Скроен за земјата на слободните
Иако имаше амбиции да се продава во Европа, VW Atlas остана верен на Американците
Volkswagen уште во 2017-та го претстави големиот Atlas развиен според вкусот на американските купувачи. Тогаш за да не остави ниту едно парче од пазарот непокриено ги истражуваше можностите за негово лансирање и во Европа, посебно на неговата Cross верзија.
Тоа не се случи, а нема ни сега кога овој голем теренец е детално обновен. Според одговорните во американската филијала на Volkswagen тој е првиот модел на марката наменет за Новиот Континент и како таков стана главен играч на пазарот. Затоа и новите верзии продолжуваат да го градат тој успех.
Во тоа ќе им помогнат подобрените технологии, унапредениот дизајн и поквалитетните материјали. Однадвор нов е изгледот на предниот дел кој сега повеќе се разликува кај двете изведби. Широката маска е обрабена со ЛЕД светла со нов систем за прилагодување на снопот. Над неа се протега осветлена лента, а и амблемот на марката исто така е осветлен. Содржината на внатрешноста е подигнато едно ниво повисоко, посебно во поглед на поврзаноста.
Достапно е амбиентално светло со избор од 30 различни бои, а инструмент таблата има иновативен дизајн со позадинско осветлување. Електрониката дозволува ограничено полуавтоматско возење кое во град предупредува на препреки а на отворен пат ги одржува растојанието и брзината со другите возила.
Големиот V6 мотор е исфрлен од понудата и место него ќе се вградува исклучиво дволитарски турбо агрегат со 269 коњски сили. Пренесувани преку осумстепен автоматски менувач стандардно на предните тркала а со доплата и на сите четири, Atlas ќе може да повлече приколка тешка 2,3 тони. Деталните спецификации и цените ќе бидат објавени пред неговото пазарно лансирање во третиот квартал годинава.



