Возевме – Оpel Corsa 1.2 MHEV Edition

Електрифицираната Corsa е солуција која Opel ја нуди да го замени дизелот во сегментот на мали автомобили. Додавајќи благ хибриден систем успеа да ја зголеми економичноста и да даде живост на три цилиндерскиот 1,2 литрен мотор.

Што е Corsa?

Corsa е најстарото име на Opel што сè уште е во производство. Од 1982 година забележа над 14,5 милиони продадени примероци. Таа сега е во својата шеста генерација која е претставена во 2019 година. По лани направениот фејслифт доби електрична верзија и две со благ хибрид.

Што нуди Corsa?

За надворешниот стил не треба многу да се зборува.

Со направеното рестилизирање на надворешноста Corsa доби предница како и останатите нови модели на куќата кого во Руселсхајм го нарекоа Vizor. Новото лице додава дополнително ниво на сериозност, со перцепција за зголемена големина. Во целина, Corsa делува уредно и ги потенцира заоблените линии наместо остри рабови. Дизајнерските интервенции се пресликани и во внатрешноста преку новиот волан, заменувањето на менувачката палка со електронски прекинувач за автоматскиот менувач препознатлив за групацијата Stellantis, додека основната форма на контролната табла не се промени што и не е лошо во ерата на минималистички дизајни.

Пред возачот сместени се четири класични инструменти меѓу кои е поставен 7 инчен дисплеј за борд компјутерот и нагодување на системите за асистенција на возачот. На централната конзола господари 10 инчниот монитор за инфозабавниот систем Како бонус, стандардно добивате и безжични Apple CarPlay и Android Auto. Испод него се позиционирани прекинувачи за контрола на климатизацијата.

Во внатрешноста пластиките се груби, но сега тоа е фолклор кај сите автомобили поевтини од 80.000 евра. Поради тоа нема да се вознемирувам. Она што најмногу ми пречеше во користењето на Corsa е што нема покриени површини за одложување на дребулии.

Големата остава испод централната конзола и држачите за пијалоци се погодни, и сосема нормално е нешто да оставите во автомобилот, некои ситници што не сакате да ги влечкате со секое излегување од автомобилот, па тие ќе бидат видливи, што  не е пријатно чувство, барем за мене. Целата слика што ја дава Corsa е повеќе од солидна, а престојот во кабината е пријатен.

Возејќи ја Corsa

Corsa неодамна е достапна кај нас со благ хибриден погон од 48 волти, што беше главната причина да ја возиме повторно. Таа е опремена во нивото Edition што не е највисоко во понудата, но ги содржи сите потребни работи за безгрижно возење.

Помалку вон трендовски, стартувањето на моторот е се клуч, наместо со копче. Го вртите клучот и по неколку мига се огласува 1,2 литрениот турбо-бензински мотор од 75 КС, благословен со благ хибриден систем, нешто што изгледа логично во овој вид на мал автомобил. Најголемиот дел од мотивацијата доаѓа од бензинскиот мотор. Преку шест степениот автоматски менувач силата се пренесува на предните тркала, а електро-моторо е закачен на менувачот.

Вообичаено, „благиот“ хибриден систем нуди само собирање на енергија од сопирањето што се складира во мала батерија и едноставно се враќа за да го зголеми забрзувањето кога ќе се посака, но и овозможува, како целосен хибрид, автомобилот да работи во целосно електричен режим на кратки периоди. Она што го разликува од верзијата со погон само на согорување е мерачот на вртежите. Наместо да ги покажува вртежите стрелката ве информира колку сила употребувате при возењето. Поделен е на три зони. Сината е кога економично возите, црвената е кога форсирате, а зелената кога се врши рекуперација. Системската моќност изнесува 100 КС и 205 Nm. Во градски циклус на возење и кога  бавно се движи низ сообраќајот обезбедува 21 kW и 55 Nm, а електро-моторот може сам да го движи автомобилот во кратки интервали.

Батеријата е релативно мала од 0,9 kWh, така што Corsa нема тивко да пее по автопат, но со соодветна регенерација на сопирањето, таа се полни доволно брзо. Да се ​​вози Corsa MHEV е доволно забавна работа. Кога ќе ја стиснете педалата за забрзување „до даска“ го добивате целосниот засилување. Тука не може да зборуваме за страшно забрзување, бидејќи спринтот до стотка го совладува за 9,9 секунди, но сосема добро се држи и забрзува линеарно. Иако не ги достигнав максималните 190 км/ч, немам причина да се сомневам во фабричката декларација. Интеграцијата и работењето на  хибридното засилување е незабележливо. Она што ми се допадна е звукот што го добивате во кабината.

Тој не е продорен а јасно ви дава до знаење дека трите цилиндри орото го водат. Без оглед дали возите во убрана средина или автопат отпуштањето на педалата за забрзување веднаш ја активира рекуперацијата, па сопирачките нема многу да ги употребувате. Поради уметнички впечаток, зад воланот, ставени се лопатки за менување на преносите. Тие добро ја вршат својата работа, но во оваа констелација се непотребни. Возената Corsa има три модуси на возење, нормален, спортски и економичен. Кој и да одберете нема да почуствувате голема разлика. Очекував во модусот „ЕСО“ преку споменатите лопатки, како кај повеќе возила со благ хибриден систем, наместо да се менуваат степените на пренос, да може да се менува интензитетот на рекуперација, но тоа тука не е случај. Однесувањето на потпирањето е онакво какво што се очекува, доволно тврдо да не ја наруши удобноста.

Сосема агилно се однесува во свиоци, добро лежи на патот  иако воланот е помалку нечувствителен на повратни информации. Улогата на електричната поддршка е да ја намали потрошувачката. Просечните 6,5 литри на 100 километри забележени при возењето се за дури 2,1 литар повеќе од декларираните 4,4 литри според WLTP, па ова отвора простор за дискусија.

Колку чини Оpel Corsa 1.2 MHEV?

Хибридизацијата го зема својот данок, најмногу преку цената. Таа се движи во рамките на останатите адекватни модели од групацијата Stellantis и изнесува 23.500 евра. Преку Шпаркасе Лизинг со учество од 20% (4.699 евра) и отплата на 72 рати работите стануваат полесни. Месечната рата изнесува разумни и достапни 329 евра.

Заклучок

Накратко кажано Оpel Corsa 1.2 MHEV е модернизиран класик. Иако има благ хибриден систем задржани се класичните вредности на „старите добри автомобили“.

Аналогни инструменти збогатени со дисплеи, стартување на моторот со клуч, автоматски менувач на прекинувач и лопатки за менување на брзините… Сето тоа дава еден посебен шарм. Традиционално добрите возни својства, лесното користење во сообраќајот и разумната цена на одржување се главните аргументи на Corsa, атрибути кои ќе ги ценат романтичарите кои се уште сакаат да возат автомобил, а не таблет на тркала.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER