Нови адути за подобри пазарни резултати
Отсуството на значајни изложувачи меѓу кои годинава ги немаше ни сите домашни, а уште повеќе недостатокот од вистински новитети, на површина ги исфрлија вистинските претенденти на американскиот пазар
Благо ќе биде да се каже дека Toyota на салонот во Лос Анџелес предизвика тектонски поместувања во својата понуда. Исфрлајќи го доста популарниот кросовер Venza, создаде пазарен простор за сосема новиот Crown Signia, со кој јапонската гама на својата нова субмарка ја зголеми на четири члена и прошири надвор од матичниот пазар. Со сосема поинаков изглед од било кој друг модел на марката, овој кросовер најавува нови ветришта во компанијата, можеби предизвикани и од смената на раководството. Колку ќе бидат успешни допрва ќе дознаеме, но дека Crown Signia ќе биде успешен нема двоумење. Во механичка смисла е доста близок со протеренската лимузина Crown Crossover, делејќи ја веќе одомаќинетата платформа со попречно вграден мотор и класично ослонување на предните погонски тркала. Во должина се растега на скоро пет метри, а и според другите габарити ја пополнува празнината настаната со укинувањето на Venza. Разликите од него се што тој не е клон на веќе постоечки модел наменет за јапонскиот пазар и прилагоден за Американците, туку сосема нов играч во арената на оваа силна класа на Новиот Континент. Плус на тоа располага и со поинакви и модерни конструктивни решенија со кои сигурно повеќе ќе ги заинтересира американските купувачи.
Генерално гледано, може да се каже дека неговиот стил кореспондира со основната дизајнерска идеја на која почива Crown семејството, но со поголема софистицираност што се забележува низ целиот модел. Светлата на пример се уредно затскриени под положената линија, додека задниот дел елегантно е порамнет со светлосната група. Атипичноста е исфрлена и целокупната слика е пополнета со релативно кратките превиси и минималната употреба на пластика.
Внатре доминантно место заземаат екраните на виртуелната инструмент табла и мултимедијалниот систем со дијагонала од по 12,3 инча секој. Пополнетоста на централната конзола со технологии е во согласност со времето во кое живееме, а не недостасуваат ниту нешта како загреваните седишта, премиум озвучувањето, кожениот ентериер или тркалата од 21 инч.
Toyota Crown Signia ќе биде задвижувана само со хибриден погонски склоп со погон на сите четири тркала. Атмосферскиот бензинец од 2,5 литри испорачува 246 коњски сили во содејство со три електромотора, од кои два помагаат предните тркала да бидат поживи, а третиот е на задната оска. Необично е што чисто електричниот режим е можен само при мали брзини и на кратки релации, заради што веројатно не е објавен капацитетот на батериите. Но ваквото решение сигурно ќе се смени бидејќи веќе е најавена плаг-ин изведба.
Покрај во Америка, Toyota Crown Signia би требала да биде достапна и во Јапонија, Кина и останатите азиски земји, додека Европа останува надвор од периметарот на нејзиниот пазарен поход.
За разлика од овој кросовер, со вториот лосанџелски новитет Toyota не експериментираше многу. Не ни смееше бидејќи се работи за новата генерација на Camry кој важи за најдобро продавана лимузина во соединетите американски држави. Измените во однос на досегашниот модел се еволутивни но суштински, така што Camry отсега во Америка ќе се нуди само како хибрид со два електромотора напред и трет за задната оска. Надворешниот изглед е многу сличен, но затоа ентериерот е целосно редизајниран. За некои промени на платформата нема информации, туку само се споменува реконфигурација на ослонувањето за подобрување на управливоста и комфорот во возењето. Сосема е извесно дека овој модел ќе се појави и на европскиот пазар, но засега не се знае кога.