Серија 2 Gran Coupé е најмалото од купеата со четири врати на BMW. За разлика од останатите, Серија 4 Gran Coupé, Серија 8 Gran Coupé и BMW i4, нема многу директни конкуренти. Тој факт не го опушти таборот од Минхен кој му вдахна карактер со право да го носи името и бескомпромисни манири кои се достојни на BMW.
Сакате седан со купе гени, но BMW Серија 4 ви е голема? Тогаш треба сериозно да размислите за обновената Серија 2 Gran Coupé.
Иако ги дели основите со Серија 1 и е нејзин технолошки близнак, „двојката“ се покажува како повпечатливиот брат. Со јасно препознатлив став на вистинско купе со четири врати, особено на задниот дел, обновената генерација во потполност ја оправдува намената.
Стилот е ажуриран со поостри контури на адаптибилните LED фарови и маска на ладилникот со нов изглед. Контурата остана иста, но делува прилично динамично.
Најголемите измени се направени на задниот дел каде светлата, браникот и дискретниот спојлер значајно го разделуваат од впечатокот што го дава предницата. Опционалната боја „Бруклин сива“ сосема добро ја истакнува атлетската каросерија, особено кога е накитена со M Sport пакетот, како што беше возениот 220 Gran Coupé.
На надворешноста доминираат 19 инчните тркала зад кои се назира црвената боја на сопирачките, пластики офарбани во црна боја со висок сјај, хромирана лајсна под страничните прозорци и задниот спојлер. Кога ќе влезете во внатрешноста и со заврзани очи знаете дека сте во BMW. Но, тука треба очите да се ширум отворени за да ги исполните со пријатниот амбиент.
Тука е системот со двоен екран што се наоѓа кај поголемите, поскапи BMW автомобили, а работи со најновиот оперативен софтвер, така што добивате брзи одговори и остри прикази. Целиот амбиент, бидејќи се работи за пакетот на опременост M Sport, е поларизирачки.
Алкантарата во комбинација со еко кожа и маркантните шевови го дефинираат интериерот, а спортските седишта цврсто го гушкаат возачот и совозачот, но воедно се ергономски и извонредно удобни.
Иако ја носи ознаката 220, за погонот е задолжен три цилиндерски турбо-бензинец со 1,5 литарска зафатнина. Со помош на благиот хибриден систем тој испорачува 170 коњи на предните тркала преку седум степен автоматски менувач. Можеби оваа комбинација кај некого ќе предизвика предрасуди.
Сепак тие паѓаат во вода по неколку километри. Не само што има дoбра перформанса, спринтот до стотка го совладува за 7,9 секунди и достига максимални 230 км/ч, овој мотор е извонредно економичен. На отворен пат на релација Скопје-Битола-Охрид-Скопје забележав просечна потрошувачка од 5,9 литри бензин.
Подеднакво се импресивни возните својства. Не само што во ниту една ситуација не почуствував кусок на сила, туку бев изненаден од прецизното управување и одличното држење на патот. Да не должам многу, погледнете го филмуваниот тест и оценете дали BMW 220 Gran Coupé е толку добар за возење колку што сугерира неговиот брз изглед и како се справува во динамично возење. Ајде да откриеме…