тест Ford Focus 1.0 EcoBoost 125 :: Важно е да се биде во фокусот

Важно е да се биде во фокусот

Ford отсекогаш знаел да направи автомобил што ќе им се допадне на купувачите, каков што е и новиот Focus
Објавено на 12 јануари 2019 година
автор: Зоран Коцев

Со Focus добро се познаваме уште од првата генерација, од пред дваесет години. Неговото појавување тогаш претставуваше вистинска револуција во конзервативното портфолио на марката, заради што Focus веднаш се закити со титулата „Автомобил на годината” во Европа. На прв поглед привлекуваше со својот остар изглед, а купувачите беа воодушевени и со однесувањето во возењето. Но Ц-сегментот е доста динамичен терен на кој непрекинато се менуваат односите на силите меѓу производителите и затоа ракавицата во лице на конкуренцијата треба наново и наново да се фрла. А тоа Ford со секоја нова генерација или редизајн на Focus го правеше. Понекогаш знаеше да игра на сигурна карта и да не провоцира многу, но сепак настапуваше смело.

Складно одмерен, со својот ниско спуштен преден дел и спортската силуета, Focus изгледа доста хармонично

Така е и со сегашниот модел. Изгледот му е еволуција на претходникот, но некои скриени стилски пораки го прават привлечен иако на оние што го гледаат не им е јасно зошто. Генерално гледано дизајнот му е поагресивен, покомплексен и поаеродинамичен и тој во моментов е еден од најатрактивните модели во класата. Модерната и привлечна приказна од надворешноста прилично добро е повторена и во внатрешноста. На прв поглед таа не изгледа пространо, но сепак е – ниту јас со своите 196 сантиметри немав никакви проблеми со сместувањето и удобноста во возењето. Да имаше некој зад мене можеби немаше да мисли така, но сепак Focus е возило од компактната класа и повеќе не ни треба да се очекува. Не очекувавме ниту ентериерот да биде доработен до најситните детали, но тој е токму таков. Преовладуваат квалитетните материјали, а на ергономијата кај возилата на Ford никогаш сме немале замерки. Можеби на зафатнината на багажникот, но сепак сегашните 375 литри на Focus се оптимална мерка за возило со ваква големина.


Возачкото опкружување е интуитивното и ергономски доста добро организирано

Голем акцент е ставен на опремата – дури и преголем затоа што тоа се чувствува на цената, која кај тестираниот модел со Titanium Bussines пакет се искачи дури до 24.200 евра. Во него може сé да се најде – од адаптивниот темпомат и системите за избегнување судар и автономно паркирање, до активните светла кои не зависат само од свртеноста на управувачот туку со помош на камерата ги следат линиите на патот. Може да се добие и со FordPass Connect системот кој овозможува надзор на параметрите и некои контроли над возилото по пат на апликација за паметен телефон. Екранот чувствителен на допир, head-up дисплејот, софистицираниот Bang & Olufsen аудио систем и сличните додатоци не треба ни да ги споменуваме.

Ford со Focus испиша некои од најзначајните страници на историјата на компактните модели

Арсеналот на Focus во битката за купувачите е доста шаренолик. Тие можат да бираат меѓу хечбек, седан и караван изведбите, во кои се вградуваат три бензинци и два дизела кои доаѓаат со вкупно осум различни силини – од 95 до 182 коњски сили. Го испробавме според нас најинтересниот и најпровокативен модел опремен со еднолитарскиот EcoBoost со 125 коњи. Повеќекратно наградуваниот трицилиндричен агрегат е опремен со цела низа напредни технологии, како што се турбо компресорот, променливото управување со брегастите оски и директното вбризгување на горивото во цилиндрите. Сето заедно спакувано става на располагање 170 Nm максимален вртежен момент. Иако наизглед ваквата моторизација се чини првенствено наменета за град, Focus со овој мотор сосема солидно се однесува на отворен пат. На брзи свиоци или нагорнини тешко ја сокрива малата работна зафатнина, но возна динамика не му недостига. Сопирачките се повеќе од одлични, а на управливоста добро би и дошло малку подиректно чувство. Но Focus затоа одлично го држи правецот при сите брзини, дури и кога ќе го испуштите управувачот од раце. Тоа заедно со цврстото ослонување го прават возењето уживање како во спортски автомобил. Малку недостасува резок звук на моторот, но не може сé да се има, нели?!

Позитивната слика за Focus ја дополнува добро одмерената возна динамика, а нарушува цената која започнува од 17.900 евра

Ford со Focus отсекогаш имал единствена цел – да биде достојна алтернатива на европскиот бестселер. Тоа малку тешко му одеше, но со овој модел е направен значителен чекор нанапред. Сега Focus е скалило над поранешните генерации и за него се зборува дека е ново мерило во компактната класа според кое ќе се стремат конкурентите – вклучувајќи го и новиот Golf кој ќе се појави есенва. Focus не се продава како него, но отсекогаш бил во фокусот на купувачите, кои досега ги освои повеќе од 16 милиони ширум светот. Да не беше ценовната политика на Ford таква каква е, сигурно ќе беа повеќе.

основни податоци Ford Focus 1.0 EcoBoost 125
мотор: 3 цилиндри, 4 вентили по цилиндар, директно вбризгување на горивото, турбо компресор, 998 cm³, 125 KS при 6.000 min-1, 170 Nm при 1.400-4.500 min-1
трансмисија: мануелен менувач со 6 степени или автоматски со 6 степени, погон на предните тркала, пневматици со димензии 195/60 R16
каросерија: хечбек со 5 врати, 5 седишта, 4.378×1.825×1.452 mm, меѓуоскино растојание 2.700 mm, тежина 1.322 kg, максимална тежина: 1.855 kg, багажник: 375/1.354 dm³, резервоар 47 литри
перформанси: максимална брзина 200 km/h, забрзување 0-100 km/h за 10,0 секунди, потрошувачка отворен пат/град/просек 4,1/5,9/4,8 l/100 km, емисија на CO₂ 107 g/km
цена: 19.300 евра со Trend опременост (Titanium Bussines +4.900 евра)

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER