Возевме : Peugeot 3008 1,2 GT Mild Hybrid

Авторитативниот настап на 3008 е доведен до врвно естетско ниво…

Изразено спортската кројка е проследена со извонредно атрактивниот интериер оформен скулптурално, дотеран со големи дисплеи, виско ниво на естетика и завршна обработка.

Најслабата карика остнува малиот избор на мотори на согорување чија моќност е скромна.

Што е 3008?

Еволутивниот развој на 3008 е интересен. Создаден е да помогне во трансформацијата на Peugeot благодарение на впечатлив дизајн и, она што во тоа време беше, убав интериер.

Кога се појави правата генерација, во 2008 година, таа беше помалку и симпатично грда, со втората направен е забележлив прогрес во сите смерови, а новата, трета генерација, е вистински погодок. Барем кога зборуваме за формата и изгледот. Тој прерасна во купе кросовер, свртува големо внимание на себе, а сепак, горе-долу, ги задржа постоечките димензии.

Неговите 454 сантиметри должина поставени се на новата средна платформа (STLA Medium) на конгломератот Stellantis која овозможува да се имплементираат електричниот, погонот со мотори на согорување и хибридите.

На прв поглед

Велат дека првиот впечаток е најважен. Ако се раководиме по тоа, тогаш нема што многу да се дискутира. Новиот Peugeot 3008 во возеното GT ниво на опременост би им се допаднало и на професионалните маанџии.

Зададената форма на купе кросовер чиј заден дел преминува во „Fastback“ линија ја прави силуетата да делува моќно. На тоа допринесуваат многуте детали што го дооформуваат силниот настап. Да, навистина силен настап. Светлата во форма на канџи, одлично оформените тркала, рељефно обработената маска на ладилникот, внимателна форма на задниот дел на кого доминира спојлерот…

Што подолго време се „врткате“ околу и го загледувате 3008, толку повеќе влегувате во магијата која просто ве заробува. А таа се содржи од темелна осмисленост, храброст да се игра со формите и малите елементи кои склопуваат прекрасен мозаик. На почетокот ја споменав еволуцијата на моделот. Во 2008 година бев поканет во Дубровник да го возам првиот 3008 чиј изглед и форма беа кроосверски, просторот беше комотен, но не отскокнуваше од клишето на брзо растечкиот сегмент.

Сега песната се смени. Наместо шлагер, Peugeot направи моќен хит што силно ја гаѓа публиката. И не било која, туку онаа со префинети сваќања за естетиката.

Зад вратите

Внатрешноста е фантастична, и е свеж здив во милето обични кабини што ќе ги видите во модерните автомобили во име на минимализмот и мантрата „помалку е повеќе“.

Има речиси ретро атмосфера во дизајнот и материјалите. Тој впечаток го нарушува огромниот дигитален екран од 21 инч, поделен на два дела, кој доминира во кабината. Поставен е високо и подалеку од возачот, речиси потпирајќи се на шофершајбната. Неверојатно брзо реагира на командите и се однесува повеќе како модерен таблет отколку слабите системи што често ги наоѓате во автомобилите.

Како што веќе стана традиција на Peugeot, воланот е мал, хексагонален и седи повеќе или помалку во вашиот скут. Контролната табла и централната конзола се обвиткуваат околу вас. Да се ​​најде добра позиција за возење е прилично лесно, бидејќи иако воланот не се движи многу, седиштето има голема приспособливост за да го компензира тоа. Остатокот од просторот зрачи со стилски изглед и високо технолошки комплет.

Десно од воланот има тенок тачпад кој има кратенки кои се конфигурираат за да на големиот екран можете полесно да пристапите до менијата што ви требаат. Рачката на менувачот сега е заменета со прекинувач зад воланот, така што централната конзола ја остава слободна за држачи за чаши и простори за складирање,

а мешавината на амбиеталното осветлување и површините на меката ткаенина на контролната табла на 3008 овозможува да ги предизвика моќните Германци по квалитет и да ги надмине според дизајнот. Има многу места за одложување на дребулии, а на оние во вратите им недостасува мека облога за да предметите оставени таму не се огласуваат во возењето.

На задните седишта

Под синонимот „Fastback“ се крие спуштен покрив и заден дел формиран нетипично за постулатите на класичнот дизајн.

Во тоа друштво Peugeot влезе со 408 и го примени истиот рецепт кај  новиот 3008. И покрај необично оформениот покрив, има добар простор на задните седишта. Можеби се очекува просторот за главите да биде ограничен поради наведнатиот покрив, но дури и повисоките патници ќе го сметаат за простран, а нивните колена нема да го допираат седиштето напред.

Но, подот е доста висок, што значи дека вашите бутови не се потпираат на седалката на клупата, што може да биде заморно на долги патувања. Со багажник од 520 литри, Peugeot 3008 ќе биде доволно простран за повеќето, но нуди помалку простор од некои од неговите конкуренти. Сепак, вреди да се напомене дека багажникот на 3008 е прилично длабок и има место за неколку гломазни куфери.

Каков е за возење новиот 3008?

Peugeot тврди дека прави автомобили ориентирани на возачите. Јас во потполност се сложувам со тоа, арно ама, ако се ставам во кожата на „милениумците“.

Сепак јас сум ветеран, стар оџак низ кого поминало многу чад… Ова не е Peugeot од моето време, во кое имаше мотори на претек и мускули способни да се буткаат со најдобрите. Сега на избор е три цилиндерски бензинец од 1.199 ссм, турбо полнач потпомогнат од благ хибрид со системска моќност од 136 коњи од кои 29 ги испорачува електричниот мотор.

Не сум лик со предрасуди, па пристапувам објективно. Ограничувањата во брзината на движењето по патиштата се сé поригорозни, во градски услови исто така, нè бомбардираат со прикаски за загаденоста и колку автомобилите допринесуваат на тоа, па логично е да се вградуваат мали мотори кои не загадуваат. Но, дали е така?

Па еве да споделам со вас факти, она што успеав да го искусам во моите 460 километри извозени со 3008 во сите нормални сценарија на возење, како обичен учесник во сообраќајот низ нашиот „бисер балкански“. Благиот хибрид од 48 волти со мала батерија има за цел ја намали потрошувачката, да биде помала од онаа на автомобилите со дизел мотор, барем во градско возење, но со помалку азотни оксиди, емисии на јагленород диоксид и бучава. Звучи логично, нели?

Згора на тоа, во име на ефикасноста, исфрлен е осум степениот автоматик на чие место дојде, исто така автоматик, но со шест степени и двојна спојка за кого производителот тврди дека е поефективен. ОК, тоа е што е. Сепак, Македонија е планинска земја. Дури и во градовите има брда на кои треба да се „запне“.

Благиот хибрид добро функционира во урбани средини. Рака на срце, поради малата батерија немате можност да возите долго на струја, но помошта што ја дава е забележителна. Доколку имате лесна нога, системот ви дава можност често да „едрите“, односно акумулираната енергија да ја искористите за еколошко возење без емисии на штетни гасови.

Што да очекувате на отворен пат?

Бидете умни и возете според патната сигнализација, тоа би била мојата  препорака вон урбан циклус на возење.

Моторот добро се однесува, го одржува темпото на возење, не е галамџија. Многу добро коренспондира со новиот менувач. Сепак тежината на убавецот 3008  е 1.650 килограми и се чувствува на учинокот. Сé е во најдобар ред додека сте воздржан. Оној момент кога ќе сакате малку да ги преминете границите, доаѓате до ново искушение.

Менувачот и понатаму одлично си ја врши функцијата. Дури и доколку мануелно менувате со прекинувачите зад воланот, тоа се одвива брзо, меко и без никакви ограничувања.

На планинските превои каде, доколку сакате да се истакнете, ќе морате добро да се потрудите и да предвидувате. Забрзувањето до стотка е за долги 10,2 секунди а да ја постигнете максималната декларирана брзина од 201 км/ч на помош ќе ви треба  блага надолнина. На планинските делници, каде ви е потребно да претекнете споро возило неопходно е добро да испланирате и да имате добар преглед на патот. Едноставно претекнувањата се спори, за мене фрустрирачки, исполнети со неизвесност, дали ќе успеам да поминам пред да се појави полната линија. За среќа, на нашите патишта има полни линии колку душа ви сака, па скротете ги амбициите. Исто така, усукувањето на каросеријата и надуправувањата во свиоци, доколку ви успее да ја „усвирите“ 3008-ката, се нагласени. Тоа е цената на групирањето и глобализацијата. Нешто се добива, а многу повеќе се губи. Ама, како што реков, јас припаѓам на старата гарда, и можеби некои четива тешко ги разбирам и дигестирам.

Како прилог на тоа ќе повлечам една паралела која ми блесна додека се возев од Дебар кон Маврово. На свиоци најдобро е да се однесувате како Томас Џером Њутон, ликот од култниот филм „Човекот што падна на Земјата“, хуманоид дојден од друга планета, толкуван од Дејвид Боуви. Тој не поднесуваше брзина и секогаш со автомобил патуваше споро, дури и под рамките на дозволената брзина. Во моето искуство тоа не ја намали потрошувачката.

За жал, во споменатите 460 изминати километри со 3008 со благ хибрид јас забележав просечни 8,2 литри на изминати 100 километри. Тоа не е ниту помалку ниту поеколоошки, ниту певтино од анатеминисаните дизели.

Како до Peugeot 3008 GT?

Како и со моите впечатоци, постојат два пата како да стигнете до убавецот што блеска со својот изглед. Првиот е да изброите 40.000 евра за богато опремената верзија 3008 GT. Се разбира дека има и поевтини изведби, но ова е тоа што ви треба. Ви изгледа многу?

Тогаш обратете се Шпаркасе Лизинг. Со уплата од 9.170 евра ќе може да крстарите во стил. Поделено на 72 рати, тоа задоволство ќе ве чини 570 евра месечно, сума која е доволна за добар ресторан во Скопје за оброк за шест гости. Тоа не е и некој трошок за оние што имаат.

Заклучок

Новиот Peugeot 3008 ми побуди амбивалнтни чувства. Неговиот изглед, ергономија, удобност и разбирлива просторност ме маѓепсаа.

Тоа е возило со кое би го искажал своето алтер его. Има одлични ADAS системи, лесен е за паркирање, исполнет е со технологија лесна за користење, опремен е токму онака како што би сакал јас. Добро, можеби ми недостасува хед ап дисплеј, но големиот, високо поставен дигитален монитор добро ја заменува неговата функција.

Сепак, мојот проблем е што долго помнам. А помнам кога Peugeot значел многу во спортот и возните својства, кога бил еден од ретките производители кои пружале извонредни динамички својства. За жал тоа го нема во возениот убавец 3008. Можеби равенката треба поинаку да ја поставам. Зависи дали сакате да сте со манекенка или атлетичарка. По сето судејќи Peugeot не кани на париската модна седмица, не на Олипијада.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER