Возевме – Jeep Compass 1.2 MHEV Altitude

Jeep буквално стана синоним за теренец и кросовер во секојдневниот јазик. Compass ја продолжува таа традиција, но скроен е за асфалтот.

Позициониран во еден од најконкурентните сегменти на пазарот, Compass се издвојува со поцврст став и изглед како да е вистински теренец. Тој ги користи истите механички основи како Citroen C5 Aircross, Opel Grandland и Peugeot 3008.

Сепак дизајнот на Jeep Compass игра на цврстиот, робустен имиџ по кој е познат брендот. Тој е најочигледен на предницата каде што Compass ја истакнува препознатливата решетка на компанијата со седум отвори. За да се нагласи подготвеноста на Compass за теренско возење, неговите предни и задни надвиси се пократки.

Острите линии на каросеријата во задните агли на автомобилот се направени за да ја подобрат аеродинамиката. Задните светла формираат X форма и имаат осветлена лента што се протега речиси по целата ширина на задниот дел, со логото на Jeep во центарот.

Заменувајќи го она што беше застарен ентериер во својот претходник, кабината во Compass ја краси современ дизајн, се одликува и со подобри материјали и има повеќе простор за складирање отколку порано. Возениот модел е во високото ниво на опременост Altitude и формира пријатен амбиент за возачот и патниците. За возачот, има 10 инчен дигитален инструмент екран кој е поширок отколку што е висок.

Уште подобар е 16 инчниот инфозабавен дисплеј кој не само што изгледа одлично, туку и брзо реагира на влезните команди. Системот на менито на Jeep е малку комплициран со различни подменија, но го ценам пакетот хаптички копчиња кои дејствуваат како кратенки. Дизајнерите на Jeep вложија многу труд за да ја направат кабината на Compass покорисна од порано.

Со користење на компактен ротационен прекинувач, дизајнерите создадоа и повеќе слободен простор помеѓу предните седишта. Има добар простор за патниците на задната клупа благодарение на долгото меѓуоскино растојание, а има и речиси целосно рамен под.

Возрасните со просечна висина ќе го сметаат за разумно простран во однос на просторот за нозе и просторот за глава. Моторизацијата е заснована на 1,2 литарскиот мотор со вкупна моќност од 136 КС во која електричениот мотор учествува со 21 kW напојуван од компактна батерија од 0,88 kWh.

Compass е возило за асфалт, пред сè. Почнувајќи од градските улици, јасно е дека Jeep направи чекор напред во однос на квалитетот на изработката и префинетоста во споредба со својот претходник. На нерамен асфалт, се чувствува солидно. Чувството на управувањето е лесно и доста директно, што е добредојдено кога излегуваме од урбаните граници

Управувачот работи добро, уредно и го олеснува поставувањето на патот и покрај надворешните димензии на каросеријата. Многу луѓе, разбирливо, се прашуваат дали 1,2-литарски трицилиндричен мотор е достоен за работата во Compass Hybrid. Со оглед на неговата големина, лесно е да се види зошто некои би помислиле дека е премногу мал мотор за таков кросовер, но тука доаѓаат во игра радостите од турбополнењето и благиот хибриден систем.

Треба да разјасниме дека ова во никој случај не е возило со високи перформанси, но е доволно брзо за нормално секојдневно користење. Три цилиндерскиот мотор има препознатлив звук кога се пали и, во комбинација со благиот хибриден систем ги потполнува празнините на ниски вртежи. Доколку не сте премногу напорни со педалата за забрзување, моторот се држи до средниот опсег и мазно функционира со шестстепениот автоматски менувач со двојна спојка.

Скоро секој пат кога ќе ја олабавите педалата за забрзување, моторот ќе се исклучи, префрлајќи се на хибридниот елемент на погонскиот склоп. Во многу случаи, единствениот начин да се забележи ова е промената на фонтот на брзинометарот од бела во сина боја. Преминувањето се случува непречено благодарение на начинот на кој е поставен хибридниот систем.

Доколку има малку полнење во компактната батерија сместена под седиштето на совозачот, патувањето трае подолго користејќи само електрична енергија отколку што би очекувале. Вреди да се напомене дека ова најчесто се однесува на помали брзини, но ако сте подготвени да вложите напор и малку да го промените вашиот стил на возење, тогаш може да видите намалување на потрошувачката на гориво.

При поголемо забрзување, моторот станува гласен и мора напорно да работи за да ве доведе до поголеми брзини. Compass Hybrid е за интересен за возење, и се чувствува робусно. Како што доликува имиџот на Јеер, не издржав а да не го одведам вон асфалтот.

Поради 18 инчните тркала и респектабилната одвоеност од подлогата има солидни манири и може да овозможи излети во природата. Не е скроен да биде теренски витез како неговите поголеми браќа кои со децении го полираат имиџот на незапирливи возила во сите услови, но сосема е добар да ве одведе на места на кои со автомобил не би се осмелиле да одите.

Економичноста е прифатлива и таа се истакна со просечни 6,6 литри на 100 км. Кругот од 330 километри го направив сам, па затоа очекувам оваа бројка да се зголеми малку повеќе ако возите со други патници и багаж. Она што ми остави впечаток е богатата опременост, особено однесувањето на системите за асистенција на возачот.

Тие вклучуваат адаптивен темпомат и систем за помош при позиционирање во лента, предупредувања за ограничување на брзината и следење на вниманието на возачот, но исто така има и сензори за паркирање напред и назад, плус системот на камери од 360 степени.

Задоволството на богата опременост треба да се плати, во овој случај 46.660 евра. Ова не е мала сума, но секако е поприфатлива кога се расчленува на рати. Преку Шпаркасе Лизинг со учество од 10.000 евра веќе се клучевите на Jeep Compass Altitude во ваша рака, доколку се обврзате следните 84 месеци на рата од 580 евра.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER