Така е, горивата поскапеа…
Објавено на 9 јули 2018 година
…Ама ако е за утеха, само малку – колку да не забележиме дека од утре ќе плаќаме за денар повеќе за бензинот и за половина денар за дизелот. Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија оваа своја одлука ја донесе врз основа на поскапувањето на просечната цена на суровата нафта на светскиот пазар која во изминатиот 14-то дневен период изнесуваше 75,90 долари за барел, односно за 2,78% повеќе од просечната цена според која се формирани тековните цени на нафтените деривати, на курсот на денарот во однос на доларот кој е за незначителни 0,212% понизок и на референтните цени на нафтените деривати кои забележаа зголемување кај бензинот за 2,79% и кај дизелот за 1,32%, што преведено во наши проценти според Методологијата за формирање на цените на нафтените деривати значи зголемување на рафинериските цени во просек за 2,18% и на малопродажните цени исто во просек за 1,41%. Поинаку кажано, од утре за литар еуросупер БС-95 ќе плаќаме по 72 денари, за литар еуросупер БС-98 по 74, а за литар еуродизел Д-Е V по 64 денари.
Треба да се спомене и тоа дека Макпетрол ја зголеми цената на метанот, од кој сега килограм чини 35 денари. Цената на LPG авто-плинот останува иста – 32,50 денари за литар.