Возевме – BMW X2 xDrive 20d

Новата генерација на Х2 веќе не е чудна интерпретација на темата „спортско активно купе“ туку се приближи на поголемите браќа X4 и X6.

Во светот на купе кросоверите екстравагантноста игра клучна улога. Тоа се докажа кај сите марки што имаат модели блиски на оваа филозофија. Баварците предначат со дури три, како што тие ги нарекуваат, „спортско активни купеа“, а најновиот и најмалиот меѓу нив, Х2, сега е многу поголем од претходникот и за разлика од него, нема криза на идентитет.

Категоријата на купе кросовери не е наменета на оние што бараат нов секојдневен автомобил. Таа ги привлекува оние што сакаат да бидат поинакви, да се одвојат од толпата. Се разбира, за тој свој каприц подготвени се избројат и повеќе пари, но што се парите ако за нив се добива своевиден статус симбол?!. Токму тоа е клучното прашање кај втората генерација на Х2. Дали е подготвена да ги задоволи очекувањата?

На прв поглед

Што се однесува до изгледот, тој сега е стокмен онака како што треба.

Предницата не се одвојува од онаа на Х1, ја красат традиционалните „бубрези“ но тие не се наметливи и вулгарни. Гледан од сите агли Х2 праќа сигурна порака. Тој е поголем во сите правци, јасно е исцртана купеовската линија која сега е чисто дизајнирана, бочните линии зададени од покривот се сигурно дефинирани, додека задниот дел го доби спортскиот финиш крунисан со дискретниот спојлер на поклопецот од багажникот.

Х2 е подолг од претходникот за речиси 20 цм, но исто така е 64 мм повисок и 21 мм поширок, со растегнато меѓуоскино растојание на 2.692 мм. Исходот од ова е повеќе простор во вториот ред за патниците, и покрај спуштениот покрив, а има и поголем багажник со капацитет од 560 литри. Посебно естетско и динамично чувство даваат 19 инчните тркала кои ги исполнуваат лаковите и допринесуваат за силниот надворешен отисок.

Во внатрешноста

Интериерот е висококвалитетен што веќе е вообичаено чувство во моделите на куќата.

BMW ја исполни кабината на X2 со одлични материјални, одлична финална обработка и чувство на цврстина што доликува на неговата покачена цена. Ако бубрезите се надворешен потпис на Баварците, тогаш за внатрешноста тоа стана заоблениот дисплеј составен од два екрани.

Неговата работа е безпрекорна дури и ако повеќето од функциите сега се преселени на централниот екран на допир. Поради тоа внатрешноста делува пуритански додека традиционалните прекинувачи се наоѓаат само на спортскиот волан и на централниот гребен на кого се сместени командите на менувачот и „кратенките“ за силината на звукот на аудио системот и графичкиот приказ на дислејот.

Токмку овој гребен е издигнат за да биде перфектен потпирач за рацете на оние што се напред, а под него има доста простор за одложување на дребулии. Впечатокот го расипуваат дифузорите за вентилација пред сопатникот кои без потребно се поставени нападно и делуваат гломазно.

Возејќи го BMW X2 xDrive 20d

Околу погонот нема што да се дискусира. Него го сочинува дво литарски четири цилиндерски турбо-дизел засилен со благ хибрид, тандем што испорачува 163 КС и 400 Nm.

Седумстепениот менувач со двојна спојка преку системот xDrive обезбедува влечење на сите тркала. Овој коктел го прави возениот Х2 многу талентиран автомобил. Тој се истакнува во многу области. Без разлика дали ќе се одлучите да возите бавно и стабилно, со средно темпо и меко, или брзо и бесно, тој ќе реагира одговорно. Проблемот е што, субјективно гледано, сето тоа е само малку досадно.

Иако каросеријата гордо го носи почитуваниот монограм и трибојната лента „М“ тоа се однесува само на нивото на опременост. За тоа бев и самиот свесен, но потсвесно, очекувањата се подигнуваат. Особено ме тангираа лопатките за рачно менување на преносите сместени зад воланот. На левата е испишано „boost“. Кај помоќните изведби и кај БЕВ моделите на BMW тоа значи дека ќе ви се испорача екстра сила во траење од 10 секунди. ОК, ај да видиме што ќе се случи…

Задржувањето на лопатката е проследено со емотивен графички приказ на инструмент таблата и одбројувањето за почетокот на „бустањето“ на силата. Осем што менувачот го цеди моторот и се добива продорен звук, ништо спектакуларно не се случува, само култивирано забрзување. Впрочем, што треба да се очекува од 163 КС? Далеку од тоа дека треба да се критикува.

Со спринт од мирување до стотка од 8,6 секунди и крајна брзина од 207 км/ч ова е сосема добар избор. Повторно субјективно чувство, но добивате повеќе од задоволителни меѓузабрзувања, одлично функционирање на менувачот и моторот, изненадувачки лесното управување, флуентност и приспособливост на потпирањето, возењето го прави целосно предвидливо и до некаде забавно.

Возачот лесно го насочува правецот каде сака, ја притиска педалата за забрзување и Х2 оди таму, брзо и со мала драма. Секој може да го добие најдоброто од овој автомобил за неколку минути откако ќе седне во неговото возачко седиште. Секако дека насмевка на лицето ќе ви извлече економичноста. Во моите 430 километри возење, а добар дел од нив ги поминав со „притискање“ на моторот, извлеков фантастични 5,6 литри просечна потрошувачка.

Со оглед дека возената Х2 имаше поминато повеќе од 2.600 километри севкупниот просек изнесуваше 6,2 литри. Навистина импресивно доколку се земе во предвид дека има погон на сите тркала.

Како до BMW X2 xDrive 20d

Прво погледнето го внимателно, направете тест возење. Без сомнеж бргу ќе бидете освоени.

Потоа е многу лесно, доколку го имате вистинскиот пријател што купува за вас. Тоа е Шпаркасе Лизинг, најомилената лизинг компанија кај нас. Иницијалната цена од 68.409 евра е далеку по прифатлива кога имате финансиска подршка. Со учество од 12.030 евра ги добивате клучевите. Месечната рата е 824 евра на 72 месеци. И тоа е сé.

Заклучок

BMW X2 xDrive 20d е модел што ќе ви обезбеди влез во друштвото на премиум купе кросовери.

Иако е нешто повисок, неговите возни својства се безкомпромисно блиски на лимузинските изведби на BMW, а нуди повеќе простор и комоција иако има купеовска конотација. Опременоста и финанлната изработка се на високо ниво, исто како и задоволството што го дава интеракцијата со возачот.

Ова не е BMW кое ќе сакате да го возите на патека, но сигурно е возило со кое гордо ќе се возите во сите сценарија, дури и на нашите патишта. Балансот помеѓу возните својства, економичноста, опременоста и удобноста е постигнат до тоа ниво што и професионалните манџии ќе останат неми. А што се однесува до несреќните дифузори за вентилација за сопатникот, оставете со тоа да се справи самиот. Ако не може, лесно ќе најдете нов.

На почеток го поставив прашањето „дали Х2 е подготвен да ги исполни очекувањата?“. Без сомнеж одговорот е афирмативен. Ова не е совршен, ниту најбрз купе кросовер, но со сигурност е карта за влез меѓу малкуте.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER