Големо име, големи очекувања
Новите времиња носат нови предизвици. Opel секогаш бил подготвен да ги прифати. Пред повеќе од три децении во гамата го внесе својот прв теренец Frontera, кој за тоа време беше модел што ги пробива границите. Истото го повторува со новиот наследник на големото име, но овај пат на рационален и суптилно емотивен начин.
Новата Frontera е третиот кросовер на Opel. Таа им се придружува на Grandland и Mokka со потенцијал да биде најприфатена од ова трио. Има едноставен, но маркантен и препознатлив изглед. Успеа да ја задржи персоналноста иако поголемиот дел од механиката ги дели со своите сестрински модели на групацијата Stellantis. Се нуди со хибридни и електрични погони со пренос на силата на предните тркала. За нашиот пазар најадекватен е хибридот со 136 КС, па затоа со него поминавме најмногу километри по живописните и серпентинести рути на Мајорка.
На прв поглед
Кога станува збор за Frontera, првата асоцијација ми е крајно емотивна. Мојата прва директна средба со неа беше 1998-та година во Њукасл на тест возењата на рестилизираното издание.
Горостасна, моќна, вистински теренец. 26 години подоцна, повторно на остров, се сретнувам со нејзината наследничка која има сосема поинаква улога. Мајорка е прочуена дестинација каде се испреплетуваат природните убавини, длабоките џебови и помала од британскиот остров. Таква е и новата Frontera. Далеку помала од претходничката, но со голем потенцијал. Со 4,38 метри, должината на Frontera не е голема како првото теренско возило на Opel актуелно помеѓу 1991 и 2004 година но, од друга страна, доби елеганција, со внимателно обликувано тело и стилски изглед на каросеријата.
Предницата го носи потписот на Vizor, препознатлив за новите модели од Руселсхајм, но предниот браник сега е посфрлен давајќи теренски изглед. Дизајнерите на Opel направија особено интригантен заден дел за Frontera. Дебелите C-столбови веднаш го привлекуваат вниманието како и поделените задни светла. Зад нив се крие багажниот простор од 460 литри во кого може да се сместат уште две седишта, верзија која Opel не ја понуди за возење и се најавува во следната година, но само како опција за хибридните верзии.
Едно од интригантните решенија е понудата на челични тркала офарбани бело. Тоа се софпаѓа со биколорната каросерија, но побудува амбивалентни чувства. На некои им се допаѓа, а другите имаат критички став. Едно е сигурно, тоа дава ретро зачин во модерната прикаска.
Во кабината на Frontera
Како и многу други модерни автомобили, кабината на Frontera има минималистички дизајн, но задржани се и физички копчиња сместени испод централниот дисплеј.
За жал трендот во новите автомобили е да се користи тврда пластика која делува евтино, но завршната обработка е прецизна. Главната улога им припаѓа на двата екрани во боја, секој од десет инчи. Нив ги одликува остра графика и јасни менија. Атмосферата во кабината е пријатна. Доминирањето на мрачните бои успешно се разбива со биколорните тапацири на седиштата и светлите лајсни на централната конзола.
Frontera Hybrid во внатрешноста се разликува од онаа на електричниот модел, со една мала промена. До селекторот на менувачот, има мало копче кое во Frontera Electric е означено како „C“ и активира помалку агресивен регенеративен режим на сопирање. Овде, во хибридот, тој е означен со „L“, што е корисно ако се спуштате по стрмен пат и ви треба малку повеќе моторно сопирање. Возачката позиција е пријатна и овозможува прегледна панорама, па возачот доста релаксирано се чувствува.
Кабината е разумна со обилие на простор за складирање напред, многу удобни предни седишта и некои уредни додатоци како што е еластичната ткаенина околу држачите за чаши што ви овозможува да сместите поголеми предмети во тој простор. Просторот на задните седишта е одличен, со изобилен простор за главата и нозете.
Возејќи ја Frontera
FronteraHybrid има 1,2 литрен мотор со турбо полнач кој е засилен со електро-мотор. Тој се стартува со клуч, а не преку копче. Склопот е познат од другите модели на групацијата Stellantis каде е наведен како хибрид од 48 волти, но Opel инсистира дека не е благ хибрид, бидејќи наместо интегриран стартер-генератор,хибридниот систем на Frontera се заснова на електричен мотор од 21 kW интегриран во шест-брзински,автоматски менувач со двојна спојка и дава системска моќност од 136 коњи.
Многумина се прашуваат дали овој склоп е адекватен за македонската конфигурација на патишта? Нашата земја е планинска и имаме многу превои со голема висинска разлика. На таа дилема добив одговор на Мајорка. Медитеранскиот остров има сериозни планински рути, многу слични на нашите, каде поминав добар дел од извозените километри.
Однесувањето е сосема добро за култивирано возење. Ако немате тркачки амбиции ќе заклучите дека секогаш имате доволна доза на сила. Механичките склопови делуваат поцврсто отколку кај останатите сестрински модели. Fronteraго покажува своето германско потекло со калибрацијата на потпирањето, прецизниот одговор на управувачот и педантното владение во свиоци.
На ридските делници не е возило што ќе ве импресионира, но нема ниту да ве разочара. Забележлива е поголема галама која ја произведува моторот кога го форсирате, но овој склоп е направен да пружи оптимум. Впрочем, огромен дел од купувачите на кросовери одамна се поздравиле со апетитот за адреналин зад управувачот. Благодетите се чувствуваат во урбани услови и возење на автопат, каде најголем дел од времето ќе биде употребувана.
Тука Fronteraсе чувствува како риба во вода. Лесно е управлива, релативно тивка и без проблем ја одржува динамиката.Малата батерија од 989 ват-часови се полни или со моќност на моторот или со регенеративно сопирање, а Opel вели дека има доволно капацитет за околу еден км возење само со електрична енергија.
Што е уште позначајно, е тврдењето дека Frontera хибрид може дури 50 проценти од времето на возење во град да го изврши само на електрична енергија. Останатите перформанси се добри. Спринтот од мирување до 100 км/ч го поминува за девет секунди, што е за 3,1 секунди побрзо од електричната изведба и достигнува максимални 190 км/ч.
Земајќи го во предвид мојот пристап на возењето, особено на планинските патишта, просечната потрошувачка изнесуваше 7,9 литри. Помалку ентузијастички настроени возачи би можеле да поминат со два литри помалку.
Колку чини Opel Frontera Hybrid?
Се уште цената на македонскиот пазар не е позната. Моите калкулации кои ги направив врз база на германските цени се сведе на 26.500 евра. Сепак тоа е есап кого не треба да го фатите здраво за готово.
Доколку сум во право, Frontera кај нас би можела да направи добар скор. Со помош на Шпаркасе Лизинг учеството во висина од 20% би изнесувало 5.767 евра и месечна рата од 317 евра на седум годишна отплата.
Заклучок
Opel Frontera не само што е допадлив, таа е привлечен модел. Од компактните димензии извлечен е максимум па се добива многу простор во кабината.
Рака не срце, инженерите на Opel беа приморани да прифатат многу компромиси наметнати од Stellantis, но и покрај тоа успеаа да испорачаат автентичен модел со изразито германска вокација. Frontera Hybrid се чувствува сталожена и добро избалансирана дури и на предизвикувачки планински патишта, со особено добро тежинско распределување.
Накратко Frontera го оправдува името што го носи и сега е добро позиционирана за улогата која ја доби, да биде кул, практична и безбедна.