Возевме – Geely Coolray

Новодојденецот на македонскиот пазар зрачи со оптимизам и младешки дух со кого ќе го разигра пазарот на малите кросовери не само со изгледот, туки и со пристапната цена

Полека, но сигурно предрасудите се топат. Помина времето кога на кинеските марки се гледаше со потсмев и огромен скептицизам. Тоа го потврдува Geely чија кариера започна во Европа, а неодамна и кај нас. По возењето на класично ориентираниот Atlas Pro од кого имав изразено позитивен впечаток, на ред дојде помалиот модел Coolray чие име одлично му прилега.

Според дизајнот и конципираноста наменет е за помладите купувачи. Неговиот изглед е динамичен и екстравагантен, со јасно дефиниран спортски дизајн на кого се вметнати  нападни елементи. Светло сината металик фарба на каросеријата е прошарана со уште неколку бои. Предницата ја дефинира гломазната металик црна маска на ладилникот чии форми се врамени со бојата на каросеријата додека внатрешноста ја разбива портокалова линија.

Како тоа да не е доста, вертикалните дневни светла вдомени се во сребрено офарбана основа, а над нив штрчат LED фаровите. Се добива впечаток дека ова е прилично нападно решение, но делува добро вкомпонирано. Играта со боите продолжува  со металик црна боја на страничните лакови под покривот и рамките на прозорците кои се разбиени со хромирани лајсни, а црните ретровизори се изработени од пластика која доста добро ја имитира изработката од карбон.

Задниот дел повторно изобилува со форми и нападни елементи. Над косо поставениот поклопец на багажникот  доминира нападниот заден спојлер кој има повеќе чаламџиска отколку функционална улога. Стоп светлата го формираат главниот впечаток заедно со четирите сјајни издувни гранки, повторно чаламџиско решение. Coolray можеби е единствениот модел во класата што има сериско електрично отворање на багажникот чии 320 литри се сосема доволни да понесат неколку торби.

Така нашминканата каросерија поставена е на 18 инчни тркала во пијано црна боја зад кои ѕиркаат црвени клешти на сопирачките. Вау… Да бев триесет години помлад ќе се попалев за Coolray како шкорче. Но, со оглед на моите години, се чуствував помалку непријатно кога го превземав возилото на возење. Првата мисла ми беше дека никогаш не би го купил Coolray. Во него би делувал како да сум во тешка криза на средните години или дека сум ја „украл“ колата на син ми колку да си ги истерам бесните глисти.

Малку се смирив кога влегов во него. Биколорноста ја игра главната улога во интериерот. Модерно обликуваните седишта тапацирани се со црвено-црна еколошка кожа. Во целата внатрешност домонира црната боја со вкусно вметнати црвени цитати, амбиетално осветлување и два големи екрани. Покрај изразената дигитална ориентација ме израдуваа уредно поставените физички копчиња на централната конзола задолжени за климатизацијата, манипулаторите за прозорците на возачката врата и оние поставени на воланот наменети за темпоматот и аудио системот.

Пријатна атмосфера проследена со удобност и меки површини на допир насекаде околу патниците. Истиот впечаток се добива и на задната клупа. Иако Coolray е долг само 4,3 метри, на задниот ред седишта удобно се седи и има доволно простор во сите смерови. Coolray има погон само на предните тркала. Преку седум степен автоматски менувач со двојна спојка нив ги врти 1,5 литрен четирицилиндерски мотор кој со помош на турбо испорачува 172 КС и 290 Nm вртежен момент во дијапазон од 2.000-3.500 врт/мин.

Доста интересна спецификација, но да видиме како таа функционира… Во градски услови на возење Coolray се снаоѓа како риба во вода. Веќе споменатиот механички склоп делува прецизно и мазно. Менувачот бргу ги менува преносите и се труди да го задржи работењето на моторот во поле на ниски вртежи поради економичноста. Сепак, лесно ги прифаќа забрзувањата на барање на возачот што се должи на поволниот вртежен момент. Секогаш натрупаните улици не дозволуваат да се задржи темпото на возење, динамиката често осцилира, а поради горештините клима уредот работеше под големо оптоварување.

Просечните 10,3 литри не се за фалење, но и потполно се разбирливи според околностите. Ергономијата е на добро ниво. Прегледноста, поставеноста на екраните и лесното за манипулација мени на инфозабавниот систем се за пофалба. Компактните димензии и добро оркестрираното работење на механиката остава позитивен впечаток. На семафори ќе треба да се помирите со љубопитните погледи и зачудени реакции од типот „еј, џипчево е интересно, ама што марка е?“

На тесни улици од голема помош е камерата која дава приказ од 360. Таа се покажа како многу корисна и се активира во моментот кога ги користите индикаторите за вртење. Coolray лесно се вклопува и користи на тесен простор. Уште една работа што Coolray ја има во сериската опрема и е многу ретка во класата е системот за автоматско паркирање. Тој функционира беспрекорно и компактните димензии лесно ги сместува на тесен простор. Првиот впечаток е сосема позитивен. Како се однесува на отворен пат е новото прашање што се наметнува? Целта ми беше Крагујевац, во соседна Србија.

Веќе првите километри на автопат укажуваат дека сте во сериозен кросовер. Екипажот од четири лица лесно го смести потребниот багаж и никој немаше забелешки  за просторноста и удобноста. Патувањето се одвиваше со леснотија бидејќи Coolray на патот лежи безгрижно и ја дава потребната интеракција на возачот. Забрзувањата се линеарни и не се проследени со голема бучавост. Кога ќе се постигне темпото на возење во кабината сосема нормално се разговара, се разбира, доколку не се слуша гласно музика. Вибрациите и нерамнините на патот амортизацијата добро ги пегла, па патувањето не заморува. Активниот темпомат е дискутабилен.

Опсегот на работа му е во широк спектар, па доста често доколку има свиоци на автопатот банкините ги препознава како пречки и ја намалува брзината на движење. Тоа ме мотивира да не ја користам асистенцијата на радарите и јас самиот да го контролирам управувањето. Потрошувачката на автопат се симна на просечни девет литри што е дискутабилна вредност и далеку се разликува од декларираните од производителот 5,8 литри во комбинирани услови на возење. Не ги достигнав максималните 200 км/ч, но при брзина од 140 км/ч Coolray се однесува кул. Има за мене една не сватлива работа која сигурно не е кул. Coolray е опремен со едно чудо електроника.

Покрај активниот темпомат, автоматското паркирање, камери, радари и сензори, електроника која припаѓа во последните остварувања што се употребуваат во автомобилската индустрија, радиото нема RDS. Просто несватливо. Не е дека е првиот кинески модел кај кого сум го забележал овој недостаток, но сепак кај вака стокмен изглед и опременост да нема вака едноставен уред ми е несватливо. Така радио станиците ќе мора да ги барате рачно.

Можеби помладите и не слушаат радио туку стримаат или пуштаат музика од телефон. Тука предност имаат оние што користат Apple уреди, додека оние со Android систем ќе имаат доста предизвици. Едноставно поврзувањето со Andriod и преку кабел е половично. Да се вратам на класичните вредности. Вкупно поминав повеќе од 700 километри со Coolray. Во ниту еден момент не почуствував инфериорност на патот. Има добри меѓузабрзувања, менувачот будно го следи моторот и бргу реагира, а управувањето и амортизацијата го прават патувањето пријатно. На автопат поминав повеќе од шест часа активно возење во двата смера и не почуствував никаков замор или непредвидено однесување.

Според мое мислење, Geely Coolray одлично се вклопува во желбите и потребите на помладите купувачи, но и и за оние ентузијасти за автомобили кои уживаат во возење на долги патеки. Неговата просторност и практичност е како скроена за младо четири члено семејство. Кога сме кај предностите, неизбежно е да се види цената. Екстравагантно моделираниот Coolray наоружан со најмодерна електроника и класична механика чини 28.500 евра. Погодност за посочените млади семејства е што само со 7.700 евра учество преку Шпаркасе лизинг можете да ги добиете клучевите на Coolray на отплата од 72 рати за 376 евра месечно.

Ова е навистина кул. И за крај не можам а да не пренесам една анегдота. На враќање застанав во Ниш. Таму има една кафеана што има шампионска скара и секогаш кога сум во прилика застанувам таму. Се паркирав и не успеав да заклучам ми пријдоа два господина. „Јели бато каква су ово кола?“ Geely Coolray им одговорив. Се погледнаа малку чудно. Веднаш пристигна ново прашање. „Ово је Кинез?“ Потврдив. „И колико кошта?“ „Код нас 28.500 евра, а у Србији због мањих пореза сигурно је јевтинија за коју хиљадарку“. Се погледнаа во недоумица и ме прашаа „А што их нема код нас?“ Е, за тоа немав одговор.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER