвестира една милијарда долари во проектот Scout кој е замислен на пазарот да функционира како независна марка. Лесните камиони, особено теренците, пикапите и кросоверите, се во подем и се меѓу најпрофитабилните возила во американската автомобилска индустрија. Џенерал Моторс го оживеа Hummer како бренд за електрични возила, а Форд го трансформира Mustang во кросовер со батерии.
Истиот рецепт е применет кај пикапот F-150 Lightning. VW таргетира годишна продажба во САД до 250.000 модели под брендот Scout, а производството е планирано да започне во 2026 година. Со овој потег VW ќе стане директен конкурент на тамошните луксузни електрични теренци и пикап возила. Не е исклучено основа да биде теренецот Atlas кој веќе три години успешно се позиционира кај американците, но повеќе веројатно е како платформа да биде употребена истата од идниот Amarok кој ќе има електрична верзија. Тоа само ја потврдува неодамнешната одлука од Волфсбург „народното возило“ во иднина да се трансформира во „премиум“ со помал обем на производство но зголемен профит, квалитет и ниво на технологија во своите електрични возила.


