Четврт век градска револуција
Легендарната марка мали градски автомобили наново процветува со помош на електриката
Пред три децении, Николас Хајек, основачот на познатиот швајцарски производител на часовници Swatch, дојде на идеја производствениот концепт на својата линија часовници претежно наменети за млади да го примени и кај автомобилите кои би имале безбројни можности за персонализација. Mercedes пак претходно сакаше да развие мал градски автомобил со кој ќе лансира сосема нов сегмент. Првобитно Хајек се обрати на Volkswagen, а откако после две години работа Фердинанд Пих кој дојде на чело на компанијата го прекина проектот, започна соработката со Daimler. Хајек цврсто веруваше дека автомобилската индустрија ги игнорира потенцијалните купувачи кои сакаат мал и стилски градски автомобил, што набргу беше реализирано – така во 1998 година се роди Smart.
Успехот беше неминовен – малото автомобилче едноставно беше на мода. Но огромните вложувања и покрај феноменалната продажба не донесоа профит. Хајек набргу се повлече од заедничката компанија а Mercedes на неколку пати на различни начини се обидуваше да го извлече Smart од пропаст и спаси од заборав. Добитната формула беше пронајдена дури во 2019-тата со вклучувањето на кинескиот Geely во бизнисот и сега на Smart му претстои нов процвет благодарејќи најмногу на електрификацијата што марката ја негува од 2007-мата.