Возевме – Ineos Grenadier Station Wagon 3.0 TD

Амбициозната нова марка Ineos се ориентира исклучиво на теренот. Со комбинација на суров британски дух и дизајн, развиен во Австрија, со германски инженеринг за бескомпромисна мобилност и теренски способности и производство во Франција, Grenadier е вистински европски производ и можеби последниот кадар од старото школо. Еве зошто…

Во последните години дури и тврдокорните теренци омекнаа и станаа салонски планинари. Подлегнаа под притисокот на трендовите претварајќи се во коњи за парада, а не за работа. Трендовите налагаат повеќе екрани, посилни инфозабавни системи, исполиран дизајн, внатрешност блиска на луксузни лимузини, па нормално е што нивните цени отидоа во небесата. Сé повеќе се поставува прашањето дали некој би платил и повеќе од 150.000 евра за теренско возило. Затоа Ineos виде шанса да влезе во сегментот на вистински теренци. Grenadier со својот изглед и опременост веднаш дава до знаење дека на него можете да се потпрете и на најтешките предизвици. Но пред да продолжам…

Ineos… Кој е тоа?

Трета најголема хемиска компанија во светот. Вработува 26.000 луѓе со 194 производствени погони во 29 земји. Во последно време, се вклучи на пазарот на енергија, односно нафта и гас од шкрилци. Но, Ineos е исто така голем двигател во глобалниот спорт и поседува една третина од тимот на Mecedes AMG Formula 1, има сопствен велосипедски тим, и поседува една четвртина од Манчестер Јунајтед. Сигурно сте слушнале за сопственикот на компанијата, Сер Џим Ретклиф. Тој е најбогатиот човек во Британија со проценета нето вредност над 29 милијарди фунти. Сето наведено е далеку од изградба на теренско возило од старата школа.

Дали сето ова е релевантно?

Инвестицијата од 1,3 милијарди фунти во изградба на сопствен теренско возило е направена затоа што Ретклиф сметал дека има празнина и смета дека она што е моментално понудено за пазарот не е адекватно за теренска работа. И во 2016 година се обидел да ја купи старата производствена линија на Defender од Land Rover, но бил одбиен. И така почна прикаската за Grenadier, кој патем речено, го добил името по лондоски паб, погодете кој е неговиот сопственик, каде се родила идејата за новиот теренец. Нема воопшто да биде лесно, бидејќи треба да биде во чекор со Defender и G-Class, а воедно да се покаже како поуспешен од модели како Jeep Wrangler, Land Rover Discovery и Toyota Land Cruiser.

На прв поглед

Ineos Grenadier делува монументално, грубо, токму онака како што треба да изгледа возило наменето за авантура и доверлив партнер на теренот. Со неполни пет метри должина, два метри широчина и исто толку висина припаѓа во друштвото на горостаси. Со квадратна форма, првенствено за да го максимизира внатрешниот простор, со тркало во секој агол за да се намалат надвиснувањата и да го олесни возењето надвор од патот. Лаковите на тркалата се така направени за да овозможат максимална артикулација на оската. Предните крила се рамни за да може да послужат како масичка во дивината. Кај Grenadier нема елементи на грациозност или елеганција. Возилото е визуелно едноставно и едноставно за употреба. Кружните светлосни групи изгледаат одлично и се со иста големина напред и назад. Листата на опции и можности за персонализација е долга и за тоа ќе добиете повеќе информации во Гранд Ауто.

Што се крие испод каросеријата?

Зборуваме за старомодна шасија со скалеста рамка целосно обложена со обвивка за максимална заштита од корозија, а челичниот дел е дебел до 3,5 mm на клучните места. Има предни и задни штитници и заштита за резервоарот за гориво од 90 литри. Достапни се два погонски склопа набавени од BMW. Двата се три литарски турбаши, бензинецот располага со 283 КС, а возениот е дизел со 248 КС. Покрај централниот, достапни се и две електронски активирани забравувања на диференцијалот. Осумстепениот ZF автоматски менувач е оној што е широко користен во автомобилската индустрија, но тука е рекалибриран и опремен со конвертор на вртежен момент за тешки услови. Инженерскиот партнер на Ineos Grenadier, Магна Штајeр, сите компоненти ги усоврши во текот на програма за развој од 1,8 милиони километри. Сега тој се произведува во старата фабрика на Smart во Хамбах, Источна Франција.

Каква е внатрешноста?

Прво треба сериозно да се растегнете за да дојдете до седиштата бидејќи седалките се на повеќе од еден метар над тлото. Можете слободно да се откажете од вежбање доколку често влегувате и излегувате од возилото. Grenadier е во голема мерка аналогно искуство и таа филозофија навистина доаѓа до израз внатре. Ова е возило што се гордее со своите големи, добро распоредени и крупни физички копчиња, наместо да ги закопа сите функционалности во екран на допир. Контролата на климата се врши со големи ротирачки копчиња, а копчето за четирите трепкачи се наоѓа во средината на конзолата врамено со мали метални обрачи од двете страни. Интересно е што сите копчиња можете да ги користите и додека носите ракавици. Сè работи брилијантно. Поради аналогните команди не значи дека е отфрлен екранот на допир. Централниот систем за контрола од 12,3 инчи се наоѓа на врвот на централната конзола, делува монолитно во кабината, а неговите дисплеи вклучуваат брзина, вртежи, брзина, ниво на гориво и притисок во гумите. Неможам да се оттргнам од впечатокот дека менито, начинот на неговото функционирање и големиот ротационен прекинувач се превземени од некои постари генерации возила на BMW. Има мултимедијална поврзаност со Android Auto и Apple CarPlay, плус дисплеј за насока, агол на управување и положба на возилото. Ineos го дизајнираше својот систем за навигација Pathfinder. Ова е прилично едноставен систем што ја снима вашата GPS рута додека возите. Алтернативно, можете да прикачувате рути во системот. Сепак, нема вградено мапирање или конвенционална сателитска навигација. Ќе мора да го користите вашиот телефон. Ова ми изгледа како прилично значаен пропуст бидејќи на теренот понекогаш нема мрежно покривање. Прилично импресивно делува контролната табла на плафонот. Тука се сместени сите прекинувачи за теренско возење, вклучувајќи ги копчињата за забравување на диференцијалите на оските и претходно поврзаните помошни прекинувачи за витла или светлосни шипки. Таму ќе се забавувате само додека сте во мирување бидејќи не е толку едноставно за снаоѓање при возење. Сепак, многу е забавно да се преправате дека сте пилот, нели? Палката на менувачот е од BMW и делува нежно во однос на робусната рачка на редукторот. Седиштата на Recaro се фантастични, положбата за возење е дискутабилна поради поместените педали. Стандардната облога е изработена од ткаенина и винил, материјали отпорни на дамки, нечистотија и вода. Внатрешноста може лесно да се чисти. Има пет вентили за одвод што значи дека може дури и да се исчисти со шмрк, а компонентите на кабината се отпорни на вода и прашина. Запрепастувачки е, во инает на големите пропорции на кабината, што просторот за колена на задната клупа е тесен, а видливоста назад е отежната од разделената врата и резервното тркало.

Време е за возење…

Возачката позиција е висока па веднаш се чувствувате доминантно. Во склад со аналогноста потребно е клучот да го ставите во брава и да го завртите за да го стартувате моторот кој дава резонантен звук и мала доза на вибрации. Потребно е време за навикнување за да го управувате Grenadier. Кутиестата форма на каросеријата и релативно малиот радиус на вртење на тркалата бара опрезност на почеток. Бев малку вознемирен додека се извлеков од пренатрупаниот паркинг и тесните улички. Во првите километри комплицирано е навикнувањето на димензиите и прегледноста, предизвик што се надминува со користењето на возилото. Во градски услови ми беше предизвик да се навикнам на Grenadier, особено при паркирање. Воланот е тежок, мала паника прават сензорите за паркирање, но тука помага чистата слика на камерата кога се паркирате во рикверц. Добра страна на ова возило е што никако не може да го промашите па и кога ќе заборавите каде сте го паркирале на пренатрупаните и конфузни паркинг простори. Толку е висок и голем што добро отскокнува од сите останати возила и го забележувате уште од далечина. Самиот волан е дебел мултифункционален елемент, чии копчиња вклучуваат истакнато црвено копче наречено „Тут“. Преку него се активира нежна свирка  за да ги предупреди велосипедистите и пешаците на неговото присуство. Дали е добар за во град? Кога ќе се навикнете на него нема гајле, моторот и менувачот одлично соработуваат, арно ама не би ми бил прв избор доколку сум градски каубој.

На отворен пат…

Тука прикаската се менува.  Моќната појава како да ги плаши останатите учесници во сообраќајот кои со респект, можеби и љубопитност, ви отстапуваат место на патот. Без никакви проблеми се одржува брзината на крстарење и правецот на движење. Удобноста е на неочекувано ниво, па дури и во свиоци 2,7 тона тешката конструкција се држи за пофалба. Може да се упати критика на бучавоста на моторот и вибрациите што доаѓаат од масивните теренски пневматици, работи што сѐ помалку ми пречеа со секој поминат километар, а вкупно извозев 840! Можеби малку ми бодеше очи просечната потрошувачка од 12,3 литри нафта, но да бидеме објективни, колкава потрошувачка да се очекува од вакво возило. Ова е возило за вистински мажи, за оние што знаат што им треба. Не е дека нема да бидете во центарот на вниманието каде и да се појавите, но тоа за оние што го купуваат им е маргинална работа. ОК, Grenadier не мазен и сатенски, но далеку од тоа дека е вулгарен. Би го нарекол грубијан што лесно ги освојува срцата.

Ајде сега да освоиме некој врв…

Во текот на моето возење горев од желба Grenadier да го симнам од асфалтот и да почуствувам како се однесува на теренот. Со оглед дека имаше поминато само 100 километри кога го превземав намерно избегнував терен во шума од проста причина да не ја изгребам каросеријата од густи гранки кои надвиснуваат по трасата. Идеална за таква мисија ми се чинеше Галичица. Од поранешните теренски излети ми остана во сеќавање дека искачувањето не е наивно, но барем нема висока вегетација кон врвот каде се поставени антените. Подлогата е сочинета од остри камења кои на некои места сериозно штрчат од патеката. Внимателно и полека си реков сам на себе. Најголемиот страв ми беше да не оштетам пневматик бидејќи промена би значела многу мака и ризик поради перманентниот нагиб.  Ineos Grenadier е исклучително добро конструиран и прави точно она што го ветува, оди на места каде што само малку возила можат да ве однесат без да се распаднат. Како што се очекува, е многу способен за терен, без разлика дали станува збор за лазење по карпи, газење во вода до длабочина од 800 мм, но тоа не го испробав, или преминување по брановиден терен. Полека, но сигурно почнав да го мелам теренот. Не дозволив да ме обземе чувството на моќност и доминација на машината. На неколку места застанав да ја проверам подлогата и каква траекторија да заземам поради големите испакнати остри карпи. Менувачот во паркинг позиција и рачната сопирачка, секако дека е механичка на рачка, крената. Поминав пеш на сомнителните места и ги одредив линиите на движење. На неколку наврати почуствував дека некое тркало виси во воздухот, но без нелагодност. Тоа е благодарение на сето она што Grenadier не е на асфалтот. На тежок терен тој ви влева сигурност, линеарно се однесува по прашање на агилноста и моќта… Едноставно чувствувате дека се наоѓате зад управувач на теренски ѕвер кој суверено ја владее ситуацијата. Особено корисно во вакви ситуации е графиката на централниот дисплеј на која испишуваат сите потребни параметри на возилото за возење на терен. Под кој агол е каросеријата, исто така страничниот нагиб како и компасот. Така со сигурност знаете каде сте и колку можете да го оптеретите возилото. И така, по 20-тина возбудливи минути стигнав до целта. Висиномерот пријави 2.024 мнв, а пред мене се отвори поглед кого го виделе мал број луѓе, претежно планинари. Уште помалку се оние што со возило дошле до тука. Од мојата лева страна се гледаше Пренспанското, а од десната Охридското езеро. Магичен момент во кого пејзажот, глетката и чувството на триумф ткаеа чувство што не се доживува често. По гледањето на изгрејсонцето и студените 13 степени целзиусови беше време да се вратам назад. А сега многу возбуда немав. Само на таванот, во манир на искусен пилот, го притиснав копчето за активација на системот за спуштање и „мојот“ Grenadier си ја вршеше сета работа сам. Мое беше само да го насочувам по веќе познатата рута. Кога се вратив на асфалтот направив проверка на возилото и дури тогаш забележав дека не сум ја активирал блокадата на диференцијалот. Целиот теренски предизвик го поминав само со стандардниот пренос, оној што се користи на асфалт. Минус за мене, плус за Grenadier.

Колку чини Ineos Grenadier?

Доколку очекувате багатела цена тогаш сте се прелажале. Со почетна цена од 82.000 евра Grenadier не е достапен на многуте ентузијасти, но сепак е далеку поевтин од сите конкуренти. Како што наведов на почетокот по карактеристиките тој е рамен на Land Rover Defender и Mercedes G-Class, а далеку е поевтин. Исто така осетно е поевтин од Jeep Wrangler, Land Rover Discovery и Toyota Land Cruiser. Опцијата за купување преку Шпаркасе Лизинг го прави и интересен бидејќи со учество од 17.690 евра вашите авантури по прекрасните терени може да започнат. Повеќе од сигурно е дека во следните 82 месеци ратата од 1.020 евра ќе се оправда. Духот на слободата на движење по места каде малкумина можат да бидат има своја цена.

Заклучок

Ineos Grenadier е сè она што повеќето модерни теренци не се. Тој е дизајниран за светот каде завршува асфалтот и почнува авантурата. Eдноставно бескомпромисен теренец. Grenadier е направен за вистинска доминација на теренот и долговечност. Ова возило им пркоси на модерниte теренци кои се малку повеќе направени за свилен животен стил. Потегот на британскиот милијардер е вистински. Можеби нема да има многу приватни купувачи, само богати авантуристи и ловџии. Но, комплетната слика е малку поинаква. Со високите цени на конкурентите се направи простор за Ineos својот Grenadier да го пласира како теренско возило во служба на полициските и воените сили ширум светот кои имаат потреба од совладување на тешки терени со огромна доза на доверливост, а тоа да не го чини буџетот многу пари. Како и да свртите тој е далеку поевтин од главните конкуренти и ги нуди истите карактеристики. Сепак, Сер Ретклиф не ги направил своите 29 милијарди фунти на среќа.

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER