Возевме – Geely Atlas Pro

Богато опремен, Atlas Pro е семеен кросовер со интелигентен погон на четири тркала, автоматски менувач со двојна спојка и достапна цена

Домашната автомобилска публика доаѓа во фаза во која кинеските автомобили на македонските патишта не се енигма, а има се повеќе луѓе кои со големи симпатии се интересираат за нив.

На марките кои веќе се активни на нашиот пазар им придружи Geely, еден од најголемите светски производители на автомобили, најпродаваниот бренд на патнички возила во Кина. Воедно, Geely е сопственик на повеќе автомобилски марки. На листата се Volvo, Polestar, London Electric Vechicle Company, позната по производство на иконските лондонски такси возила. Потоа Geely е мнозинскиот сопственик на британскиот Lotus, и поседува само нешто помалку од десет отсто од акциите на Daimler AG. Вреди да се спомене дека лани компанијата произведе 2,8 милиони возила и имаше обрт во висина од 56 милијарди долари.

Моделот со кој Geely го направи првиот чекор во Македонија, кросоверот Atlas Pro, има Volvo технологија. Подвозјето, моторот и 7-брзински DCT автоматски менувач со двојна спојка доаѓаат од Volvo. Овој модел се појави пред четири години, па е на залезот на кариерата. Него набргу ќе го замени неговата нова генерација која, исто така, ја очекуваме набрзо на нашиот пазар. Така стојат работите, но тоа не беше причина да не му се обврне внимание на интересниот кросовер. Возениот Geely Atlas Pro е нагласено робустен, како во неговиот надворешен дизајн, така и во чувството на воланот.

Издигнатата и пространа каросерија е долга 454,4 цм, широка 171,3 цм и висока 183,1 цм. Багажникот собира 378 литри што е помалку од очекуваното судејќи според надворешните димензии. Надворешниот дизајн е посериозен, дури и малку конзервативен, делува моќно, по што следи лежерен „олд скул“ ентериер. Видливи се квалитетот на материјалите и изработката, вниманието на деталите, ергономските решенија.

Задните седишта се преклопуваат, а аголот на потпирачот за грб може да се прилагоди. Се добива впечаток дека овој производ е направен да трае. Седите подигнато, седиштата се удобни, покриени со еко-кожа и имаат електрично прилагодување, но потребно е малку напор за да се најде идеалната положба зад воланот. Atlas Pro стандардно е богато опремен. Има LED фарови, интелигентна контрола на долгото светло, дигитален возачки екран од 7 инчи,

мултимедијален систем со екран на допир од 12,3 инчи и поврзување без раце со Bluetooth со осум звучници, опција за поврзување и проекција на паметниот телефон на мултимедијалниот екран преку USB, камери кои покриваат 360 степени околу возилото, систем против пролизгување, алуминиумски тркала од 18 инчи, греачи на седишта и на воланот, електрично прилагодливи и загреани ретровизори, безжично полнење на мобилни телефони, предни и задни паркинг сензори.

Atlas Pro има широк спектар на иновативни системи кои се вклучени во пакетот ADAS ниво 2. Нивната работа е обезбедена со радар, пет камери и осум ултразвучни сензори. Вреди да се спомене интелигентната адаптивна контрола на патувањето, автоматското итно сопирање со детекција на пешаци, предупредувањето за напуштање лента, помошта за задржување лента, системот за препознавање сообраќајни знаци. Во инает на раскошноста на опремувањето кај Atlas Pro се спротнува еден пропуст. Како кај скоро сите кинески модели радиото нема RDS, така што, кога ќе излезете од мрежното покривање на одреден предавател ќе морате фркфенцијата на вашето омилено радио рачно да ја барате.

Навистина апсурдно. Скоро сите возила денес имаат прилагодлива висина на возачкото седиште, а јас секогаш седам во најниската положба. Имам впечаток дека овде позицијата треба да биде малку пониско. Во зависност од избраниот режим на возење (Eco, Comfort, Sport и Off-road), зависат и графиката на контролната табла. Повеќе функционалниот волан цврсто лежи во раката.  Во моделот Atlas Pro, Geely користи погонска единица позната од Volvo.

Станува збор за трицилиндричен T-GDI мотор со зафатнина од 1,5 литри. Овој турбо-бензинец развива 177 КС, што е надополнето со 48 волтен благ хибриден систем. Од Volvo беше пренесен и седум брзинскиот менувач со двојна спојка.

Кога го возите во Есо модус на возење евидентно е мало доцнење на реакциите на моторот, како да станува мрзлив и тром. За воља на вистината тоа не се случува во останатите режими Comfort и Sport. Тука Atlas Pro покажува добра динамика. Забрзувањата се линеарни а во лежерно возење низ град наголемо помага бладиот хибрид.

Неговото работење е нагласено и на отворен пат каде многу често помага во одржувањето на темпото, па ви овозможува да „едрите“ економично. Во пробивањето низ сообраќајот во Скопје, многу брзо заборавив дека се наоѓам во „тешка категорија“. Atlas Pro тежи 1.780 килограми и при возење е поагилен отколку што сугерираат податоците. Автоматиката работи непречено а комплетниот склоп работи многу добро, и речиси без чувство дека ве погонуваат три цилиндри.

Низ свиоци Atlas Pro се однесува многу добро, без премногу навалување на кабината. Повеќе или помалку се е на свое место, како што очекував. Максималната декларирана брзина од 200 км/ч не ја ловев, додека забрзувањето од мирување до 100 км/ч е за 10,5 секунди. Сепак намената на Atlas Pro е да пружи удобност, просторност и безбедно возење. На теренско возење многу помага парцијалниот погон на сите тркала која се обезбедува до брзина од 60 км/ч.

Тој да биде активиран неопходно е да се селектира модусот на возење Off-road. Дури и на неасфалтирани делници Atlas ги задржува манирите што ги покажува на асфалт. Забележав просечна потрошувачка од 8,3 литри, параметар кој е за скоро 20% повисок од декларираниот. И покрај тоа не заслужува остра критика. Сепак ова е робусен кросовер. Покрај раскошната опременост и добрите возни својства, ветер во грбот му дава четири годишната гаранција или 100.000 километри.

Geely Atlas Pro може сериозно да го заскокотка интересот на македонските купувачи со својата цена од 32.450 евра. Купувањето го олеснува Шпаркасе лизинг каде со учество од 9.355 евра можете да ги добиете клучевите на овој интересен кросовер. Во тој случај на 72 рати месечно ќе треба да се издвојат подносливи 430 евра.

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER