Верзијата со хибриден погон е вистинско изненадување, и тоа позитивно. Со неа Torres се наметнува како сериозна алтернатива во сегментот, а за тоа има силни аргументи.
Што е Torres Hybrid?
По лансирањето на бензинската и електричната на ред дојде и третата верзија на Torres. Хибридниот погон несомнено за Европа е и најприфатлива изведба. Велам најприфатлива бидејќи таа има разумна цена, атрактивен дизајн и одличен погон кого го краси агилноста и економичноста. Можеби на прва топка ви делува како многу фалба, но тоа е мојот впечаток добиен по извозените 230 километри.
Да почнеме од почеток. Во Македонија KGM, до пред три години Ssangyong, е присутен три децении. Новите сопственици се решени темелно да ги сменат старите навики и да отворат ново поглавие во историјата на марката. Зборовите убаво звучат а тие се поткрепени со дела. Последен пример е Torres Hybrid. Задвижуван од 1,5 литрен четири цилиндерски турбо-бензинец со Dual Tech Hybrid System, неговата работа ја обединува со електричен мотор.
Ваквата синергија овозможува силно забрзување со максимална погонска моќност од 177 коњски сили и 300 Nm вртежен момент, а воедно ниска потрошувачка.
На прв поглед
Новите модели на KGM се дизајнирани според филозофијата „задвижувано од цврстина“, пристап длабоко поврзан со минатото на компанијата применувајќи современи решенија. За третиот претставник на семејството Torres направени мали, но значајни промени во дизајнот.
Хибридната изведба го задржува елегантниот и чист распоред со карактеристични шест отвори на маската. Таа се разликува од електричната верзија по фаровите чија геометрија јасно ги диференцира двата модели. Каросеријата отскокнува од останатите возила во оваа класа со карактеристична фигура и нагласени остри рабови што го одвојува од сите понудени кросовери.
Има елементи каде што се чини дека дизајнерите биле премногу отворени во преземањето влијание од постоечките дизајни, но како целина успева да издлаби кохезивен и главно пријатен нов изглед за новата ера. Во внатрешноста има многу простор, па дури и на задната клупа. На крајот на краиштата, зборуваме за возило кое е 4,7 метри долго. Има доволно простор за главата, колената и нозете.
Багажникот е исто така масивен со понудени 703 литри, но повторена е грешката. Раскошниот простор за складирање, за жал, нема никаква помош за складирање, како што е мрежа за товар, закачалки за кеси или граничници за помали торби.
Тука добивате огромна кутија во која ќе ги оставите предметите и потоа ќе ги слушнете како се тркалаат наоколу.
Во внатрешноста
Тука нема апсолутно никакви промени. А заошто и би имало? Контролната табла, централната конзола и рачките на вратите се обликувани во бруталистички стил што е далеку од безличните и донекаде непријатни ентериери од минатото.
Декорирањето е многу попримамливо, со убедливи облоги со метален ефект и избор на соодветно луксузни материјали и бои за тапацирот. Амбиетот во внатрешноста го красат два дисплеи од 12,5 инчи кои се јасни и со висока резолуција. Не можам да се отргнам од впечатокот дека графичкиот приказ на мониторот за инструментите поставен пред возачот е препишан од BMW.
Забележливо е дека софтверот остава подобар впечаток во однос на оној што го добив при возењето на електричниот Torres EVX. Вклопувањето и финишот во кабината е огромен чекор напред. Меки материјали на допир во многу клучни области, текстурирани пластики за прикривање на поцврстите материјали…
Што го движи Torres Hybrid?
Кога се смени сопственичката структура беа најавени нови, модерни погони. Рака на срце тоа се производи на најголемиот светски производител на возила на нова енергија, кинескиот BYD.
И тоа е вистински потег. 1,5-литарскиот мотор има турбина со променлива геометрија, специјално е дизајниран за хибриден погон и модулиран е да штеди гориво. Впарен е со e-DHT менувачот кој поддржува три режими на возење, на бензин, паралелен на бензин и струја и потполно електричен.
При градско возење, работи до 94% од возењето во EV режим, нудејќи тивко и рафинирано искуство, додека на автопат работата на двата мотори обезбедуваат робусни перформанси.
Електричниот мотор во Torres Hybrid е целосно посветен на паралелно производство на енергија подобрувајќи ја енергетската ефикасност и полнењето на 12 волтната LFP батерија со капацитет од 1,83 kWh.
Зад управувачот
Домаќините ни обезбедија маршрута во која беа опфатени сите сценарија на возење. Иако најавена дека ќе биде во должина од 140 км, таа скоро се дуплира. И тоа не е лошо.
Напротив, секаде стигнав во предвиденото време, а воедно, имав шанса да возам и да уживам во тоа. Првиот дел беше резервиран за автопат. Она што првично се истакнува е линеарното забрзување и лесното одржување на темпото на возење. На германските автопатишта ретко кога има ограничување на брзината, но оптеретеноста на сообраќајот ретко кога дозволуваше да се вози над 120 км/ч.
Пријатно ме изненади тивката атмосфера во кабината. Во неа суптилно продира бучавата на пневматиците додека механичките склопови се изненадувачки тивки. Хибридниот погон формира одлична соработка помеѓу моторите. Тие синхронизирано соработуваат а не ретко се случуваше крстаречката брзина да ја одржува само електричниот мотор.
Добив на неколку наврати шанса да го „стиснам“ Torres и од 120 да рипнам на 170 км/ч. Таквите скокови со леснотија се случуваат благодарение на многу доброто меѓу забрзување. На локален пат владението на Torres е примерно. Прецизното управување се истакнува на кривулест пат каде робусната каросерија се командува со леснотија.
Ми се допадна како Torres лежи на патот давајќи чувство на удобност, добра амортизација и управливост. Во текот на возењето поминав низ многу села и населени места каде ограничувањето на движење е на 30 км/ч. Во поголемиот дел возењето се одвиваше во потполна тишина бидејќи хибридниот погон го активира електричниот мотор.
Во фабричките дотерувања понудени се три режими на возење кои не ги исползував. Едноставно, поради извонредното однесување на тест возилото, немав потреба да барам повеќе. Електрониката лесно се адаптира и стоички однесува на секој стил на возење.
Кога ја заокружив турата на возење, на двете долги рути, борд компјутерот покажа изминати 234 километри и просечната потрошувачка од 5,12 литри на изминати 100 километри.
Заклучок
Torres Hybrid е возило кое треба сериозно да се земе во предвид. Евидентно е дека KGM прави сериозен прогрес со секој нов модел што го испорачува на пазарот.
Кај нас очекуваме да пристигне наскоро и затоа не ја знаеме цената. Сепак мислам дека добар ориентир е цената на германскиот пазар која се движи од 36.500 евра. Доколку таа биде приближна кај нас, тоа би значело дека преку Шпаркасе Лизинг би ви требале околу 8.100 евра учество да станете сопственик на Torres Hybrid.
Ратата би изнесувала 450 евра на 84 месеци. Силна страна на Torres е просторноста, добрата ергономија, функционалноста, солидните возни својства и одличната економичност.


