Третиот мускетар со нова архитектура
Partner и Berlingo добија нов братучед со кој родбински по прво колено се поврзани
Објавено на 28 јуни 2018 година
Opel продолжува со реставрирањето на својата понуда по француски терк – најновиот член на германското семејство е доставниот мултиталент Combo, кој во своите претходни генерации доживеа доста трансформации. Сега иднината му е сосема извесна – базиран е на француската архитектура и настапува како братучед од прво колено со Partner и Berlingo. Тоа значи дека од нив ги има наследено сите позитивности, на кои им се додадени особеностите на Opel-овите возила. Пред сé во дизајнот, бидејќи Combo, какво и да му е потеклото, отсекогаш бил препознатлив како Opel. А за овој од Риселсхајм велат дека е најдобриот направен било кога. Веројатно имаат право, бидејќи првиот беше прв, од сопствена конструкција, вториот беше ребрендиран Fiat Doblo кој доаѓаше од Турција, а сега е тоа што е – трет француски мускетар со германско име и презиме.
Но како и да е, има со што да се пофали – зафатнина на товарниот простор до 4,4 m³, носивост до 1.000 kg, екстра прилагодлив, достапен во две должини со бројни технички иновации и удобност на патнички автомобил. Дека навистина е тоа купувачите ќе можат да се уверат веќе од септември, кога ќе му започне продажбата.