Автоматски менувач и поголем вртежен момент
Ентузијастите низ дел од светот имаат нова причина да бидат возбудени – Toyota ја унапреди GR Corolla. Инженерите го модифицираа 1,6 литарскиот мотор кој ги задржа истите 300 коњски сили но доби вртежен момент зголемен на 400 њутн-метри. Тоа заедно со спортски подесениот осумстепен автоматски менувач кој има сопствен систем за ладење ветува подобра динамика во возењето, а кој сака може да добие и шестстепена мануелна трансмисија. Оптимизирани се и некои други компоненти сé со цел да се подигнат перформансите на уште повисоко ниво, за што придонесува и launch-control системот. Но Toyota не кажува за колку време ќе достигне 100 километри. Управувањето е попрецизно, ослонувањето усовршено а диференцијалите со ограничено пролизгување ќе бидат стандардни. Направени се и некои умерени визуелни промени, вклучително и редизајнираниот преден браник кој го подобрува ладењето на моторот и сопирачките.
Цените не се објавени, а не е познато ниту дали освен во Јапонија, Северна Америка, Австралија и грст избрани земји како досега, овој модел ќе биде понуден и во други региони.