Светот е исполнет со бизарности, некои дури и за неверување. Таков пример доаѓа од Америка каде на царина во пристаништата веќе втор месец се заглавени според некои информации дури 13 илјади автомобили од марките Bentley, Porsche и Audi. Причината е во тоа што тие во себе содржеле електронски компоненти направени во Кина во фабрики во кои се користи присилна работа. Според законите, заради кршењето на човековите права нивниот увоз во Америка е забранет.
Неофицијално самиот Volkswagen ги известил властите за потеклото на овие делови, наведувајќи дека ќе организира нивна замена пред автомобилите да бидат испорачани во дилерствата. Според германската компанија тие не биле свесни за потеклото на спорните компоненти бидејќи дошле индиректно од добавувачите. Прецизно не е објавено за кои делови се работи – се споменува дека во прашање е само една мала електронска компонента која е дел од поголема контролна единица.


