Шестата генерација на Opel Astra добро ја познавам во сите нејзини изданија и верзии. Понудата да ја возам со 1,2 литрениот мотор и шест степен мануелен менувач ме привлече што сите досега тестирани верзии беа со автоматски менувач. Затоа нема да трошам многу време за да ги објаснувам дизајнот и интериерот.
Дете од стара мајка
Од своето појавување во 1991 година Opel Astraја продолжува успешната лоза на компактни модели од Руселсхајм која ја започна легендарниот Kadett пред 65 години, кој пак влече корени од истоименикот од далечната 1936 година. Значи, пред мене е автомобил со големо семејно стебло и тежок товар на своите плеќи.
Како и кај сите марки на возила, компактните каросерии со пет врати се потиснати од трендовските кросовери, но на светот сѐ уште има ентузијасти кои ги почитуваат класичните вредности и ја прифаќаат модернизацијата што го олеснува секојдневното користење. Таков егземплар е возената верзија. Неа ја задвижува трицилиндерски 1,2 литрен мотор, но за оваа пригода засилен на 110 КС и тоа без никаква електрификација. Кога веќе ја споменав историјата, редно е да се напомене дека Kadett во своето портфолио имаше мотори со истата зафатнина, но тие беа четири цилиндерски и имаа далеку помалку сила од нивниот внук кого го возам.
Модерната Opel Astraе разумен, практичен, рационален хечбек со пет врати.Дури и неговиот концепт, 1,2 литарски турбо бензински мотор, кој ги движи предните тркала преку мануелен менувач добро прилега на потребите на корисниците, поклоници на „старото школо“ кои сакаат автомобил со добар изглед.Поставена на 16 инчни тркала и ненаметлива опременост надворешноста оддава суптилнаатрактивност.
Она што е поатрактивно во Opel AstraEditionе цената од 23.500 евра што е голем аргумент за нејзино купување. Во реалност, тоа значи дека со учество од 20% во Шпаркасе Лизинг кое изнесува 4.699 евра,во периот од 72 месеци ратата ќе изнесува 375 евра. Уште една погодност е пет годишната гаранција. Е сега, ги кога расчистивме основните работи важни за нашите купувачи, може да се осврнеме на она што го нуди верзијата Edition.
Разумна, модернизирана и згодна
Визуелно атрактивниот преден дел Vizor поставен на црно обоена позадина што силно ги истакнува препознатливите светлата. Црниот лак се наоѓа и на надворешните ретровизори, помеѓу прозорците и на задниот спојлер.
Алуминиумските тркала ја заокружуваат впечатокот дека оваа комбинација не е само практична, туку и е кул. Кога сме веќе кај опремата треба да продолжиме во внатрешноста која е прилично модерна.
Два 10 инчни монитори од кои едниот е задолжен за инструментите, а другиот за инфо-забавниот систем го формираат панелот кој доминира во интериерот. Тука се и физичките копчиња за брз пристап до менито на централниот монитор и климатизација. Возачот седи во анатомски обликуваното седиште AGR и неговата позиција е вистинска за ентузијастички пристап на возењето.
На тоа помагаат бројните системи за активна и пасивна безбедност, безжично поврзување со Apple CarPlay и Android Auto. Лично ми пречеше што отклучувањето и заклучувањето на автомобилот се врши исклучуво преку копчињата на гломазниот клуч. Внатрешноста на Opel Astra генерално е многу добра и има доста простор за складирање.Има многу простор под потпирачот за раце на предното седиште. Корпите на вратите се малку тесни, но тоа се компензира со големиот простор за складирање под лизгачкиот капак пред палкатана менувачот, а зад неа има три држачи за чаши.
Возењето изненадува…
За стартување на моторот користите копче. И тоа кога ќе го притиснете не го слушате многу триото цилиндри. Возачко искуство со Opel Astra Edition нема да ви го зголеми пулсот со перформансите, но може да почувствувате уште од првите неколку километри колку е тврда и цврста структурата на автомобилот и колку е добро се гушка со асфалтот. Изненадуваат лесните одови кога ги менувате степените. Во градско возење и не морате многу да се трудите да менувате.
Еластичноста на моторот е сосема добра и однесувањето е на ниво. Максималниот вртежен момент од 205 Nm се постигнува веќе при 1.750 врт/мин па имате сосема добро динамично однесување на улиците, без да почувствувате дека поради „малиот“ мотор сте инфериорни.
Одовите на палката и целиот склоп со моторот ви овозможуваат неверојатно лесно да се играте со менувачот. Купувачите на компакти со пет врати не се заинтересирани само за градско скитање, па сакав малку да ја „растегнам“ низ свиоци. Како што се зголемуваат брзините и динамичното маневрирање, возењето на станува забавно. Моето најголемо изненадување беше моторот кој со своите 110 коњи стоички се однесува и кога барате повеќе динамика.
Во свиоци задржано е мазното чувството и до израз доаѓа прецизноста на подвозјето. Управувањето малку е укрутено што дава самодоверба кога сте во свиок, можеби повеќе од она што го очекував. Моторот од 1,2 литри, без хибридизација или каква било помош од батеријата, е прекрасна единица, добро искомбинирана со шестстепениот мануелен менувач. Всушност, би рекол дека бев посреќен во возењето со мануелниот менувач отколку, во други прилики, со опционалниот автоматик.
Изведбата на хартија изгледа прилично лежерно, но во пракса Astra 1.2 се чувствува помускулесто отколку што може да очекувате. Таа е задоволително економична. Кусото време и километража поминати со неа покажа дека просекот е 6,4 литри бензин во комбинирани услови на возење е сосема прифатливо и можеби на исто рамниште со верзијата со умерен хибрид.
Заклучок
Opel Astra Edition ја враќа вербата во компактните хечбеци. Предрасудата кон три цилиндерскиот мотор ја поништуваат неговите 110 коњи, класичниот, но одлично избалансиран, склоп со мануелниот менувач и цврстото држење на патот.
Дигитализацијата е неизбежна, корисна и добро вкомпнирана Astra, иако е целосно конвенционална, е многу задоволувачки, елегантен автомобил. Добро е изработен, поостар за возење отколку што очекувате, речиси доволно простран за семејно користење. На ова треба да се додаде цената која е поприфатлива и од многу накитени трендовски кросовери од понискиот сегмент со поинфериорни возни својства кои ги разгледуваат повеќето купувачи.
Едно големо „лајк“ за Opel Astra 1,2 Edition. Сепак тоа е дете од стара мајка.