Возевме – Opel Grandland Electric

Со претставувањето на новата генерација на Grandland, Opel влегува на постојано растечкиот пазар на електрични кросовери од Ц сегментот и има добри аргументи

Што е Grandland?

На сцена стапи Grandland и сега „молњата од Руселсхајм“ има три кросовери  различни по големина. За новиот модел употребена е средната платформа на групацијата Stellantis, која воедно, ја користат и неговите француски братучеди Peugeot E-3008 и Е-5008. На почетокот на кариерата Grandland се нуди во две погонски верзии. Првата е со 1,2-литарски бензински мотор засилен со 48-волтен хибрид кого наскоро го очекуваме во Македонија, па затоа се фокусиравме на Electric која, на почетокот, се нуди со стандардна батерија од 73 kWh, еден мотор од 213 КС и погон на предните тркала. Од следната година ќе се придружи посилен дериват, изведбата со масивен пакет батерии од 97 kWh за автономија од 700 километри, два мотори и погон на сите тркала.

На прв поглед

За да видиме како се однесува, бевме поканети во Германија да го возиме Grandland Electric во и околу родниот град на Opel, Руселсхајм. Не може да се негира дека новиот Opel Grandland е автомобил со добар и привлечен изглед, но исто така не е нападен. Малку личи на моделот што го заменува, иако со своите остри линии, контрастниот покрив и големите тркала, оддава сериозност која може да понесе дури и необични бои на каросеријата, како што е розово злато, боја во која беа претставени електричните изведби.

Може да се констатира дека одлично прилега на севкупниот впечаток и Grandland многу подобро личи отколку обоен во здодевната сина боја во која беа презентирани бензинците. Накратко, го „отвора“ изгледот и ентузијазмот со кого Opel настапува со своите нови модели.. Фокусот на новиот Grandland е стваен на светлата.

Напред, препознатливиот Vizor е опремен со светлосни LED ленти во целосна ширина помеѓу извонредните IntelliLux матрични фарови со неверојатни 51.200 LED диоди вкупно. На задниот дел применет е истиот рецепт, но наместо светлечкиот знак аплициран на носот, помеѓу црвените ленти испишано е светлечкото име на компанијата.

Поглед во внатрешноста на Opel Grandland Electric

Ова е кабина која е многу подобрена од онаа во стариот автомобил, комплетирана со висококвалитетни материјали, солидно чувство за конструкција и убава, разновидна употреба на текстури, површини и бои, што е значајчо отстапување од сивилото на претходникот.

За волја на вистината, внатрешноста можеби не е толку впечатлива како онаа во Peugeot E-3008, но во неа се чувствува германската прецизност и практичност, што мене лично, повеќе ми се допаѓа. Со своите AGR седишта, уредниот стил и големата просторност оформува пријатна атмосфера што ја чувствуваат возачот и патниците.

Багажник од 550 литри, а патниците на задната клупа добиваат дарежливо сместување, дури и кога повисоки луѓе кои седат напред. Едноставно, внатрешноста на Grandland може да се смета за хит. Исто така, нема проблеми со видливоста надвор од каросеријата, а добрата позиција за возачот лесно се наоѓа. Единствен рецидив од француските братучеди е исфрлениот столб на управувачот кој не е типичен за Opel.

Дали има многу технологија во Opel Grandland Electric?

Дефинитивно да! Само таа е суптилна, не е нападна како кај другите марки. Повторно германската технолошка ориентираност и скромност направија сосема поинаква атмосфера во внатрешнноста. Возениот Grandland спарува 10 инчен дигитален монитор со инструменти за возачот и 16 инчен широк екран во средината на горната конзола. Тој е јасен, но според моите сваќања, премногу е долгнавест, па можеби во одредени ситуации делува расеано, помалку плитко.

Навигација во графички модус е дискутабилна ако ја зумирате. Тогаш крстосниците се прикажуваат доцна, небаре кога веќе ќе стигнете до нив.Работите се подобруваат кога ќе го употребите  режим на птичја перспектива. Сепак мислам дека екраните за навигација треба да бидат квадратни, чисто поради полесната перцепција. Затоа пак на опционалниот дисплеј на шофершајбната графиката е под конец. Pixel Box е областа која содржи безжична конзола за полнење на паметни телефони која има проѕирен, аголен панел на предната страна за да можете сè уште да го гледате вашиот уред.

Меѓу другото, има загревани седишта, загреван волан, амбиентално осветлување со седум бои, задна врата со напојување и висококвалитетен звучен систем Focal со десет звучници. Сосема добри аргументи за да го ставиме Grandland во погон, да видиме каков е во возење…

Возејќи го Opel Grandland Electric

Grandland Electric, барем за сега, има електричен мотор поставен на предната оска со моќност од 157 kW или 213 КС, кој исто така испорачува до 345 Nm вртежен момент преку менувачот со еден пренос кој ја трансферира силата на предните тркала.

Пакетот батерии е употреблив со енергетски капацитет од 73 kWh, што резултира со официјален домет до 523 километри според WLPT. Тоа е конкурентно, и прифатливо, но секогаш постои некое „но“. Ќе дојдеме и до тоа. Сега се фокусирам на реалните параметри. Перформансите се доволно добри. Доволни се девет секунди од мирување до 100 км/ч. Иако ист по конструкција како неговата изведба со бензински мотор, Electric крие една тајна.

Тој има мултилинк подвозје што го прави далеку пореспондивен во сите услови на возење. Опремен е со селективни амортизери и прилагодлив тристепен регенеративен систем за сопирање. И сето ова значи дека, за возење, Grandland како електричен модел е ориентирано кон секојдневието, способен, управлив и задоволително динамичен. Во градска средина Grandland е благослов.

Високото седење проследено со извонредната удобност на AGR седиштата и рационалната ергономија го прават своето. Звучната изолација е одлична и атмосферата во кабината е пријатна. Во моето возење подолго од 250 км беше испреплетено со градски рути, автопат и регионални патишта. Opel одлично ја подготви својата домашна работа. Новиот електричен модел се истакнува со ниско ниво на бучавост и удобство во возењето.

Кога сé е добро, кинеската поговорка вели, ставете си камче во чевлите, за да не се опуштите. Тоа камче е, како што споменав, перспективата на прикажување на навигацијата. Само изберете ја во режим на птичја перспектива и немајте гајле. Поради мулти линк потпирањето тежинаат од 2,2 тона не ви го одвлекува вниманието. Потпираењето одлично ја префла тежината на оските во свиоци, па дури и пневметиците не пеат гласно.

За жал, во моето возење постигнав далеку од декларираните резултати, но тоа е поради синтетичкиоата норма WLTP. Според неа Opel Grandland Electriс има автомонија од 523 километри со просечна потрошувачка од  16,9 kWh. Таа прикаска закачете ја на мачката на опаш! Во моето возење во секојдневен циклус на возење забележев 18,3 kWh потрошувачка, што во реалност покажува дека можете да поминете 100 километри помалку од декларираното.

Колку чини Opel Grandland Electric?

Високите цени како да станаа секојдневие кај електричните возила. Згора на тоа доаѓа и високата цена на полнење на струја на јавните полначи. Кај нас ЕВН наплатува пет пати поскапа струја на нивните полначи отколку во домашни услови. Тоа е брутално, но тоа е нашата реалност. Доколку се одлучите да бидете современ и политичко-еколошки исправен ќе треба да одвоите забележителна сума пари.

Олеснителна околнодт е што Шпаркасе Лизинг има џентлменски однос кон BEV па добивате субвенција во висина од 5% од цената. Тоа не е занемарливо. Во Германија Opel Grandland Electric чини 46.000 евра. Ајде да кажеме декаи кај нас ќе ја постигнеме истата. Во тој случај со учество од 20% кое изнесува 9.200 евра, ќе плаќате месечна рата од разумни 527 евра месечно во рок од седум години. Можеби ќе кажете дека тоа е многу, но погледнете околу себе, новата реалност бара посветеност кон светлата иднина….

Заклучок

Opel Grandland Electric е сосема оправдливо возило. Ги задоволува сите норми на естетика, ергономија и квалитет. Тој нема да биде на врвот на продажбата поради прагматичноста што ја нуди. Денеска се во мода самобендисани прикаски кои нудат многу „шарени лажги“.

Opel тоа не го прави. Ви нуди рака да влезете во прикаската на електрични возила со фер понуда. И на крајот на краиштата ја имате изведбата со благ хибри која ќе биде интересна за нашиот пазар. Само избегнувајте ја сина боја…

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER