Групацијата VW нема да учествува во битка за попусти во Кина „по секоја цена“
Шефот на VW за Кина, Ралф Брандштатер, нема да попушти пред притисокот што се создава на најголемиот пазар на планетата од новите кинески производители. Нема сомнеж дека тамошните марки на домашниот пазар се поуспешни со електричните автомобили од нивните западни ривали.
Сепак, како што изјави Брандштатер, „Фолксваген се фокусира на одржлив бизнис модел. Конкретно, ова значи дека нема да учествуваме во битката за попусти по секоја цена“. Тоа го обајснува со позицијата на VW на кинескиот пазарот која ја квалификува како доволно силна. „Пред се, фокусот е на профитабилноста, а не на обемот на продажба или на пазарниот удел.“
Брандштатер очекува кинескиот пазар на автомобили да порасне од сегашните 22 милиони на меѓу 28 и 30 милиони до 2030 година. Тој верува доколку VW постигне продажба на повеќе од 4 милиони возила во Кина во 2030 година, со соодветна профитабилност, тоа ќе биде позиција со која акционерите би биле многу задоволни.
VW се стреми да биде најголемиот меѓународен производител на автомобили во Кина и ставот е дека е ирелевантно ако друг национален производител продава повеќе од германската компанија. Групацијата VW во Кина има шест фабрики во кои произведува повеќе од 30 модели со разни погони.


