Што е многу, многу е – за тоа колку Илон Маск ги исполнува своите ветувања светот доста добро знае, но никој не можеше да претпостави дека лансирањето на втората генерација на Tesla Roadster ќе доцни цели пет години. Моделот беше претставен 2017-тата со најава дека производството ќе му започне за три години, односно во 2020-тата.
Дури се започна и со примање нарачки за него. Но како времето течеше така електричниот двосед се одложуваше, кога за година, кога за две. На крај како цврста се најави сегашнава 2024-та, но и тоа се покажа дека е недостижно. Така неговите несудени купувачи ќе мора да почекаат барем уште една година. За возврат Маск им вети дека ќе добијат спортски автомобил кој до сто километри на час ќе забрзува за помалку од секунда, за што ќе биде задолжени десетина мали ракетни мотори. Светот веднаш започна да полемизира дали тоа воопшто е можно, но вистинското прашање е дали да му веруваме на Илон Маск.



