Возевме – MG3 Hybrid+

MG е една од ретките компании што се бори за традиционалните вредности на малите автомобили поткрепени со модерна технологија докажувајќи дека се уште постои алтернатива на малите кросовери.

На прв поглед

Во својата втора генерација MG3 доаѓа со хибриден погон и се класифицира во групата на „возила со нова енергија“. За тоа е заслужен погонот кој испорачува системски 195 КС. Но, тоа не е главната придобивка на моделот кој на европскиот пазар се претстави пред шест месеци. Сега MG3 делува зрело, привлечно и пропорционално. Неговите димензии се добро обликувани од страна на дизајнерското студио на компанијата лоцирано во Лондон и претставува голема промена.

Не само што изгледот е доближен на електричниот MG4, тој делува многу посамоуверено. Сега каросеријата долга 4,1 метар, која на прв поглед е обична, доби агилни форми и добро избалансирана естетика во однос на цената. Можете да направите обиколка околу автомобилот и ништо да не ве воодушеви, но во исто време, ништо нема да ве разочара. Голема предност му е цената. Во трите понудени нивоа на опременост добивате хибриден погон со најголемата батерија во класата.

Каков е ентериерот?

За цената, доста е тешко да се пожалите на внатрешноста на MG3. Општиот изглед не се разликува многу од поскапиот електричен MG4.

Управувачот има блага хексагонална форма, јасен екран на допир и дигитален дисплеј за инструментите. Поставени се неколку физички копчиња кои се корисни кратенки до функциите за климата и греачите на стаклата. Забележав мала ергономска необичност. Подесувањето на ретровизорот се крие лево од воланот и визуелно е скриено од него, додека ротирачкиот селектор за менувачот е предимензиониран.

Квалитетот на материјалите не на врвот на класата, но и MG3 е можеби најевтиниот хибрид во своето друштво, па затоа е простено. Направени се некои емотивни зафати преку шевовите на седиштата и контролната табла кои допринесуваат на позитивната атмосфера во кабината.

Исто така, има многу површини за одлагање на дребулии дури и во задниот простор каде на седишта повеќето возрасни ќе можат да седат прилично удобно. Просторот за багажникот е просечен за класата бидејќи добивате нешто повеќе од Toyota Yaris, но малку помалку од Renault Clio E-Tech хибрид.

Како е да се вози?

Ако влезете во MG3 мислејќи дека добивате спринтер, бидејќи неговите 195 КС сугерираат на тоа, подгответе се да се разочарате.

Овој автомобил е скроен да биде повеќе економичен, а помалку експлозивен. Тоа е затоа што во MG3 електричниот мотор е главниот извор на енергија и користи батерија од 1,83 kWh, која е многу поголема од онаа на хибридните Toyota Yaris (0,8 kWh) и  Renault Clio E-Tech (1,2 kWh). Исто така се добива значително поголема моќност од посочените модели, но никогаш не се чувствува динамиката која е искажана во бројките.

Комбинацијата од 1,5-литарски бензински мотор со четири цилиндри од каде се добиваат 102 КС и моќен електричен мотор со 134 КС произведува системски 195 КС и 313 Nm вртежен момент. Преносот на силата е на предните тркала преку три степен автоматски менувач. Да, три степни на пренос што понекогаш, особено при нагли забрзувања знае да биде бучно искуство. Постојат различни режими во хибридниот систем, автоматски избрани во зависност од полнењето на батеријата и притисокот на педалата за забрзување.

Поради тоа испораката на енергија не се чувствува особено конзистентна. Понекогаш реакциите се многу брзи, а понекогаш одзивот е незаинтересиран. Исклучиво на струја MG3 Hybrid+ може да се движи до 60 км/ч. Електро-моторот е инволвиран во системот до 80 км/ч, а потоа целата работа се препушта на бензинецот. Префинетоста е добра, особено при брзини на автопат, а возењето е удобно.

Сосема добро се справува со нагли маневри што го подвргнавме во полигонски услови на возење. Управувањето е прецизно а потпирањето сосема добро калибрирано. Дистанцата од мирување до 100 км/ч се совладува за солидни осум секунди додека максималната декларирана брзина е  180 км/ч. Иако MG декларира просечна потрошувачка од 4,4 литри јас не успеав нив да ги постигнав.

Возејќи го во урбани услови, автопат, локални патишта, но доста и на патека просекот се крена на шест литри во комбинирани услови.

Колку чини MG3 Hybrid+?

Кај нас цените започнуваат од 21.900 евра, додека за најопремената Luxury верзија, која ја возевме, ќе треба да се издвојат 25.600 евра.

Па така со помош на Шпаркасе Лизинг оваа прифатлива цена станува уште повеќе поднослива. Со учество од 6.803 евра на 84 рати месечната обврска изнесува 281 евро. Сосема добра вест е дека во целото траење на лизингот возилото е под гаранција. Според производителот MG3 Hybrid+ има седум години гаранција или 150.000 изминати километри.

Заклучок

MG3 Hybrid+ вдахнува нов ветер во класата на мали возила, популарно наречениот „Б“ сегмент.

Тој не е најубавиот меѓу нив, но дефинитивно е најевтиниот самонапојувачки хибрид и носи модерна технологија. Опременоста во нивото Luxury е завидна. Добивате скоро се што ви треба од автомобил со оваа големина. 10,25 инчен екран на допир со сателитска навигација, Apple CarPlay и Android Auto, задни сензори за паркирање, камера со приказ од 360 степени, загреани предни седишта и волан.

Исто така, преку апликацијата можете да го отклучувате и заклучувате возилото и да ја загреете кабината, функција важна за зимскиот период. Квалитетот на материјалите не е најдобар, но затоа завршната обработка е на добро ниво. Помалку збунува тристепениот автоматски менувач кој, патем речено, солиднно си ја врши работата.

Тоа се компромисите со кои треба да се помирите. Новиот MG3 Hybrid+ е чекор напред во споредба со неговиот претходник, се нуди по фер цена и долга гаранција.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER