Го возевме Volvo XC40 :: Во многу нешта прв

Во многу нешта прв

Петти нов модел и трет SUV во понудата на Volvo е, но во многу нешта XC40 е прв
Објавено на 21 март 2018 година
автор: Зоран Коцев

Го нарекувавме мал, но тој дојде на сцената во голем стил – уште пред да започне целосно да ги освојува купувачите XC40 беше прогласен за европски автомобил на годината, станувајќи прв модел на Volvo што се закити со оваа престижна награда. Прв е и во многу други нешта. Со него започнува серијата 40 и прв модел е што е поставен е на новата компактна модуларна платформа на која ќе се темелат и електричните автомобили на Volvo и Geely. Прв претставник е и на идната мобилност како Швеѓаните ја замислуваат. Заради сé што е, тој е голема новост не само за Volvo, туку за целиот сегмент. Со него премиерно се запознавме во Крањска Гора и околината, каде беа организирани првите пробни возења за регионов. А таму нé пречека време исто како ова сега кај нас – со температура малку над нулата и мирис на снег. Има ли нешто подобро од запознавањето со нов шведски автомобил во шведски амбиент, се запрашавме.

Volvo XC40

Volvo XC40 засега се нуди во дизелска верзија со 190 и бензинска со 247 KS, а набргу во понуда ќе се најдат и послабите мотори

Одговорот го дознавме утредента. Нé разбудија ратраците, што беше знак дека снегот завладеал со познатиот словенечки скијачки центар. Навистина беше така и едвај дочекавме да заврши брифингот на кој домаќините нé запознаа со рутата со која беше предвидено возење околу Јулиските Алпи – до соседна Италија и враќање преку Австрија. Во содржајното и сеопфатно претставување на новиот модел прво што ни кажаа е дека Volvo XC40 не е кросовер туку вистински SUV. Добро, можеби е игра на зборови и различно толкување на различни термини за едно те исто, но факт беше дека компактниот спортски теренец на живо изгледа поголем отколку на слика. До толку што самите се преиспитувавме за неговото позиционирање како конкурент на Range Rover Evoque, Audi Q3 и BMW X1 – да не случајно е поголем а ние згрешивме под влијанието на вестите во кои беше најавуван како новиот мал кросовер на Volvo.

Volvo XC40

Volvo XC40 Со својот модерен впечатлив дизајн, мноштвото технологии и бројните практични вредности, XC40 го заслужува своето место во мегапопуларниот сегмент на премиум компактни SUV модели

Сепак должината од 4,43 и широчина од 1,86 метри го сместуваат токму покрај угледните конкуренти. И цената, како што дознавме подоцна. Но затоа нешто поголемата височина од 1,65 метри и храбриот дизајн кој ги поврзува шведскиот перфекционизам и посветеноста секој детаљ да им го олеснува животот на неговите сопственици му дава силен карактер и младешки пркосен изглед кој го прави поголем. Директната споредба со поголемите XC90 и XC60 ја покажува еволуцијата на стилското изразување кое ги има трансформирано елегантните линии на поголемите браќа во поагресивно и помало пакување. Скандинавска култура длабоко вкоренета во идентитетот на Volvo отсекогаш фасцинирала, но чувството за совршеност кај овој модел доаѓа од други нешта. Наменет е за помладите урбани купувачи кои водат активен живот заради што не му недостасуваат ниту шминкерски детали. На прв поглед сé е очекувано јасно и промислено, но и логично истакнато со одредена доза карактерност. Препознатливата шестаголна маска и карактеристичните предни ЛЕД светла со облик на чеканот на Тор прават да биде еден од најоригиналните модели на пазарот. Не е намалена верзија на XC60, што се согледува од свежиот пристап со кој е изведена силуетата. На неа владее карактерната странична линија која се протега од профилираниот поклопец на моторот до задните масивно изведени столбови. Тие како дизајнерска специфичност на овој модел во споредба со број-два поголемите браќа би биле визуелно доминанти и би пречеле на погледот да не се длабоко профилираните врати кои ја постигнуваат рамнотежата на изгледот кој и понатаму го негува типичното строго стилизирање.

видео

Дека е исполнет со разни системи за безбедност и асистенција кои возењето го прават опуштено сосема е излишно да споменуваме

Скандинавскиот дух не недостасува ни внатрешноста каде познатиот амбиент благородно е искомбиниран со натпросечниот Volvo квалитет. Но по сопствена мерка, со која најмалиот и во моментов најинтересен шведски автомобил ќе ги остварува големите планови за иднината. Меѓуоскиното растојание од 2,7 метри обезбедува пространост за пример. Зад управувачот се седи високо но не премногу, а ниту патниците назад нема да се пожалат. Управувачот пријатно лежи во рацете, сите прекинувачи се на своето место а пластиката каде можело е заменета со поквалитетен на допир материјал. Пред очите на возачот се наоѓа 12,3-инчна дигитална инструмент табла, а на средината 9 инчи големиот дисплеј чувствителен на допир. Тој е централно место на „нервниот систем“ преку кој се остварува поврзаноста на возачот, возилото и околината. Токму како визијата од која Volvo ја црпи инспирацијата за тоа каков во иднина ќе ни биде соживотот со возилата. Од страна сместените вертикални отвори за вентилација стилизирани во духот на осумдесеттите години делуваат оригинално, исто како и минијатурна рачка на менувач кој се контролира електронски, без сајли или било каква механичка врска со менувачката кутија. Високоприлагодливиот багажник не е најголем но со своите од 460 литри сосема е пристоен, а меѓу многуте места за ситници се најде и специјален простор кој служи како мала канта за отпадоци. Фиоките под седиштата, страничните џебови на вратите во кои собира дури и лаптоп, безжичното полнење на мобилниот телефон и другите умни решенија му даваат голема употребна вредност и не оставаат многу место за критики во поглед на практичноста на Volvo XC40. Мислено е и на персонализацијата која е овозможена со различна боја на покривот, тркала од 17 до дури 21 инч, четири основни пакети опременост и бројни додатоци и дополнителни опции, а љубителите на добриот звук ќе можат да уживаат во Harman Kardon аудио системот со 13 звучници.
Volvo XC40

Простор, комфор, ергономија, функционалност, богатата опрема…

Volvo XC40

Додека слушавме за сето ова, тест возилата надвор подготвено чекаа да нé запознаат и со своите моторни карактеристики. Снегот беше престанал да паѓа, а летните гуми со кои по игра на случајот беше опремено нашето пробно возило ветуваа полесно досегнување до крајните можности на подвозјето и електрониката. За жал патиштата веќе беа исчистени и нам ни остана да уживаме во мекото и комфорно возење дури и на лош асфалт. Очекуваната германска тврдост ја немаше, но затоа навалувањето на каросеријата во острите свиоци предупредуваше дека во нив се влегува пребрзо. Осумстепениот автоматски менувач одлично си ја вршеше работата, а моторот силно влечеше во сите режими. Неговите 190 дизелски коњски сили и дури 400 њутн-метри максимален вртежен момент извлечени од двата литра работна зафатнина добро се носеа со тежината од дури 1,7 тони, која сепак се чувствуваше во возењето. Забележливо беше дека е за нијанса-две помрзлив отколку што очекувавме и отколку што кажуваат техничките податоци во кои во графата за забрзување до 100 km/h пишува дека за тоа му требаат 7,9 секунди. Во сегашната моторната понуда XC40 е достапен уште и со бензинскиот дволитарски турбо мотор со 247 KS. Погонот на сите четири тркала е сериски и кај двете верзии. Летово ќе пристигне со послабиот дизел мотор со 150 коњи, како и со трицилиндричните бензинци со 156 и 190 коњски сили, со погон на предните тркала и мануелен менувач со 6 степени. Вниманието ни го привлекоа и нивните цени за земјите од регионов, кои се доста интересни. Цените за Македонија сé уште се подготвуваат па затоа мора да ни верувате на збор дека е така.

Volvo XC40

основни податоци Volvo XC40
T5 D4
зафатнина (cm³): 1.969 1.969
силина (KS/min-1): 247/5.500 190/4.000
вртежен момент (Nm/min-1): 350/1.800-4.800 400/1.750-2.500
димензии (mm): 4.425×1.863×1.652
меѓуоскино растојание: 2.702
багажник (dm³): 460/1.336
максимална брзина (km/h): 230 210
забрзување 0-100 km/h: 6,5 7,9
просечна потрошувачка (l/100 km): 7,1 5,0
емисија на CO₂ (g/km): 164 131

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER