Третата генерација на Countryman ја продолжува моделската офанзива на марката. Сега тој е поголем, поатрактивен и подобар за возење. Еве ги впечатоците од извозените 800 километри со него
Помина неполна година од мојата прва средба со Countryman кога бев поканет да ги видам предпродукциските изведби. Тоа беше запознавање со новата филозофија на MINI која ја продолжува нишката на традицијата, но ги имплементира најсовремените трендови во автомобилската индустрија. Сега, кога Countryman пристигна кај нас, можам во целост да ја формирам сликата за него. Првиот впелаток е најважен, а тој беше крајно позитивен…
Повторна средба
По единаесет месеци, на повторната средба, се вратија импресиите од првата. МINI го примени кај Countryman речиси истото стилско решение како кај хечбекот Cooper, што значи дека автомобилот сега изгледа помодерно, поминималистички и поостро од порано.
Секако, и далеку поатрактивно. Не само што се аплицирани сите препознатливи дизајнерски елементи на марката, сега кросоверската каросерија доби магнетизам кој ја одделува од клишето и станува предмет на изразен интерес на околината. Предните светла имаат еволуиран, поизразен потпис и има избор од различни опции за дизајн на задните светла.
Но, и покрај промените, тој сепак е препознатлив MINI, благодарение на масивниот дизајн на маската на ладилникот и малку предимензионираните фарови. MINI ја примени формулата која BMW подолго време ја употребува. Сега и верзиите со послаби мотори може да изгледаат како врвната едиција John Cooper Works.
Биколорна каросерија на која покрај црвениот покрив, во таа боја прилично интезивно делуваат ретровизорите, задниот спојлер и плочката на страничното стакло од багажникот, формираат фигура со атлетски изглед поставена на 19 инчни металик црни тркала. Но, ако мислите дека надворешноста е само еволуција, само почекајте додека не ја видите внатрешноста.
Во кабината
Враќањето на корените е мајсторски изведено. Пред возачот поставен е само воланот во чија позадина се вертикалните дифузори за воздух, а поврзаноста со оригиналниот MINI внатрешен дизајн од средината на минатиот век, е масивниот овален екран на допир кој јасно го евоцира сеќавањето на големиот централно поставен брзиномер, но истовремено вклучува и технологија од 21-от век.
Комбинацијата на централната конзола со чисти големи површини изработени од рециклирани материјали, само неколку копчиња, спортскиот волан и огромниот дисплеј резултираат со изглед кој е простран и лесно приемчлив. Тест автомобилот има и head-up дисплеј, кој се состои од еден вид преклоплив проѕирен екран во горниот дел, на кого се проектираат параметри како што се брзината и упатствата на навигацијата.
Сметам дека ова решение е анахроно и не е достојно за марката, но од друга страна може да го оправдам како ретро стил. Сите елементи на интериерот споени се прецизно и цврсто, а материјалите оставаат премиум впечаток. Седиштата се исто така одлични.
Покрај анатомската кројка тие се удоби, а тапацирот е изработен од рециклирани влакна но делува отмено и богато. Новиот Countryman ја користи основата од BMW X1 па покрај подолгото меѓуоскионо растојание профитира со 13 сантиметри во должина и шест во височина во однос на претходникот. Тоа овозможи повеќе од доволно простор во целата кабина во која на предните седишта се седи одлично, а на задните има повеќе од очекувано простор за високи патници и многу удобност.
И багажниот простор е за почит, со капацитет од 460 литри. Но, иако просторот на Countryman е импресивен, екранот на допир е несомнено голема работа, делумно затоа што е централниот фокус на кабината, а со тоа, веројатно, и на целиот автомобил.
Тоа е првиот целосно кружен екран на допир поставен сериски од некој производител и ја користи најновата технологија на оперативниот систем на BMW, иако препознатливо обработена за да одговара на имиџот на MINI. Генерално тоа изгледа одлично, па дури може да се изберат седум различни теми, од кои секоја доаѓа со сопствено позадинско осветлување за да ја прошири импресијата надвор од самиот екран.
Сепак, оперативниот систем покрај кратенките во подножјето на екранот изобилува со подменија, па ќе треба да вложите малку време за персонализирање на системот. Тоа мене малку ми ја комплицираше употребата, особено при возење.
Возејќи го Countryman
Во портфолиото на новиот кросовер од Оксфорд се сите можни погони, но за нашиот пазар атрактивни се оние со мотори на согорување. Во име на екологијата тие добија и електрично засилување во форма на благ хибрид, па така дволитрениот турбо дизел сега испорачува 163 коњи.
Впарен со седум степен автоматски менувач остава доста уверлив впечаток. Без оглед дали лежерно се возите низ градските улици, држите силно темпо на автопат или се забавувате низ свиоци, склопот секогаш е расположен да одговори на потребите, и тоа со голема леснотија. Работењето е мирно, спонтано и мене што многу ми се допадна што е предвидливо. Добивате впечаток дека сте едно со машината и добро знаете што е способна да направи и пружи. Ова е одлична основа за релксирано поминување време во возење, но и уште подобра кога ќе посакате да ја „цедите маста“.
Погонот е на предните тркала, но добивате чувство како да возите возило со погон на задната оска. Тоа е постигнато со посебниот алгоритам на реагирањето на управувачкиот систем. Неговата работа се истакнува во свиоци. Рака на срце, ќе ви треба малку време да го апсолвирате тоа. На почеток се добива впечаток дека премалку сте го „навиле“ воланот, а кога ќе корегирате дека сте претерале. Но кога ќе го укапирате системот доаѓа до фасцинантно чувство. Доволни се само мали маневри со воланот за да ги соџвакате предизвиците, а Countryman поминува низ свиоците како профи скијач низ капиите за слалом, прецизно и добро избалансирано.
Целото потпирање ви дава одлична интеракција и леснотија при управувањето. Дволитрениот турбо дизел иако пригушен на 163 коњи обезбедува перформанси повеќе отколку се потебни за просечен возач. Забрзува до стотка за пристојни 8,5 секунди, а завршува со забрзувањето кога ќе постигне 208 км/ч. Во овој случај тоа се параметри од периферно значење. Многу поважен е системскиот вртежен момент од 400 Nm кој се протега во полето од 1.500 до 2.500 врт/мин и линеарното распределување на силата која не отсуствува. На моменти, се чувствува малку колеблива интеракција со автоматскиот менувач, но генерално сé функционира мазно и ненаметливо.
MINI е повеќе од допадлив автомобил за возење. Потпирањето нуди изразена странична контрола на каросеријата за толку високо возило и му овозможува на Countryman да едри низ свиоци со респектабилна брзина без премногу да се навалува. Се разбира, доколку убаво го притиснете малку се наведнува, како што се очекува од кросовер, но тоа навалување е доста добро контролирано, па возењето станува возбудливо.
Така стокменото потпирање дава благо лута реакција на оние површини што се среќаваат премногу често на нашите патишта. На мазни површини потпирањето е зрело и удобно давајќи свиленкасто чувство, но на дупки и нерамен асфалт тоа станува малку живо, со благо ритање кое доаѓа од подвозјето. Чувството при големи брзини е добро, и покрај нервозата, никогаш не се чувствува нестабилност. Напротив, сите четири тркала како да се лепат за асфалтот.
Мене лично Countryman ме обзеде. Со него поминав рамно 800 километри низ нашата мала Македонија. Таман кога ќе завршите една делница, просто ве тера да продолжите да возите и викендот да го поминете зад воланот, а не во секојдневното урбано клише. Впрочем тоа и е одлична забава. Извозените километри не ги поминав само во возачко задоволство. Бев воодушевен дека токлу многу километри исполнети со агресивно возење низ свиоци, каде тоа ги дозволуваа условите, и разумно брзо на автопат забележав просечна потрошувачка од 5,3 литри на изминати 100 километри.
Згора на тоа во ниту еден момент од возењето не почуствував замор. На тоа допринесе и одличната звучна изолација која суверено ги стопира надворешните дразнења да ја нападнат кабината, а во неа амбиентот го разубавуваше чистиот и јасен звук од аудио системот. MINI Countryman во потполност покажа дека оправдано се класифицира во премиум сегментот. Среќа моја што требаше да го вратам автомобилот, инаку сериозно ќе си ја запоставев работата.
Како до MINI Countryman?
Tестираниот модел Countryman D со JWC ниво на опременост има промоциска цена од 46.990 евра. Тоа не е малку пари, но ако се спореди со останатите адекватни модели од премиум сегментот, не ниту многу.
Сумата можеби е проблематична ако треба од еднаш да се исплати, но зато тука се нашите стари пријатели од Шпаркасе лизинг. Со учество од 9.673 евра и отплата на 72 месеци, месечната рата изнесува 663 евра. Тоа е разумна сума за да станете сопственик на несекојдневно скроен кросовер со многу стил, економичност и нагласени возни својства.
Заклучок
Countryman е сосема нов, но рецептот е повеќе или помалку непроменет. MINI комбинирајќи стил со компетентност во речиси секоја област убаво ја аранжира најпрактичната понуда во својата палетата.
Countryman е предводен од дизајнот, а кул стилот внатре и надвор значи дека ќе остане хит. Кружниот екран на допир е нешто потполно ново во светот на четирите тркала. Него му се придружуваат храбриот стил на вантрешноста и екстравагантната надворешност кои ја оформуваат самата срж на пораката која MINI ја праќа со ново-стариот пристап. Countryman не е возило за секого. Тој е скроен за оние кои секогаш бараат нешто повеќе и добро знаат што сакаат.