Возевме – Citroen C3 Aircross PureTech 100 Plus

Втората генерација на C3 Aircross ги има сите предуслови да биде повеќе од претходникот.

Новата генерација на Citroen C3 Aircross, иако е интерпретација на темата наречена Stellantis платформа, која ја користат повеќе модели на групацијата, „Двојниот шеврон“ успеа да даде препознатлив стилски печат што кросоверот го прави логичен избор за семејните потреби за просторност, добар изглед и солидна мобилност.

Таквиот впечаток се добива веднаш, веќе при првиот визуелен контакт со него. Приказната за Citroen C3 Aircross започна со нешто порано лансираниот С3 кој веќе импресионираше со својот смел нов изглед и пропорциите. Од тука доаѓа и растот на димензиите што го направија вистински компактен кросовер.

Вооружен е со паметен имиџ и избор на бензински, електрични и хибридни погонски склопови, како и конкурентна стратегија за цени. Неодамна пристигнат во Македонија, на возење ни беше понудена верзијата која би требало да биде најинтересна за нашите купувачи, со турбо-бензинец од 100 КС и шест степен мануелен менувач.

Како изгледа новиот Citroen e-C3 Aircross?

Стариот C3 Aircross силно се обидуваше да биде симпатичен и фанки, но новиот модел е многу поубав предлог. Тоа е делумно затоа што е поголем, неполни 4,4 метри должина, но и затоа што има многу цитати што се повикуваат на помалку заборавената авангардност со која се гордееше компанијата.

Поради тоа дизајнерите си дозволија да ги додадат фаровите кои изгледаат малку чудно со нивниот фрагментиран стил, арно ама, навистина е привлечен дел од дизајнот. Тоа важи и за задните светла.

Маркантен дел од вкупниот впечаток е рестилизираното лого на компанијата инспирирано од минатото. Црвената металик боја на каросеријата во комбинација со црниот покрив го прави особено елегантен и силно ги истакнува линиите на телото.

Citroen C3 Aircross остава сосема пријатен впечаток гледан однадвор. Можеби малку повеќе наклонет кон нежниот пол, но далеку од тоа дека тато би се срамел со него да отиде на пиво со другарите.

Во внатрешноста…

Кутиестиот дизајн на каросеријата наговестува доста простор во интериерот. Внатрешноста на C3 Aircross не е ексцентрична, има паметен дизајн кој го потенцира заветот дека функцијата е поважна од формата.

Вметната е малку ткаенина на скуптурално обликуваната предна арматура и мек материјал на врататите и централните потпирачи за раце. Освен тоа, тврдата пластика е името на играта која господари во целиот сегмент. Седиштата се меки и удобни, додека положбата за возење е соодветно висока, како што доликува на кросовер, давајќи добар поглед напред. Видливоста назад е исто така добра, благодарение на квадратната форма на автомобилот и релативно тенките столбови. Дигиталниот дисплеј за возачот се наоѓа над воланот.

Тој пружа основен преглед на функциите на возилото. Екранот на допир за инфозабава од 10 инчи е малку повеќе во стилот на современието. Доволно е лесен за користење и реагира прилично брзо на вашите команди. Иако копчињата и прекинувачите во C3 Aircross се вообичаени, барем се логично распоредени и лесни се за употреба. На пример, клима уредот има свој панел со физички контроли, наместо да се натрупани на екранот на допир за инфозабава.

На предните седишта  во Citroën C3 Aircross има многу простор, додека на задните, за големо изненадување, може комотно да седнат и повисоки патници. На задната клупа можно е да седат тројца, ама не на долги релации. Внатрешниот простор за складирање е пристоен, со прегради на вратите со добра големина и прилично голема ладица пред совозачот. Недостаток е што нема преклопен централен потпирач за раце напред, ниту позади.

Она што ми се допаѓа е вниманието за детаљите. Насекаде во внатрешноста вметнати се пораки кои го креваат расположението. Багажникот со своите 460 литри е импресивен за класата. Значи, може да се каже дека новиот  C3 Aircross во секој поглед доживеа маркантна еволуција.

Дали е така и во возењето?

C3 Aircross има на избор верзии со бензински, хибриден и електричен погон. За нашиот пазар најинтересни за купувачите се бензинците поради пристапната цена.

Oсновата моторизација за Aircross ја сочинува 1,2 литрениот турбо-бензинец со 101 КС, а трицилиндрашот е впарен со шест степен мануелен менувач. Понудената комбинација сосема мирно и култивирано ги прифаќа командите. Некаде во позадина се слуша моторот, а неговиот звук е смирувачки и не наговестува дека е трицилиндерски.

Доколку сте расположени често да ги менувате преносите ќе се зачудите колку тивко искуство може да биде возењето на C3 Aircross во урбаниот циклус. Одзивот на управувачот е кадифен со што ја комплетира сликата за семејниот кросовер. Тоа посебно се истакнува при паркирање каде маневрабилноста се истакнува.

По нерамниот скопски асфалт многу добро ги поправа несовршеностите и импресионира колку стоички се однесува во поголемиот дел од возењето, со само мала количина на вибрации кога се движите по нерамна површина.

Како се однесува на отворен пат?

Подобро од очекуваното, во секој случај. Иако сум скептичен на возилата со  поголеми габарити и мали по зафатнина мотори. Високата контура и мекото потпирање во комбинација со сунѓересто чувство на управување ве охрабруваат да возите нежно, не брзо.

Па и да сакате да возите брзо на планински пат тоа можеби и ќе ви успее, но ќе треба многу да го „ложите“ моторот што ќе ја расипе сликата за економичноста. Јас си дозволив малку да го провоцирам C3 Aircross. Кога влегувате во свиок со малку ентузијазам, има значително навалување на каросеријата.

Сепак Aircross се покажува како доста самодоверлив и ќе се справи со кривулест, селски пат. На автопат, C3 Aircross добро ја изолира од бучавата од ветерот и патот.

Колку чини C3 Aircross?

Па и не толку многу. Можеби ова немаше да го кажам пред шест години, но пандемијата и реструктуирањето на пазарот го направи своето. Основната верзија е достапна за 19.400 евра.

Возениот модел е нешто побогато опремен. Во спецификацијата има конфорни предни седишта што искрено ги препорачувам, црвената металик боја исто така се доплатува, како и алуминиумските тркала и покривот офарбан во црна боја. Сериската опрема е несебична и неа можете да ја прочитате на сајтот на Автонова. Возениот модел чини 22.030 евра и вреди за парите.

Доколку не планирате целиот износ да го платите веднаш тогаш обратете се Шпаркасе Лизинг. Со програмата за финансирање на 84 месеци ќе ви требаат само 4.930 евра да ги добиете клучевите од вашиот C3 Aircross и месечно да плаќате рата во висина од  272 евра во траење од 84 месеци. Привлечно и достапно нели?

Заклучок

Автомобилската индустрија на големо е влезена во споделување на технологиите. Тоа го прават сите големи групации со цел да постигнат поголема заработувачка кратејќи ги трошоците за развој.

Во случајот на C3 Aircross, кој ја дели основата и механиката со Opel Frontera, FIAT Grande Panda и Peugeot 2008, се забележува дека е задржана филозофијата на Citroen. Во ред, не можеше многу да се направи по прашање на платформата, моторизацијата, менувачите. Она што радува е дека „Двојниот шеврон“ успеа да ги истакне своите гени.

Удобството во кабината е на високо ниво, меката амортизација е нагласена истакнувајќи ја семејната ориентација наспроти мачоистичкиот пристап што сакаат да го наметнат други марки. Шармантното однесување на асфалтот е поткрепено со добра економичност која во просек не надминува 6,4 литри бензин.

Од C3 Aircross немојте да барате да биде ниту спринтер ниту билдер. Тоа е возило во кое релксирано ќе се чувствувате во секојдневието заедно со вашето семејство. Ова е мома за дома, а за журки барајте нешто друго.

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER