Во првите два месеци од 2026 година, Volkswagen го врати лидерството во Кина, најголемиот пазар на автомобили во светот.
Според податоците од Кинеската автомобилска асоцијација, задничката компанија на VW со SAIC освои пазарен удел од 13,9 проценти. VW го престигна производителот на електрични автомобили BYD, кој се бори со намалувањето на државните субвенции за еколошки возила.
На крајот од 2025 година, Volkswagen успешно го заврши проширувањето на својот Центар за технологија и иновации во Хефеј. Компанијата сега тврди дека може целосно да развива и произведува нови автомобили во Кина. Ова е добра вест за германскиот производител на автомобили кој поминува тешки времиња.
Минатата година, нето-добивката се намали за речиси половина. За дополнително намалување на трошоците, компанијата планира да намали вкупно 50.000 работни места до 2030 година. Како што објави најголемиот европски производител на автомобили, нето-добивката падна на 6,9 милијарди евра минатата година. Ова е најнискиот резултат од „Дизелгејт“ скандалот во 2016 година.
Дополнителен пад на профитот иницираше Porsche, кој ретерираше од „електричната агенда“. Подружницата за спортски автомобили објави дека ќе лансира неколку целосно електрични модели подоцна од планираното и наместо тоа ќе се фокусира повеќе на мотори со внатрешно согорување и хибридни возила.
Оваа стратешка промена веќе резултираше со загуба од милијарда евра за Групацијата Фолксваген во третиот квартал на 2025 година, прва квартална загуба од кризата со коронавирусот. Групацијата VW заедно со својот партнер SAIC располага со 16 фабрики во Кина.


