Светот на големите тркала во Америка бавно се менува, а кога се менува тешко е да се разграничи што е еволутивно а што револуционерно.
Таков е впечатокот и со најновиот адут на тамошната филијала на Volvo Trucks, новата генерација на тешкиот влекач со ознака VNL. Иако ги има задржано сите основни карактеристики што ги дефинираат американските камиони од оваа категорија, кај него многу работи се сосема нови. Затоа и велат дека поставува нови индустриски стандарди во транспортот на товар низ земјата. Типично конзервативниот изглед со долг нос е испеглан со суптилно заоблени рабови и модерни елементи. Оптимизацијата на аеродинамиката заедно со новите технолошки решенија ја подобруваат ефикасноста во потрошувачката на гориво за околу 10 отсто.
Сосема новата платформа е предвидена за примена на разни погонски опции, вклучувајќи ги електриката, водородот и дизел моторите кои работат на био или синтетички горива. За прв пат во северноамериканската транспортна индустрија применета е инсталација од 24 волти, а новите активни безбедносни системи претставуваат основа за потполно автономно возење. Новиот Volvo VNL ќе биде достапен со шест конфигурации на кабината, од кои поголемите располагаат со целосно функционален простор за удобен престој на долгите трансконтинентални патувања. За овој камион кој ќе се продава само на Новиот Континент се предвидени четири верзии на новата генерација Volvo D13 мотори во распон од 405 до 500 коњски сили.