Возевме – Cupra Formetor 1,5 TSI mHEV

Впечатливиот дизајн и маркантната појава го прави Formentor лесно забележлив каде и да се појави. Очигледно дека Cupra темелно ја изврши својата задача, не само да се одвои од ЅЕАТ, туку да стане сериозна алтернатива за оние што имаат подлабок џеб

Што е Cupra Formentor?

Морам да признаам дека бев малку сомнежлив кога прв пат ја чув идејата, од ЅЕАТ да се издвои премиум бренд со име Cupra, изложена од тогашниот шеф на компанијата Лука Де Мео во 2015-тата година. Ист производ со различен дизајн, па уште со премиум амбиции? Има ли на пазарот простор за тоа, ќе помине ли приказната? Да бидам искрен, тоа беа моите први сомнежи.

Три години подоцна Cupra стана реалност. Замислена да биде посветена исклучиво на електрични возила Cupra го лансираше своето првенче Born, електрично возило. Сепак курсот на новоформираниот бренд се корегира и во понудата влегоа модели со мотори на согорување потпомогнати од благи и приклучни хибриди. Formentor е еден од нив. Моделот го носи името на прекрасниот полуостров на Мајорка и во потполност го оправдува.

На прв поглед

Formentor е сосема уникатен по тоа што навистина нема еквивалентни модели во рамките на групацијата Volkswagen. Тоа е стилски и динамичен купе-кросовер иако би можел да помине и како „shooting brake“ бидејќи не е особено висок. Секако дека ја дели основата со останатите модели од групацијата, но Formentor од нив се одвојува на уникатен начин. Веќе на прв поглед јасно е дека технолошки е ист, но се издвојува со многу нешта, пред се со маркантниот изглед.

Навистина, автомобилот е пријатен за гледање од кој било агол. Заведува со нежни, добро избалансирани облини, добро пропорционални акцентни линии. Светлосните групи и големата маска на ладилникот формираат биполарност. Тие се складни со изразена симетрија, делуваат флуидно, но од друга страна се и нагласено агресивни. Особено формата на задните светла и светлечкиот знак во средината потикнуваат возбуда. Впечатокот го дооформуваат 19 инчните тркала украсени со бронзен финиш, заштитната боја на Cupra.

Во внатрешноста на Cupra Formentor

Амбиентот е изразено спортски. Во кабината, дизајнерите ја завршија својата домашна задача.

Целиот ентериер е црн кого го разбиваат бакарни акценти насекаде, од шевовите на тапацирите, преку копчињата и знакот на воланот и бакарната боја околу дифузорите за воздух. Лед осветлувањето е исто така драматично, со стандардна нијанса бакарно-жолта која се протега по работ на контролната табла и вратите, но во едно, таа станува и сигнализатор кога имате возило во мртвиот агол на гледање што е многу практично решение.

Спортски обликуваните седишта не се само спортски. Во текот на возењето се покажаа како многу удобни и ергономски. Возачот се храни со информации од 10,25 инчнчен колор дисплеј чија графика лесно се менува додека централната позиција ја краси 12,9 инчен дисплеј за инфозабавата со безжично поврзување со Apple CarPlay и Android Auto. Изгледот е чист и прегледен, а престојот во Formentor го олеснуваат безжичното полнење на телефон, неколку USB C приклучоци и долга листа на системи за активна безбедност и помош на возачот.

На задната клупа има доволно простор за два возрасни патници за кои има дифузори за вентилација и тие може да ја контролираат температурата на воздухот. Багажникот од 440 литри е доволен да ги прими торбите на сите патници.

Зад управувачот на Cupra Formentor

Кај возилата со естетски дотерани каросерии, богато опремена внатрешност и спортски имиџ логично се наметнува прашањето на удобноста.

Од самиот почеток на возењето Formentor дава поинакво чувство. Седите малку повисоко отколку во класичен хечбек, тежиштето на возилото, исто така, е нешто повисоко, но се наметнува неговиот агилен став и однесување. И покрај спортскиот имиџ, подвозјето на Formentor е дотерано за секојдневна употреба, така што не се доведува во прашање удобството при возењето. Секако, забележителна е неговата цврста страна, но само маргинално.

Возениот модел е опремен со 19 инчни тркала кои не го нарушуваат удобството во возењето па дури и на далеку од идеален асфалт. Задвижуван од 1,5 литрен TSI и потпомогнат со благ хибрид Formentor не е снагатор ниту спринтер.  Овој агрегат од 150 КС е споен со добро докажаниот DSG со 7 преноси. Постигнато е добра синхронизација на бензинскиот и електричниот мотор за што се грижи менувачот.

Лежењето на патот е стабилно а однесувањето цивилизирано, особено на автопат. Моторот е доволно жив и има повеќе од доволна моќ на влечење за да гарантира инспириран стил на возење. Поголема километража поминав во режимот „комфор“ бидејќи немаше потреба за многу докажување на автопат. Кога крстарите сите параметри се поставени да заштедат гориво. Покрај електричната помош тука е механичката.

На рамен пат со нормално темпо на возење два, од четирите цилиндри одат во мирување. Електрониката одговорна за тоа одлучува кога повторно ќе се ангажираат сите цилиндри. Таквиот режим сочувува гориво, а не го нарушува темпото на патување. Со забрзувањето од 0 до 100 км/ч за 8,9 секунди и максимално 204 км/ч немате големи амбиции да итате, но далеку од тоа дека механиката не поддржува силно темпо бидејќи потпирањето е калибрирано според спортското педигре на марката.

Тоа го докажа на ридските превои по кого го возев Formentor. На воланот, на левата страна е копчето со знакот на Cupra. Преку него се вклучува режимот „спорт“ и тогаш возачот може да ја почуствува мобилизацијата која се случува во редовите на Formentor. Потпирањето се укрутува, воланот станува поагилен, а моторот расположен да ги раздвижи посилно клиповите. Нема да се случат чуда, ниту неочекувани перформанси, но возачот ја доживува спортската природа на марката која дозволува агресивни излети од здодевното секојдневие.

Лесно ја распределува тежината во честите свиоци, агилноста е сосема добра зачинета со весело алегро кое продира во кабината. Formentor става до знаење дека е инволвиран автомобил за возење, доволно е пријатен со добро проценето управување и сопирачки, додека агилноста низ свиоци не е за критика. За извозените километри, околу 500, просечната потрошувачка изнесуваше, барем според борд компјутерот 8 литри.

Колку чини Cupra Formetor 1,5 TSI mHEV

Со амбиција да стане премиум марка Cupra ги гради своите модели на посебен начин.

Обврнува големо внимание на нивото на обработка, иако користи комплетна механика со останатите браќа и сестри од групацијата VW, сепак се разликува со своето посебно дотерување каде господарат естетиката и чувството на посебност.

Дури и во возните својства се истакнува поради посебното калибрирање на потпирањето и задоволувањето на сите возачки сетила при возењето. Тоа има и своја цена. 39.200 евра чини возената изведба која има навистина долга листа на опрема.

Одлична погодност е греењето на воланот и седиштата, што доаѓаат до израз во зимскиот периодот што следи. Раскошно опремена и дотерана Cupra Formentor решително влегува на пазарот со силни аргументи да влезе во борба како одлична алтернатива на помалку здодевната и конвенционална понуда во премиум сегментот. Аргумент повеќе е можноста преку Шпаркасе Лизинг со учество од 20% или 7.840 евра, да го отплатите своето богато парче од Мајорка на 84 рати во износ од 487 евра месечно.

Резиме

Cupra Formentor е освежување кое дава една нова димензија во дефиницијата на премиум понуда. Убаво моделиран, постигнуваа добра рамнотежа помеѓу стабилноста на мала и голема брзина и отсуство на подуправување на каросеријата во остри свиоци.

Суспензијата исто така не е претерано цврста ниту на погруби површини. Formentor е многу пријатен за секојдневна употреба нудејќи доволно простор. Богатата опременост и извонредно интригантниот дизајн го прават латино љубовник кој може да понуди многу искри во веќе стабилни и здодевни врски.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER