Возевме : Opel Mokka GS 1.2 Turbo 130 AT8

Неодамнешниот фејслифт ја зголеми привлечноста на Mokka додавајќи ѝ нов стил, ажуриран инфозабавен систем и различни нивоа на опрема. На возење ја имавме верзијата со 1,2 литрен турбо-бензинец со осум степен автоматик во високото ниво на опременост GS.

Opel Mokka беше еден од првите модели што на купувачите им понуди избор помеѓу традиционален бензински мотор, благ хибриден погон и целосно електрична верзија.
Тесно поврзана со други автомобили под корпоративниот чадор на Stellantis, таа се одвојува со својот изглед успевајќи да ги задржи чистите форми, препознатливата маска на ладилникот и добро скроената внатрешност. Класата на мали кросовери, во која се наоѓа Opel Mokka, се популарни и Mokka  всушност многу добро се продава, привлекувајќи нови клиенти кон брендот.
Можеби тоа е причината што направените надворешни ажурирања се мали, толку мали што тешко се забележливи. Она што се промени е тоа што има нови браници напред и назад, а напред има и нови вшмукувачи за воздух, нови фарови и стоп светла како и ревидирано лого на Opel. Возениот модел е украсен со една од двете нови бои „тропско зелена“.
Mokka под кожата е механички идентична со Opel Corsa, но кабината е попространа, а двајца големи луѓе можат удобно да седат напред. Просторот на задните седишта е многу поограничен. Со багажен капацитет  од 350 литри дозволува складирање на неколку куфери. Во кабината има корисен простор за складирање во предниот дел. Распоредот не се промени многу во визуелна смисла.
Сè уште го добивате истиот пар 10 инчни екрани поставени на контролната табла, иако графиката сега изгледа малку поостра. Има нов софтвер за главниот екран на допир, кој е базиран на кратенки од менито „виџет“ кои можете да ги движите по екранот како што сакате. За среќа, Opel сè уште гледа смисла и вградува физички контроли за климатизација, за јачината на звукот, како и некои копчиња за екранот на допир, што го прави животот полесен и побезбеден.
Главната промена за Mokka е додавањето на софтверот за вештачка интелигенција ChatGPT, кој наводно ви овозможува природно да разговарате со дигиталниот гласовен асистент. Теоретски, можете да го замолите да ги извршува вообичаените задачи во автомобилот, како што се менување на поставките за климатизацијата или внесување навигациска дестинација.
Велам теоретски бидејќи во текот на моето користење на Mokka тешко ми успеваше перманентното впарување на телефонот, како да имаше некаков антагонизам помеѓу мојот телефон и софтверот на Opel.
Она што претходно беше најмоќниот бензински мотор на Mokka, сега е избор на почетно ниво со автоматскименувач. Помалку ме зачудува што рестилизирањето не е искористено да се исфрли класичниот клуч од спецификацијата на Mokka. За да се стартува моторот ќе морате да го ставите клучот во бравата и да го завртите. Можеби тоа треба да ве потсетува дека е задржан класичниот пристап, како што е и погонот, без никаква асистенција на струјата. Ова е модел само со мотор на согорување.
Со ознака 1.2 Turbo 130, моторот официјално може да забрза од 0 до 100 км/ч за 9,2 секунди. Тој мал трицилиндричен мотор има пријатен, рапав звук кога силно забрзувате. Одлично соработува со осум степениот автоматски менувач во секое сценарио на возење. Овој тандем до израз ја става основната намена на Mokka, а таа е да обезбеди удобно возење и да пружи солидна динамика на возење. Управувањето е премногу лесно за вистински ентузијазам, но подвозјето е добро контролирано, со удобен квалитет на возење и општо чувство на агилност.
Mokka отсекогаш била еден од подобрите за возење компактни кросовери, а тоа не се промени со ажурирањето. Кога се вози по долги, брановидни патеки Mokka, со својата средно тврда суспензија, е извонредно удобна. Бучавата од патот и суспензијата е добро потисната при брзина, и додека 1,2-литарскиот бензински мотор испушта резок звук додека забрзувате, тој исчезнува при зададено темпо на возење.
Има малку бучава од ветер околу столбовите на шофершајбната при брзини на автопат, но не е особено наметлива. Како и многу мали кросовери, Mokka не е многу повисока од обичен хечбек. Сепак, седиштата се поставени доста високо за да ви овозможат поубедлив поглед на патот, а автомобилот има висока хауба што можете да ја видите од седиштето на возачот, давајќи ви впечаток дека возите „вистински“ теренец.
Дури однесувањето вон асфалтот, мислам на утабани неасфалтирани патчиња, не на терен, е сосема задоволувачко. Изразено покрутото потпирање во однос на своите братучеди од групацијата прави во градски услови на возење Mokka да се чувствува цврста. На поголеми нерамнини типични за улиците како што се дупки, вдлабнатини и шахти може да почуствувате погруба интеракција. Секако, чувството не е непријатно.
Поради високите летни температури цело време вредно работеше климатизацијата која прави пријатен амбиент во внатрешноста. Можеби токму поради „цедењето“ на климата просечната потрошувачка изнесуваше 7,6 литри, 1,5 литар повеќе од фабрички декларираната. Во извадбата GS, која е исполнета со долга листа на дополнителна опрема, 17 инчни тркала, осум степен автоматски менувач и бројни активни асистенти за возење како и панорамски приказ на паркирањето, цената изнесува 23.900 евра.
Тоа е за 2.000 евра повеќе отколку почетниот модел означен како „Edition“, но доколку јас би бирал, не би жалел да доплатам за сите удобства што ги нуди нивото GS. Впрочем, таа разлика е занемарлива доколку купувате на лизинг во Шпаркасе. Со учество од 5.342 евра и месечна рата од 295 евра на 84 месеци, ги добивате клучевите од оваа Mokka. Да токму на оваа, поскапа верзија.
Едноставно лично не би си дозволил да заштедам 2.000 евра на почеток, за да изгубам многу благодети на долг рок. Ако барате мал кросовер што ќе ви извлече насмевка на лицето кога патот ќе стане кривулест, Mokka не е за вас. Склона е кон навалување дури и при умерени брзини, и се чувствува малку тешка при брзи промени на насоката. Сепак, таа е добро избалансирана, и затоа е посамоуверена, низ побрзи свиоции од повеќето адекватни модели од групацијата.
Јас го претпочитам управувањето на Mokka кое се чувствува поприродно и линеарно во своите реакции, што го олеснува прецизното поставување на тесни патишта. Удобноста, управливоста и функционалноста се ставени во прв план, додека неможе да очекувате експлозивност, но општата динамика е сосема солидна. Ова што сега го опишав укажува дека Mokka е вистински избор за оние кои имаат поважни приоритети од палење гуми по свиоци и тркање со самите себе.

Opel Mokka 1,2 GS

 

Opel Mokka 1,2 GS_1

 

Opel Mokka 1,2 GS_8

 

Opel Mokka 1,2 GS_6

 

Opel Mokka 1,2 GS_5

 

Opel Mokka 1,2 GS_2

 

Opel Mokka 1,2 GS_4

 

Opel Mokka 1,2 GS_3

 

Opel Mokka 1,2 GS_12

 

Opel Mokka 1,2 GS_11

 

Opel Mokka 1,2 GS_10

 

Opel Mokka 1,2 GS_9

 

Opel Mokka 1,2 GS_13

 

Opel Mokka 1,2 GS_14

 

Opel Mokka 1,2 GS_15

 

Opel Mokka 1,2 GS_16

 

Opel Mokka 1,2 GS_17

 

Opel Mokka 1,2 GS_18

 

Opel Mokka 1,2 GS_19

 

Opel Mokka 1,2 GS_20

 

Opel Mokka 1,2 GS_detalj stop

 

Opel Mokka 1,2 GS_detalj preden branik

 

Opel Mokka 1,2 GS_gepek

 

Opel Mokka 1,2 GS_vnatre1

 

Opel Mokka 1,2 GS_vnatre2

 

Opel Mokka 1,2 GS_vnatre

 

Opel Mokka 1,2 GS_vnatre3

 

Opel Mokka 1,2 GS_vnatre6

 

Opel Mokka 1,2 GS_vnatre7

 

Opel Mokka 1,2 GS_27

 

Opel Mokka 1,2 GS_26

 

Opel Mokka 1,2 GS_25

 

Opel Mokka 1,2 GS_24

 

Opel Mokka 1,2 GS_23

 

Opel Mokka 1,2 GS_22

 

Opel Mokka 1,2 GS_21

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER